1 Царства 23 - Свето Писмо (Гаврилова) 1990(MK1990)

Давид го ослободува градот Кеил.

1Го известија Давида и рекоа: »Ете Филистејците го нападнаа Кеил и ги разграбуваа гумната.«

2А Давид го запраша Господа, велејќи: »да одам ли и да ги поразам ли тие Филистејци?« И Господ му одговори на Давида: »Оди, ти ќе ги поразиш Филистејците и ќе го спасиш Кеил.«

3Но оние што беа со Давида, му рекоа: »Ете, ние се плашиме тука во Јудеја, па како ќе одиме во Кеил против филистејските групи? Ние ќе паднеме во ропство кај Филистејците.«

4Тогаш Давид пак Го запраша Господа, а Господ му одговори и рече: »Стани и оди во Кеил, зашто Јас ќе ги предадам Филистејците во твои раце.«

5И Давид отиде со луѓето свои во Кеил, се биеше со Филистејците, го отепа нивниот добиток и им нанесе голем пораз, и Давид ги спаси жителите на Кеил.

6Кога Авијатар, Авимелеховиот син, избега при Давида и отиде со него во Кеил, тој беше донел со себеси и ефод.

7Му јавија на Саула, дека Давид дошол во Кеил, и Саул рече: »Бог го предаде во рацете мои, зашто тој се затвори, влегувајќи во град кој има порти и резиња.«

8И го свика Саул целиот народ во војна, за да отиде против Кеил, да го опколи Давида и луѓето негови.

9Кога Давид дозна, дека Саул намислил лошо против него, му рече на свештеникот Авијатар: »Донеси го ефодот Господов.«

10Тогаш Давид рече: »Господи, Боже Израилев! Твојот слуга чу, дека Саул сака да дојде во Кеил, и да го уништи градот поради мене.

11Ќе ме прададат ли Кеилците во рацете негови? И ќе дојде ли тука Саул, како што чу твојот слуга? Господи, Боже Израилев, јави му на слугата свој.« И рече Господ: »Ќе дојде.«

12Давид пак праша: »Ќе ме предадат ли Кеилците мене и моите луѓе во Сауловите раце?« И Господ му рече: »Ќе ве предадат.«

13Тогаш стана Давид и луѓето негови, околу шестотини души, излегоа од Кеил и отидоа, каде што можеа. А на Сула му јавија, дека Давид избегал од Кеил, и тогаш тој го измени походот.

14А Давид престојуваше во пустињата во непристапни места и потоа на планината во пустињата Зиф. Саул го бараше секој ден; но Бог не го предаде Давида во рацете негови.

15И Давид виде, дека Саул излегол да ја бара душата негова; Давид тогаш беше во пустињата Зиф во гората.

16И Сауловиот син Јонатан стана, дојде кај Давида во гората и го поткрепи со надежта на Бога,

17и му рече: »Не плаши се, зашто раката на татко ми Саула нема да те најде, и ти ќе царуваш над Израилот, јас, пак, ќе бидам втор по тебе; и Саул, татко ми, го знае тоа.«

18Тогаш склучија меѓу себе завет пред лицето на Господа; и Давид остана во гората, а Јонатан отиде во домот свој.

19И дојдоа Зифејци при Саула во Гива и рекоа: »Ете, Давид се крие при нас по недостапни места, во планината, на ридот Ехелат, десно од Јесимон.

20Затоа, ако сака душата твоја, цару, дојди; а наша работа ќе биде да го предадеме во рацете на царот.«

21И рече Саул: »Да ве благослови Господ, што сте ме пожалиле;

22одете, уверете се уште, испитајте и разгледајте го местото негово, каде што е ногата негова, и кој го виде таму, бидејќи ми велат, оти е тој многу итар;

23разгледајте и испитајте за сите прибежишта, во кои се крие тој, и вратете се кај мене со точно известие; тогаш јас ќе отидам со вас; и ако тој е во таа земја, ќе го барам по сите Јудини војводства.«

24И станаа и отидоа во Зиф пред Саула. А Давид и луѓето негови беа во пустињата Маон, во рамнината, десно од Есимон.

25Потоа отиде Саул со своите луѓе да го бара. Но му јавија на Давида за тоа, и тој слезе при карпата и остануваше во пустињата Маон. Саул чу и се пушти по Давида во пустињата Маон.

26Саул одеше на едната страна од планината, а Давид со луѓето свои беше од другата страна на планината. И кога Давид брзаше да се оддалечи од Саула, а Саул со луѓето свои одеше да го заобиколи Давида и луѓето негови, за да ги фати,

27тогаш дојде при Саула известувач и рече: »Побрзај и дојди, бидејќи Филстејците ја нападнаа земјата.«

28И се врати Саул од гонењето на Давида и отиде против Филистејците; затоа и го нарекоа тоа место: Села – Хамаклекот (камен на разделба).

Blog
About Us
Message
Site Map

Who We AreWhat We EelieveWhat We Do

Terms of UsePrivacy Notice

2025 by iamachristian.org,Inc All rights reserved.

Home
Gospel
Question
Blog
Help