Псалми 88 - Свето Писмо (Гаврилова) 1990(MK1990)

Утеха за Давидовиот дом во дадениот завет од Бога.

1Милоста, Твоја, Господи, вечно ќе ја воспевам, од род во род ќе ја разгласувам со устата своја Твојата вистина.

2Зашто рече: милоста е за вечност установена, а на небото Ти ја утврди Твојата вистина.

3»Јас поставив завет со Моите избраници, му се заколнав на Мојот слуга Давида:

4за вечност ќе го одржувам твоето потомство, од род во род и ќе го утврдувам твојот престол.«

5И небото ќе ги прославува. Господи, Твоите чудесни дела и Твојата вистина во собранијата на светиите.

6Зашто, кој на облаците ќе се споредува со Господа и кој од синовите Божји ќе се изедначи со Господа?

7Во соборот на светиите Бога Го прославуваат; велик е и страшен за сите што Го окружуваат.

8Господи, Боже на силите, кој е еднаков со Тебе. Силен Си Ти, Господи, и вистината Твоја е околу Тебе.

9Ти управуваш со силата морска и силните бранови негови, Ти ги скротуваш.

10Ти го поразуваш гордиот како ранет, со Твојата крепка рака ги распрснуваш непријателите Свои.

11Твои се небесата и твоја е земјата; вселената и она, што ја исполнува, Ти си ја основал.

12Север и југ Ти си ги создал; Тавор и Ермон за Твоето име се радуваат.

13Силна е Твојата мишка, црвста е раката Твоја, високо е издигната десницата Твоја!

14Правдата и судот се основа на Твојот престол; милоста и вистината одат пред Твоето лице.

15Блажени се луѓето, што го познаваат трубниот глас. Тие одат во светлината на Твоето лице, Господи;

16за Твоето име се радуваат цел ден и со Твојата правда се возвишуваат,

17зашто Ти си похвала на силите нивни и со Твоето благоволение се издига нашиот рог,

18бидејќи нашата заштита доаѓа од Господа и од светецот Израилев, нашиот Цар.

19Некогаш Ти си им зборувал на Твоите синови во видение и си рекол: »Јас му дадов помош на силниот, го издигнав избраникот меѓу Мојот народ.

20Го најдов Мојот слуга Давида; со својот свет елеј го помазав.

21Раката Моја ќе го застапува, и мишката моја ќе го закрепнува.

22Непријателот не ќе може ништо да му направи, и синот на беззаконието нема да го измачува.

23Ќе ги уништам пред него непријателите негови и ќе ги победам оние, што го мразат.

24И Мојата вистина и Мојата милост се со него, и преку Моето име ќе се возвишува неговиот рог.

25И ќе ја положам над морето раката негова, и над реките – десницата негова.

26Тој ќе ме призива: Ти си мој Отец, мој Бог и крепост на моето спасение.

27И Јас ќе го направам првороден син, повисоко од земните цареви,

28засекогаш ќе му ја зачувам Мојата милост и Мојот завет со него да биде верен.

29И ќе го продолжам за секогаш неговото потомство и неговиот престол, – колку деновите на небото.

30Ако синовите негови го остават Мојот закон и не одат по Моите заповеди;

31ако ги нарушат Моите наредби и не ги запазуваат Моите повелби,

32тогаш ќе ги посетам со жезалот поради нивното беззаконие, и со рани – заради неправдите нивни;

33но милоста Своја нема да ја одземам од него и вистината нема да ја превртам.

34Нема да го нарушам Мојот завет и нема да го изменам она, што излегло од устата Моја.

35Еднаш се заколнав во светоста Своја: ќе ги излажам ли Давида?

36Неговото потомство вечно ќе пребива, неговиот престол ќе биде како сонце пред Мене,

37засекогаш ќе стои како месечината; и верен сведок е на небото.«

38Но Ти го отфрли и го презре, негодуваше на Твојот помазаник;

39го разруши заветот со Твојот слуга, го оскверни светилиштето негово на земјата;

40ги разруши сите негови огради, ги претвори во урнатини неговите крепости.

41Го ограбуваат сите што поминуваат по патот; тој стана за потсмев на своите соседи.

42Ти ја возвиши десницата на неговите противници, ги зарадува сите непријатели негови;

43Ти му откажа помош на мечот негов и во борбата не го поткрепи;

44ја одзеде од него чистотата и го урна на земја престолот негов;

45ги скрати деновите на времето негово и го покри со срам.

46До кога, Господи, ќе се одрваќа непрестајно? Го кога ќе гори гневот Твој како оган.

47Спомни си, колкав е векот мој: за каква суета си ги создал сите синови човечки.

48Кој од луѓето ќе живее, а смрт да не види, и да ја спаси душата од пеколот?

49Каде се Твоите поранешни милости, Господи, за кои му се заколна на Давида во Твојата вистина.

50Сети се, Господи, на подбивите од слугите Твои што ги носам во пазувите свои од многуте народи;

51на подбивите од Твоите непријатели, Господи, со кои ја валкаат трагата на Твојот помазаник.

52Нека е благословен Господ во сите векови! Амин, Амин!

Blog
About Us
Message
Site Map

Who We AreWhat We EelieveWhat We Do

Terms of UsePrivacy Notice

2025 by iamachristian.org,Inc All rights reserved.

Home
Gospel
Question
Blog
Help