1Не карај се со силен човек, за да не паднеш некогаш во неговите раце.
2Не суди се со богат човек, за да не го загубиш своето право:
3златото погубило многумина; тоа измамило и срца на цареви.
4Не карај се со дрзок човек; не клавај дрва на неговиот оган.
5Не шегувај се со невоспитан човек, за да не бидат изложени твоите прадедовци на осрамотување.
6Не прекорувај човек којшто се оттргнал од својот грев; не заборавај дека сите сме виновни.
7Стар човек не презирај, зашто и ние старееме.
8Не радувај се кога некој умре; спомни си дека сите ние ќе умреме.
9Биди внимателен кон она што го кажуваат и размислувај за мудрите, почитувај ги нивните мудри изреки;
10бидејќи од нив ќе добиеш поука: ќе се научиш како да им служиш на силните.
11Не потценувај го кажувањето на старците, зашто и тие се учеле од своите татковци;
12од нив ќе се научиш на разумност; ќе научиш кога и каков одговор да даваш.
13Не разгорувај ги гламјите на грешникот, за да не изгориш во пламенот на неговиот оган.
14Не дозволувај подбивачот да се разгневи, за да не ти постави стапица на устата твоја.
15Не давај заем на човек посилен од тебе; ако, пак, му дадеш. сметај го даденото за загубено.
16Не застапувај се за друг надвор од своите можности; ако го сториш тоа, сметај дека си задолжен да платиш.
17Не суди се со судија, зашто ќе му пресудат според неговата чест.
18Не поаѓај на пат заедно со премногу смел човек, зашто ќе ти дотегне; тој ќе постапува како што сака, а од лудоста негова и ти можеш да загинеш.
19Со дрзок човек не почнувај кавга и по пустина не патувај со него, зашто пред неговите очи крвта е ништо, на место беспомошно тој и ќе те погуби.
20Не советувај се со глупак, зашто тој не може да сокрие тајна.
21Пред туѓинец не откривај тајни, зашто не знаеш што ќе направи тој.
22Срцето твое не откривај го на секој човек; не чекај добро од секого.
Who We AreWhat We EelieveWhat We Do
2025 by iamachristian.org,Inc All rights reserved.
