1Тогаш Рафаил му рече на Товија: »Не знаеш ли, брате, во каква состојба го оставивме твојот татко?
2Ајде да побрзаме напред, пред твојата жена, за да го понаредиме живеалиштето.
3а ти земи ја в рака коската од рибата.« И така тргнаа, а и кучето потрча по нив.
4А тогаш и Ана седна покрај патот и чекаше да го здогледа своето чедо.
5И кога го препозна и виде дека се враќа, му рече на Товита: »Еве, се враќа синот твој и човекот што тргна со него.«
6Рафаил му рече на Товија: »Знај дека на татка ти ќе му се отворат очите;
7ти само намажи му ги очите со жолчката, а тој, откако ќе почувствува јадеж, ќе почне да ги трла и така ќе паднат белите пердиња, и тој ќе прогледа.«
8Ана потрча, го гушна сина си и му рече: »Чедо мое, те видов; сега можам и да умрам.« Тогаш обајцата се расплакаа.
9Товит излезе од вратата и се сопна, но син му притрча и го придржа татка си.
10Му намажа од жолчката преку очите и му рече: »Татко мој, биди силен!«
11Тогаш почувствува лутина и јадеж во очите и почна да ги трла,
12па белите перденца паднаа од краиштата на неговите очи. Кога го виде сина си, го гушна,
13заплака и проговори: »Благословен си, Боже, и благословено е Твоето име во сите векови, благословени се сите Твои ангели!
14Зашто, Ти ме накажа, но пак се смилува на мене. Еве, го гледам мојот син Товија!« – А синот негов Товија со радост влезе во домот и му раскажа на татка си за сите големи дела што му станаа во Мидија.
15Товит, преполн со радост и благословувајќи го Бога, појде да ја пречека својата снаа кај портите на Ниневија. Оние, што го видоа како оди, се чудеа дека прогледал.
16А Товит се исповеда пред нив оти Бог го помилувал. Кога се проближи до својата снаа Сара, тој ја благослови и рече: »Добре дошла, ќерко моја! Нека е благословен Бог, Кој те доведе при нас! Нека бидат благословени и татко ти и мајка ти!« Се зарадуваа и сите негови браќа во Ниневија.
17И дојде Ахијахар и неговиот братанец Насвас,
18па сите со веселба ја празнуваа свадбата на Товија седум дена.
Who We AreWhat We EelieveWhat We Do
2025 by iamachristian.org,Inc All rights reserved.
