1 Царства 6 - Свето Писмо (Гаврилова) 1990(MK1990)

Ковчегот на заветот се враќа со дарови.

1А ковчегот Господов остана во областа Филистејска седум месеци, и се наполни таа земја со глувци.

2И Филистејците повикаа жреци вражачи, па рекоа: »Што да правиме со ковчегот Господов? Поучете нѐ, како да го испратиме до местото негово?«

3Тие, пак, рекоа: »Ако сакате да го испратите ковчегот на заветот на Господа Бога Израилев, не испраќајте го без ништо, туку принесете Му жртва за вина; тогаш ќе се излекувате и ќе дознаете, поради што не отстапува од вас раката Негова.«

4И тие запрашаа: »Каква жртва за вина треба да Му принесеме?« Тие одговорија: »Според бројот на филистејските кнезови – пет златни пликови и пет златни глувци; зашто еднаков е поразот врз сите нас и врз кнезовите ваши;

5и така, направете извајани подобија (слични) на вашите пликови и извајани подобија на вашите глувци, што ја опустошија земјата, и воздајте Му слава да Бога Израилев; можеби Он ќе ја направи и полесна раката Своја над вас, над боговите ваши и над земјата ваша;

6и зошто да го ожесточувате срцето свое, како што го ожесточија срцето свое Египтјаните и Фараонот? Ете, кога Господ ја покажа силата Своја над нив, тие ги пуштија и тие тргнаа.

7Па така, земете, направете една нова кола и земете две крави доилки на кои јарем уште не е ставен, и впрегнете ги кравите во колата, и телињата нивни одведете ги од нив дома;

8и земете го ковчегот Господов и ставете го на колата, а златните работи, што ќе Му ги принесете како жртва за вина, ставете ги во ковчеже отстрана; пуштете го и нека оди;

9Но гледајте, ако тргне кон пределите свои, кон Ветсамис, тој ни го направил тоа големо зло; ако пак не, ќе знаеме, дека не раката Негова нѐ поразила, туку тоа станало со нас случајно.«

10Така и направија: зедоа две крави доилки, ги впрегнаа во кола; а телињата нивни ги задржаа дома;

11и го ставија на колата ковчегот Господов, ковчежето со златните глувци и извајаните пликови.

12И тргнаа кравите право по патот кон Ветсамис: одеа сѐ по еден пат, одеа и мукаа, но не скршнуваа ни десно, ни лево; а филистејските кнезови одеа по нив до пределите на Ветсамис.

13Ветсамиските жители токму го жнееја житото во долината и, откако погледнаа, го видоа ковчегот Господов и се зарадуваа, поради тоа што го видоа.

14А колата дојде во нивата на Ветсамиецот Исус и таму се застана; имаше таму еден голем камен, и исцепија дрва од колата, а кравите ги принесоа на Господа како жртва.

15Левитите го симнаа ковчегот Господов и ковчежето, што беше до него, во кое се наоѓаа златните работи, и ги ставија на големиот камен; а ветсамитските жители принесоа тој ден жртви сепаленици и жртви за благодарност на Господа.

16И петте филистејски кнезови го видоа тоа и се вратија истиот ден во Акарон.

17Златните пликови што Филистејците Му ги принесоа на Господа како жртва за вина, беа: еден за Азот, еден за Газа, еден за Аскалон, еден за Гет, еден за Акарон;

18а златните глувци беа според бројот на сите филистејски градови – на петте кнезови, од укрепените градови и отворените села до големиот камен, врз кого го ставија ковчегот Господов и кој и до ден денес се наоѓа во нивата на Ветсамиецот Исус.

19Меѓу ветсамиските жители не се зарадуваа синовите Јехониеви, иако го видоа ковчегот Господов. И Бог уби од нив педесет илјади и седумдесет души. И народот заплака, бидејќи Господ го порази со голема погибел.

20И ветсамиските жители рекоа: »Кој може да стои пред Господа, пред Овој свет Бог и при кого од нас ќе отиде Он?«

21И испратија пратеници при жителите на Киријат-Јарим да кажат: »Филистејците го вратија ковчегот Господов; дојдете и земете го при вас!«

Blog
About Us
Message
Site Map

Who We AreWhat We EelieveWhat We Do

Terms of UsePrivacy Notice

2025 by iamachristian.org,Inc All rights reserved.

Home
Gospel
Question
Blog
Help