Мудрост Сирахова 47 - Свето Писмо (Гаврилова) 1990(MK1990)

Натан. Соломон. Ровоам. Јеровоам.

1По него се издигна Натан – пророкуваше во деновите на царот Давид.

2Како мрсот што се одделува од мирната жртва, така Давид беше одделен од синовите Израелски.

3Со лавовите си играше како со јариња, а со мечките како со јагниња.

4Во младоста своја тој зар не уби исполин и со тоа не ја ли симна навредата од народот,

5и кога рака крена со камен во прачка, зар не го понизи гордиот Голијат?

6Тој повика кон Господа Севишен и Господ ѝ дал сила на десната негова рака – да го понизи тој силен за борба човек и да ја издигне силата на народот свој.

7Затоа народот со десетки илјади го величеше, прославувајќи Го Господа, како достоен за славен венец,

8зашто ги победи непријателите и ја смири силата на филистејците, така што и до дненес силата нивна е скршена;

9по секое свое славно дело тој Го прославуваше Господа, благодарејќи му на Севишниот;

10со сето свое срце Го воспеваше и Го љубеше тој Создателот свој.

11Пред жртвеникот певци постави со нивните гласови песната да ја заслади.

12Тој на празниците свеченост им даде и со точност ги определи времињата – певците името Негово пресвето да го прославуваат и светилиштето веќе од рано утро се огласуваше.

13Затоа Господ гревовите му ги прости и вечно силата негова ја издигна, царски завет му подари – славен престол во Израел.

14По него мудриот син негов се издигна и поради таткото свој безбедно живееше.

15Соломон царуваше во мирни дни, зашто Бог од сите страни мир му подари, за да изгради дом на името Негово и да подигне светилиште вечно.

16Колку мудар во младоста своја беше ти, и полн со разум како река!

17Со душата твоја земјата ја покри, со мудри зборови ти ја исполни;

18до далечните острови името твое се прослави, во мирот твој возљубен беше.

19Со песните и зборовите твои, со изреките и мудроста светот се восхитува.

20Во името на Господа Бога, наречен Бог Израелов,

21си насобра злато како бакар и го умножи среброто како олово.

22Но потоа телото твое на жени го даде, со телото твое роб нивни стана;

23врз славата твоја дамка стави, го оскверни родот свој; навлече гнев на децата свои кои, над безумството твое горко плачеа; власта се раздели и од Ефраим започна непокорното царство.

24Но Господ не ќе ја остави Својата милост и не ќе разурне ниедно од Своите дела, не ќе ги уништи потомците на избраникот Свој, нема да го погуби народот на оној што Него Го љубел.

25Остатокот на Јаков му го даде и коренот од него – на Давид.

26И почина Соломон покрај своите татковци.

27А по себе на народот од родот свој безумност му остави,

28малоумниот Ровоам, кој го одврати од себе народот свој,

29и Јеровоам, Неватовиот син, кој во грев го воведе Израел, и на Ефраим патот греовен му го покажа.

30И гревовите нивни толку се намножија, така што од земјата своја истерани беа;

31посегнуваа по секое зло сѐ додека одмаздата не дојде врз нив.

Blog
About Us
Message
Site Map

Who We AreWhat We EelieveWhat We Do

Terms of UsePrivacy Notice

2025 by iamachristian.org,Inc All rights reserved.

Home
Gospel
Question
Blog
Help