1Езекија стана цар на дваесет и пет години, и царуваше во Ерусалим дваесет и девет години; мајка му се викаше Авија, Захариева ќерка.
2Тој правеше она што беше угодно пред очите Господови, токму онака како и таткото негов Давид.
3Уште во првата година на царувањето свое, во првиот месец, тој ги отвори вратите на домот Господов и ги обнови;
4и им заповеда на свештениците и левитите да дојдат, ги собра на источниот плоштад
5и им рече: »Послушајте ме, левити! Сега осветете се, осветете го и домот на Господа, Бога на татковците ваши; исфрлете ја нечистотијата од светилиштето.
6Зашто татковците наши постапуваа незаконито и вршеа она што беше неугодно пред очите на Господа, нашиот Бог, Го оставија, го одвратија лицето свое од Господовото живеалиште, Му свртија грб,
7ја затворија вратата на притворот, ги угаснаа светилниците, не палеа кадило и не принесуваа сепаленици во светилиштето на израилевиот Бог.
8И гневот Господов беше врз Јудеја и врз Ерусалим, и Он ги предаде на презир, на опустошување и на потсмев, како што гледате со очите свои.
9Ете, татковците наши паднаа од меч, а синовите наши, и ќерките наши, и жените наши за тоа се во плен во туѓа земја досега.
10И сега имам на срце да склучам завет со Господа, Бог Израилев, та да го отстрани од нас пламенот на гневот Свој.
11Деца мои! Не бидете немарни, зашто Господ ве избра за да претстоите пред лицето Негово, да Му служите и да Му бидете служители и да кадите.«
12Тогаш станаа левитите: Махат, син Амасаев, и Јоел, син Азариев, – од синовите Каатови; и од синовите Мерариеви: Кис, син Авдиев, и Азарија, син Јехалелов; и од племето Гирсоново: Јоах, син на Зима, и Еден, син Јоахов;
13и од синовите Елисафанови: Симри и Јеиел; и од синовите Асафови: Захарија и Матанија;
14и од синовите Еманови; Јехиел и Симеј; и од синовите Идитунови: Семаја и Узиел.
15Тие ги собраа браќата свои, се осветија и отидоа по заповед на царот да го очистат домот Господов, според словото Господово.
16Свештениците влегуваа внатре во домот Господов, за да го очистат, и сето нечисто, она што најдоа во храмот Господов, го изнесоа во дворот на домот Господов, а левитите го зедоа тоа да го изнесат надвор кон потокот Кедрон.
17И почнаа да осветуваат на првиот ден од првиот месец, и на осмиот ден на истиот месец влегоа во притворот Господов; го осветуваа домот Господов осум дена, и на шеснаесеттиот ден од првиот месец завршија.
18Тогаш дојдоа во домот при царот Езекија и рекоа: »Го исчистивме домот Господов и жртвеникот за сепаленици, и сите негови садови, и трпезата за лебовите на предложението, и сите нејзини садови;
19сите садови што беше ги зафрлил царот Ахаз во текот на царувањето свое, во своето беззаконие, ги приготвивме и осветивме; ете, тие се пред Господовиот жртвеник.«
20Утредента рано царот Езекија стана, ги собра градските началници и отиде во домот Господов.
21И дотера седум телиња, седум овни, седум јагниња и седум козли – да ги принесат како жртва за грев, за царството, за светилиштето и за Јудеја; и им заповеда на свештениците, синови Аронови, да принесат сепаленици врз Господовиот жртвеник.
22И ги заклаа телците, а свештениците зедоа крв и го поросија жртвеникот; ги заклаа овните и го поросија со крв жртвеникот; ги заклаа јагнињата и го поросија со крв жртвеникот.
23Ги дотераа и козлите за грев пред царот и собранието, и тие ги положија врз нив рацете свои.
24Свештениците ги заклаа и го исчистија со нивната крв жртвеникот, за да се истријат гревовите на целиот Израил, зашто царот беше заповедал да се принесе сепалиница и жртва за грев за целиот Израил.
25И постави левити во домот Господов со кимвали, псалтири и гусли, според наредбите на Давида и Гада, јасновидец царски, и на пророкот Натан, бидејќи таа заповед беше дадена од Господа преку пророците Негови.
26И застанаа левитите со Давидовите свирки и свештениците со труби.
27Тогаш Езекија заповеда да принесат сепаленица врз жртвенкот. И кога почна сепаленицата, почна пеење на Господа со звуци на трубите и свирките на Давида, цар Израилев.
28И целото собрание се молеше, пеачите пееја и трубите трубеа, додека не заврши сепаленицата.
29А кога заврши сепаленицата, царот и сите, што беа при него, се наведнаа и се поклонија.
30Царот Езекија и кнезовите им рекоа на левитите да Го слават Господа со зборовите на Давида и јасновидецот Асаф; тие славеа со радост и се наведнуваа и се поклонуваа.
31Продолжи Езекија и рече: »Сега вие Му се посветивте на Господа: пристапувајте и принесувајте жртви и благодарствени принесувања во домот Господов.« И целото собрание почна да принесува жртви и благодарствени приноси, и на кого срцето му беше расположено – и сепаленици.
32А бројот на сепалениците, што собранието ги донесе, изнесуваше: седумдесет волови, сто овни, двесте јагниња – сето тоа за сепаленица на Господа.
33Други свештени жртви имаше: шестотини глави крупен добиток и три илјади ситен добиток.
34Но свештениците беа малку и не можеа да ги одерат кожите од сите сепаленици, па им помагаа браќата нивни левитите, додека се сврши работата и додека се осветија другите свештеници, зашто левитите беа поусрдни во освештението свое, отколку свештениците.
35А притоа имаше многу сепаленици со масни меса од мирните жртви и со преливи врз сепаленицата. Така беше востановено служењето во домот Господов.
36И се радуваше Езекија и целиот народ, поради тоа што Бог така го расположи народот, бидејќи тоа стана неочекувано.
Who We AreWhat We EelieveWhat We Do
2025 by iamachristian.org,Inc All rights reserved.