Јеремија 22 - Свето Писмо (Гаврилова) 1990(MK1990)

Пророкување против царевите.

1Вака вели Господ: слези во домот на царот Јудин, и речи го таму ова слово,

2па кажи: чуј го словото Господово, царе јудејски, ти, кој седиш на Давидовиот престол, ти и твоите слуги и луѓето твои, кои влегуваат низ овие порти.

3Вака вели Господ: извршувајте суд и правда и спасувајте го угнетуваниот од рацете на угнетувачот и не притеснувајте го придојдениот, како ни сиракот ни вдовицата, и не проливајте невина крв на ова место.

4Оти, ако го исполнувате ова слово, низ портите на овој дом ќе влегуваат цареви, што ќе седат место Давида на престолот негов, што ќе се возат во коли и ќе јаваат на коњи, тие и слугите нивни и луѓето нивни.

5Ако, пак, не ги послушате овие зборови, се колнам во Себе, вели Господ дека овој дом ќе запустее.

6Оти, така вели Господ за домот на јудејскиот цар: ти си за Мене Галад и ливански врв; Јас ќе направам од тебе пустиња, и градовите твои ќе станат ненаселени;

7а ќе повикам против тебе истребители, секој со своето оружје – и тие ќе ги исечат твоите најубави кедри и ќе ги фрлат во оган.

8И многу народи ќе минуваат низ овој град и ќе си прикажуваат еден на друг: »Зошто така постапи Господ со овој голем град?«

9И ќе си одговорат – »затоа, оти тие го оставија заветот на Господа, својот Бог, и се поклонија на други богови и ним им служеа.«

10Не плачете за умрениот и не жалете за него; туку горко плачете за оној, што оди во ропство, оти тој веќе нема да се врати и нема да го види својот роден крај.

11Оти вака вели Господ за Салума, синот на јудејскиот цар Јосија, кој царуваше по татка си Јосија, и кој излезе од тоа место, тој веќе нема да се врати во него,

12Но ќе умре таму, каде што го одведоа како роб, и нема веќе да ја види оваа земја.

13Тешко му на оној, кој гради своја куќа со неправда, и свои соби – со беззаконие, кој го присилува ближниот свој да му работи без награда и не му дава плата,

14кој вели – ќе си направам голема куќа и широки одделенија, и кој отвора прозорци, ги обложува со кедар и ги бојадисува со црвена боја.

15Мислиш ли да стенеш цар, откако си се оградил со кедар? Татко ти јадеше и пиеше, но вршеше суд и правда, па затоа му беше добро.

16Тој го разгледуваше делото на беден и на сиромав, и затоа му беше добро. Зар не значи тоа, дека ти Ме познаваш? – вели Господ.

17Но твоите очи и твоето срце се свртени само кон корист за себеси и кон проливање невина крв, за да притеснуваш и присилуваш.

18Затоа, вака вели Господ за Јоакима, синот на јудејскиот цар Јосија: нема да го оплакуваат – »о брате!« и »о сестро!«, нема да го оплакуваат: »о господаре!« и »о неговото величие!«

19Како осел тој ќе биде погребен; ќе го изнесат и ќе го фрлат далеку од ерусалимските порти.

20Качи се на Ливан и извикај, подигни го гласот свој на Васан и викни од Аварин, зашто погубени се сите твои пријатели.

21Јас ти зборував, кога ти беше добро, но ти рече: нема да послушам. Такво беше твоето поведение уште од младоста, дека ти не го слушаше гласот Мој.

22Сите твои пастири ветар ќе ги одвее, а пријателите твои во ропство ќе отидат и тогаш ти ќе бидеш посрамен и нажален за сите твои злодела.

23Ти, кој живееше на Ливан и си свил гнездо во кедрите, колку ли ќе офкаш, кога ќе те постигнат болки, како на жена која раѓа!

24Жив сум Јас, вели Господ: да ми беше јудејскиот цар Јехониј, синот на Јоакома, прстен на десната рака Моја, и оттаму ќе те откинам,

25и ќе те предадам во рацете на оние, кои ја бараат душата твоја, и во рацете на оние, од кои се плашиш, во рацете на вавилонскиот цар Навуходоносор и во рацете на Халдејците.

26Па ќе те исфрлам тебе и твојата мајка, која те родила, во туѓа земја, каде што не сте се родиле, а таму ќе умрете.

27А во земјата, каде што душата нивна сака да се врати, таму нема да се вратат.

28»Зар тој човек, Јехониј, презрено суштество, е отфрлен и негоден сад, бидејќи тој и племето негово беа фрлени во земја што не ја познавале?«

29О, земој, земјо, земјо, чуј го словото Господово!

30Така вели Господ, запишете го овој човек како лишен од деца, како човек со злочести дни, зашто никој од племето негово веќе нема да седи на престолот Давидов и нема да владее во Јудеја.

Blog
About Us
Message
Site Map

Who We AreWhat We EelieveWhat We Do

Terms of UsePrivacy Notice

2025 by iamachristian.org,Inc All rights reserved.

Home
Gospel
Question
Blog
Help