Јов 20 - Свето Писмо (Гаврилова) 1990(MK1990)

Вториот говор на Софар: радоста на безбожниците не трае долго.

1Проговори Софар и рече:

2»Размислувањата мои ме поттикнуваат да одговарам, брзам да ги искажам.

3Срамен прекор чув за мене, но духот на мојот разум ќе одговори за мене.

4Зар не знаеш ти дека е тоа од памтивека, – откога е човекот поставен на земјата,

5дека славата на беззакониците е краткотрајна, и радоста на лицемерниот е за миг?

6И до небесата да се издигне величието негово, и до облаците да се допира главата негова, –

7тој засекогаш ќе пропадне, како и гадотиите негови; оние што го виделе, ќе кажат: – каде е тој?

8Како сон ќе одлета, и нема да го најдат; како ноќно привидение ќе исчезне.

9Кое око го видело, повеќе нема да го види, и местото негово повеќе нема да го зебележи.

10Синовите негови ќе им се умилкуваат на сиромасите, и рацете негови ќе го вратат она што го ограбил

11Коските негови се полни со гревови на младините негови, со него ќе легнат тие во земјата.

12Ако злото е слатко во устата негова, и тој го крие од јазикот свој,

13го чува и не го фрла, туку го држи во устата своја, –

14сепак таа храна во утробата негова, внатре во него, ќе се претвори во змиски отров.

15Ќе го изблуе доброто што го голтнал: Бог ќе го исфрли од стомакот негов.

16Змиски отров ќе смука тој; јазикот на змијата ќе го умртви.

17Нема да види потоци и реки од мед и млеко.

18Спечаленото со труд ќе го врати, нема да го изеде; според имотот негов ќе стане и плаќањето негово; и тој нема да се зарадува.

19Зашто јадеше и ги напаѓаше сиромасите; заграбуваше куќи што не ги беше градел;

20не знаеше ситост во стомакот свој, и во жедта своја ништо не штедеше.

21Ништо не се откинуваше од лакомоста негова, затоа и радоста негова нема долго да потрае.

22При полно изобиле, тесно ќе му биде; рацете на сиромасите ќе се кренат врз него.

23Кога има со што да го наполни стомакот негов, Тој ќе ја примени врз нега јароста на Својот гнев и ќе истури како дожд врз него болести во телото негово.

24Ќе избега ли од железното оружје, – бакарен лак ќе го прободе.

25Пуштената стрела ќе мине низ телото негово, ќе излезе со својот болскав врв низ жолчката негова; ужасите на смртта ќе се нафрлуваат врз него!

26Сѐ што е мачно и сокриено во него, ќе го гори оган, од никого не раздуван; зло ќе ги снајде и другите во шаторот негов.

27Небото ќе го открие беззаконието негово, а и земајта ќе се крене против него.

28Ќе исчезне богатството на куќата негова; сѐ ќе се растури во денот на гневот Божји.

29Тоа е делот од бога за беззакониот човек и наследство, определено за него од Вседржителот!«

Blog
About Us
Message
Site Map

Who We AreWhat We EelieveWhat We Do

Terms of UsePrivacy Notice

2025 by iamachristian.org,Inc All rights reserved.

Home
Gospel
Question
Blog
Help