Исус Навин 3 - Свето Писмо (Гаврилова) 1990(MK1990)

Синовите Израилеви минат преку Јордан не навлажнувајќи ги нозете.

1Тогаш Исус стана рано утредента, и тргна од Ситим и дојде до Јордан, тој и сите синови Изриалеви, и застанаа таму пред да го минат.

2По три дена тргнаа управителите низ логорот,

3и им заповедаа на луѓето, велејќи: »Кога ќе го видите ковчегот на заветот Господов, вашиот Бог, и свештениците наши, левитите, да го носат, тргнете и вие од местото ваше и одете по нив.

4Но растојанието меѓу вас и нив да биде околу две илјади лакти; не се доближувајте до него, за да го знаете патот, по кој ќе одите; зашто вие не сте оделе по тој пат ни вчера ни завчера.«

5И му рече Исус на народот: »Исчистете се утре рано, бидејќи Господ ќе изврши меѓу вас чудеса.«

6На свештениците, пак, им рече Исус: »Земете го Ковчегот на заветот и одете пред народот.« Свештениците го зедоа Ковчегот на заветот и тргнаа пред народот.

7Тогаш Господ му кажа на Исуса: »Денес ќе почнам да те издигам пред очите на сите синови Израилеви, за да дознаат дека, како што бев со Мојсеја, така ќе бидам и со тебе.

8А сега заповедај им на свештениците, кои го носат ковчегот на заветот, и кажи им: штом ќе влезете во водите на Јордан, запрете во Јордан.«

9Исус им кажа на синовите Израилеви: »Дојдете ваму и чујте ги зборовите на Господа, вашиот Бог!«

10Уште им рече Исус: »Од тоа ќе дознаете дека меѓу вас е живиот Бог, Кој ќе ги изгони од вас Хананејците и Хетејците, Евејците и Ферезејците, Гергесејците, Аморејците и Јевусејците;

11ете, ковчегот на заветот Господов на целата земја ќе тргне пред вас преку Јордан;

12и земете си дванаесетмина луѓе од синовите Израилеви, по еден човек од секое племе;

13и штом нозете на свештениците, кои го носат ковчегот на Господа над целата земја, ќе стапнат во водите на Јордан, водата јорданска ќе се прекине, а водата што тече одозгора, ќе запре.«

14И така, кога народот тргна од шаторите свои, за да го мине Јордан, и свештениците го понесоа ковчегот на заветот Господов пред народот,

15тогаш, штом оние, што го несеа ковчегот на заветот Господов влегоа во Јордан, и нозете на свештениците, кои го носеа ковчегот, се наквасија во водите на Јордан; а Јордан пак, се излива од сите свои брегови за сето време во жетвата на пченицата.

16Водата, што течеше одозгора, запре и стана како карпа на многу големо растојание, од градот Адам, дури до пределот Зартан; а водата што течеше одозгора, почна да тече во морето, кое е солено море, сѐ додека не истече.

17А народот стоеше спроти Јерихон; кога пак свештениците, што го носеа ковчегот на заветот Господов, застанаа на суво среде Јордан, тогаш и сите синови Израилеви преминуваа на суво, додека целиот народ не го премина Јордан.

Blog
About Us
Message
Site Map

Who We AreWhat We EelieveWhat We Do

Terms of UsePrivacy Notice

2025 by iamachristian.org,Inc All rights reserved.

Home
Gospel
Question
Blog
Help