Мудрост Сирахова 4 - Свето Писмо (Гаврилова) 1990(MK1990)

Мудроста воспитува.

1Синко, не откажувај му ја помошта на сиромавиот; не измачувај ги со долго чекање очите на неволните.

2Не ожалостувај ја душата на гладниот; не огорчувај го оној што е во сиромаштија.

3Не измачувај срце што е веќе огорчено; не ја одлагај милоста спрема оној што нема.

4Не одбивај ги молбите на неволниците; лицето твое не свртувај го од сиромавиот;

5не свртувај ги твоите очи од оние што просат; никому не давај повод да те колне.

6зашто, во жалоста на својата душа те проколнува; Оној Кој го создал – ќе ја послуша неговата молба.

7На собранијата настојувај да бидеш пријатен; пред оние што се погоре од тебе – наведнувај ја својата глава:

8Доближи го твоето уво кон сиромавиот; одговарај му насмеано и со кротост;

9избавувај го навредениот од раката на оној што го навредува; а кога судиш – не биди малодушен.

10На сираците – биди им како татко, а на нивната мајка – закрилник;

11и ќе Му бидеш како син на Севишниот и Тој ќе те засака повеќе од твојата мајка.

12Мудроста ги издигнува своите синови, ги поткрепува оние што ја бараат.

13Кој ја сака неа – животот го сака; кој ја бара од рано утро – со радост ќе се исполни.

14Кој ја има – ќе наследи слава; каде и да појде, Господ ќе го благослови.

15Кои ѝ служат – на Светиот Му служат; кои неа ја сакаат – Господ нив ги милува.

16Кој ја слуша – на народи ќе им суди; кој внимава на она што му говори – тој уверено ќе живее;

17ќе ја наследи оној што ќе ѝ се довери; и потомците негови – ќе владеат со неа.

18Најнапред таа ќе тргне со него по криви патишта; врз него ќе испрати страв и трепет;

19ќе го измачува со своето водење сѐ додека не се увери во неговата душа и не го испита во уредбите свои;

20потоа ќе се појави таа кај него на правиот пат, ќе го зарадува,

21и ќе му ги открие своите тајни.

22кога скршне од правиот пат, таа го остава и го предава во рацете на неговата пропаст.

23Набљудувај го времето и пази се од злото,

24па нема да се посрамиш на твојата душа.

25Има срам што води кон грев, а има и срам што води кон слава и благодат.

26Не биди лицемерен против самиот себе и не срамувај се на своја штета.

27Не задржувај го твојот збор кога тој може да им помогне на другите,

28зашто во зборот се познава мудроста, а во говорот на јазикот – знаењето.

29Не противречи ѝ на вистината, а срамувај се од своето незнаење.

30Не срамувај се да ги исповедаш твоите гревови и не задржувај го текот на реката.

31Не потчинувај му се на глупав човек и не биди од страната на силниот.

32Бори се до смрт за вистината, и Господ Бог ќе се бори за тебе.

33Не биди брз во говорење, ниту мрзлив и немарен во твоите дела.

34Не биди како лав кога си во својот дом, а претпазлив спрема твоите слуги.

35Да не биде твојата рака пружена за земање, а стегната за давање.

Blog
About Us
Message
Site Map

Who We AreWhat We EelieveWhat We Do

Terms of UsePrivacy Notice

2025 by iamachristian.org,Inc All rights reserved.

Home
Gospel
Question
Blog
Help