Јов 39 - Свето Писмо (Гаврилова) 1990(MK1990)

Чудесата во животинскиот свет сведочат за Божјата мудрост.

1»Го знаеш ли времето, кога дивите кози раѓаат по карпите, и си забележувал ли како раѓаат срните?

2Можеш ли да ги преброиш месеците на нивната бременост? И го знаеш ли времето кога раѓаат?

3Тие се превиткуваат, и раѓајќи ги малечките свои, се ослободуваат од болките свои.

4Породот нивни зајакнува, радост е во полето, си оди и не се враќа при нив.

5Кој го пуштил на слобода дивиот осел и кој му ги разврзал врските негови,

6на кој сум му ја одредил пустињата за дом и соланите – за живеалиште.

7Тој се потсмева на вревата во градот и не го слуша викањето на терачот,

8си бара храна по горите и се впушта на секое зелено растение.

9Ќе сака ли еднорог да ти служи и ќе ноќева ли во твоите јасли?

10Можеш ли да го врзеш со јаже еднорогот за браздата, и ќе ја браносува ли по тебе нивата?

11Ќе се потпреш ли на него, бидејќи силата му е голема и ќе му ја оставиш ли нему твојата работа?

12Ќе му поверуваш ли, дека тој ќе ги врати семињата твои и ќе ги донесе на гумното твое?

13Ти ли му даде убави пердуви на паунот и крилја и мов на нојот?

14Тој ги остави јајцата свои на земјата и ги топли на песокот,

15и заборава, дека нога може да ги скрши или полска ѕверка да ги згази;

16немилостив е спрема малечките свои, како да не се негови, и не се плаши, оти трудот негов ќе биде залуден,

17зашто Бог не му дал мудрост и не го надарил со разум;

18а кога ќе се извиши високо, му се потсмева на коњот и на јавачот негов.

19Ти ли му даде сила на коњот и ти ли го украси вратот негов со грива?

20Можеш ли да го исплашиш како скакулец? Треперењето на ноздрите негови е ужас;

21ја рове со нога земјата и се радува на силата своја; оди спроти оружје;

22се смее на опасноста и не се плаши и не се отстранува од меч.

23Торба со стрели ѕвечка на грбот негов, болска копјето и топузот;

24од немир и јарост голта земја и не може да стои при трубен звук;

25штом ќе засвири трубата, тој вришти и оддалеку ја претчувствува битката, громкиот глас на војводите и викот.

26Поради твојата мудрост ли фрчи јастребот и ги насочува крилјата свои кон југ?

27По твојот збор ли се издига орелот и си вие гнездо на високо?

28Тој живее на карпа и ноќева на врв од стрмнината и на непристапни места;

29оттаму ја здогледува храната: очите негови гледаат далеку;

30и малечкте негови пијат крв; каде што има труп, таму е и тој.«

31Продолжи Господ и му рече на Јова:

32»Кој се бори со Вседржителот, ќе сака ли да поучува? Кој Го напаѓа Бога, нека Му одговори.«

33Му одговори Јов на Господа и рече:

34»Еве, јас сум ништожен, што да Ти одговорам? Раката своја ја ставам на устата моја.

35Еднаш говорев, – сега нема да одговарам; говорев дури двапати, но повеќе не.«

Blog
About Us
Message
Site Map

Who We AreWhat We EelieveWhat We Do

Terms of UsePrivacy Notice

2025 by iamachristian.org,Inc All rights reserved.

Home
Gospel
Question
Blog
Help