1. Макавејска 7 - Свето Писмо (Гаврилова) 1990(MK1990)

Зацарувањето на Димитриј Први.

1Во сто и педесет и првата година излезе од Рим Димитриј, син на Селеук, и со малкумина луѓе влезе во еден приморски град и таму се зацари.

2Кога влегуваше во царскиот дворец на своите предци, војската го фати Антиох и го доведе пред него.

3Штом тој разбра за тоа, рече: »Не покажувајте ми ги нивните лица!«

4Тогаш војската ги погуби, а Димитриј седна на престолот во своето царство.

5Пред него дојдоа сите беззаконици и безбожници од Израелците, а Алким, кој се обидуваше да стане свештеник, ги предводеше;

6пред царот тие го обвинуваа народот и велеа: »Јуда и неговите браќа ги убија твоите пријатели, а нас нѐ прогонија од нашата земја.

7Затоа испрати човек, во кого имаш доверба, да ги види сите разурнувања, што ги направија во царската земја и нека ги казни и нив и сите што им помагаат.«

8Меѓу своите пријатели царот го избра Бакид, кој управуваше од другата страна на реката; тој беше угледен човек во царството и верен на царот.

9Царот го прати него и безбожникот Алким, кому му даде свештенство и му заповеда да им се одмазди на израелските синови.

10Појдоа и пристигнаа во Јудејската земја со голема војска; на Јуда и на неговите браќа им испратија мирољубива порака, но полна со лаги.

11Само тие не поверуваа на нивните зборови, зашто видоа дека се дојдени со голема војска.

12Кај Алким и Бакид се добраа книжниците, за да бараат справедливост.

13Први од израелските синови беа Хасидејците, тие бараа со нив да биде склучен мир,

14велејќи: »Свештеник од Ароновото племе дојде со војската и тој нема да нѐ навреди.«

15А тој говореше мирно со нив и им се заколна, велејќи: »Нема да ви направиме зло, ни на вас ниту на вашите пријатели.«

16Тие му поверуваа, а тој фати шестмина мажи од нив и ги уби во еден ден, како што е речено во Писмото:

17»Ги расфрлија телата на твоите светии и нивната крв ја пролија околу Ерусалим; и немаше кој да ги погребе нивните тела.«

18Тогаш страв и трепет го опфати сиот народ, кој говореше: »Во нив нема ни вистина ни правда, зашто ја погазија и наредбата и заклетвата, со која се заколнаа.«

19Тогаш Бакид одстапи од Ерусалим, а својот логор го постави кај Бет-Цаит, па испрати и фати многумина од избеганите од него мажи и неколкумина од народот, ги закла и ги фрли во еден длабок бунар.

20Потоа, откако му ја предаде земјата на Алким, и откако му ја остави војската, за да му помага, Бакид се врати кај царот.

21Алким пак почна да се бори за првосвештеничката служба.

22Кај него се собираа сите оние што го бунтуваа својот народ, почнаа да владеат во јудејската земја и направија големо зло во Израел.

23Кога го виде Јуда сето зло, кое Алким со своите другари им го направи на изараилските синови, а што беше поголемо и од она кое му го направија безбожниците,

24почна да ги обиколува сите краишта на Јудеја, им се одмаздуваше на отстапниците и тие престанаа да влегуваат во земјата.

25А кога Алким виде, дека Јуда и оние што беа со него многу се засилуваат и кога сфати дека не може да им се спротивстави, се врати кај царот и страшно го обвини.

26Тогаш, царот го испрати Никанор, еден од своите славни војсководци, кој ги мразеше Израелците и беше нивен непријател, и му заповеда да го уништи тој народ.

27Никанор кога дојде во Ерусалим со многубројна војска, на Јуда и на неговите браќа им испрати лажен предлог за мир, велејќи:

28»Да нема војска меѓу мене и вас, јас ќе дојдам мирољубиво кај вас со малкумина луѓе.«

29Дојде кај Јуда, се поздравија мирољубиво еден со друг; меѓутоа, војниците беа приготвени да го фатат Јуда.

30Јуда разбра дека тој доаѓа со подмолна намера, се уплаши од него и не сакаше да му го види лицето.

31Штом Никанор сфати дека неговата намера е откриена, тој излезе отворено да се бори против него кај Хафарсалам.

32Од Никаноровите луѓе таму паднаа околу петстотини мажи, а другите избегаа во градот на Давид.

33Потоа Никанор се искачи на гората Сион; тогаш од Светилиштето излегоа некои свештеници и народни старешини, за да го поздрават мирољубиво и да му ја покажат сепаленицата што се принесува за него.

34Но тој ги исмеа, се подби со нив, ги оскверни и гордо говореше со нив,

35па, силно разгневен, се заколна и рече: »Ако сега Јуда и неговата војска не се предадат во мои раце, тогаш, кога по победата ќе се вратам ваму, ќе го изгорам овој храм;« и си отиде разгневен.

36Свештениците влегоа и застанаа пред жртвеникот во храмот, заплакаа и рекоа:

37»Господи, Ти го избра овој Дом, за да биде нарекуван со Твоето име и да биде, Дом на молитва и молби на Твојот народ.

38Одмазди му се на тој човек и на неговата војска, нека паднат од меч; спомни си за нивните хулни зборови и не давај им да останат долго.«

39Излезе Никанор од Ерусалим и постави логор кај Бетхорон, а кај него дојде сириската војска.

40Јуда, пак, со три илјади војници постави логор кај Адаса; тој се помоли и рече:

41»Господи, кога Те похулија пратениците на асирскиот цар, тогаш дојде Твој ангел и уби сто и осумдесет и пет илјади луѓе,

42така и сега пред нас уби ја оваа војска за да разберат другите дека изрекоа хула против Твојата светиња; пресуди им според нивната злоба.«

43Војските навлегоа во бој во тринаесеттиот ден од месецот Адар; војската на Никанор беше разбиена, а тој прв падна во бојот.

44А кога војниците негови видоа дека Никанор е убиен, го фрлија своето оружје и почнаа да бегаат.

45Израелците ги гонеа цел ден, од Адаса дури до Газара, и трубеа по нив со труби за известување.

46И жителите од сите околни села излегуваа и ги опколуваа бегалците, а тие, свртувајќи се кон оние што ги гонеа, сите паѓаа од меч и ниеден од нив не остана.

47Го зедоа пленот од нив, а потоа на Никанор му ја отсекоа главата и десната рака, која толку горделиво ја пружал, ги донесоа и ги закачија пред Ерусалим.

48Народот се радуваше многу; тој ден го помина како ден на голема веселба.

49Тогаш одредија тој ден да се празнува секоја година на тринаесетти Адар.

50Така Јудејската земја се смири на исвесно време.

Blog
About Us
Message
Site Map

Who We AreWhat We EelieveWhat We Do

Terms of UsePrivacy Notice

2025 by iamachristian.org,Inc All rights reserved.

Home
Gospel
Question
Blog
Help