Исаија 37 - Свето Писмо (Гаврилова) 1990(MK1990)

Молитвата на Езекија и поразот на Сенахерима.

1Штом го чу тоа царот Езекија, ја раскина својата облека и се покри со вреќиште, па отиде во домот Господов;

2ги повика началникот на дворецот Елијакима, и писарот Севна, и старешините на свештениците, покриени со вреќишта при пророкот Исаија, син Амосов.

3И тие му рекоа: »Вака вели Езекија: овој ден е ден на жалоста, казна и срам, зашто новороденчињата дојдеа до отворот на мајчината утроба, но сила нема за раѓање.

4Можеби, Господ, твојот Бог, ќе ги чуе зборовите на Рапсака, кого асирскиот цар, негов господар, го прати да Го навредува живиот Бог и да се подбива со зборовите, кои ги чу Господ, твојот Бог; за тоа принеси молитва за другите, што се уште живи.«

5И отидоа слугите на царот Езекија при Исаија.

6И им рече Исаија: »Вака кажете му на вашиот господар: вака вели Господ: не плаши со од зборовите што ги чу, со кои Ме навредуваат слугите на асирскиот цар.

7Ете, Јас ќе испратам во него дух, и тој ќе чуе вест и ќе се врати во земјата своја, и Јас ќе го поразам со меч во неговата земја.«

8Тогаш Рапсак се врати и најде дека асирскиот цар војува против Ливна; зашто беше чул, оти господарот негов се повлекол од Лахис.

9И тој чу за Тирхака, царот етиопски; нему му беа рекли: ете, тој излезе да војува со тебе. Кога го чу тоа, тој испрати гласници, при Езекија, велејќи:

10»Вака кажете му на Езекија, царот Јудејски: нека не те мами твојот Бог, на Кого се надеваш, велејќи: Ерусалим нема да биде предаден во рацете на царот асирски.

11Ете, ти си чул што направија асирските цареви со сите земји, ставајќи врз нив клетва; та ти ли ќе се избавиш?

12Боговите на народите, кои татковците мои ги разорија, ги спасија ли, го спасија ли Гозан и Харан, Рецеф и синовите не Еден, што се во Таласар?

13Каде е царот ематски, и царот арпадски, и царот на градот Сефарваим, Ена и Ива?«

14И го зеде Езекија писмото од рацете на пратениците и го прочита, па отиде Езекија во домот Господов и го отвори пред лицето Господово;

15се помоли Езекија пред лицето на Господ и рече:

16»Господе Саваоте, Боже Израилев, Кој седиш на херувими! Ти единствен си Бог на сите земни царства: Ти си ги создал небото и земјата.

17Приклони го, Господи, увото Свое и чуј; отвори ги, Господи, очите Свои и погледај, чуј ги зборовите на Сенахерима, кој испрати да хулат на Тебе, живиот Бог.

18Навистина, Господи, асирските цареви ги опустошија сите краишта и земјите нивни.

19Тие ги изнафрлаа во оган боговите ниви; но тоа не беа богови, туку изработки од човечки раце, дрво и камен, затоа и ги уништија.

20И сега, Господи, Боже наш, спаси нѐ од раката негова: тогаш ќе дознаат сите земни царства, дека Ти, Господи, си единствен Бог.«

21И испрати Исаија, синот Амосов, до Езекија да кажат: вака вели Господ, Бог Израилев: »За она што ти Ми се молеше против Сенахерима, царот асирски, –

22еве го словото што Господ го изрече за него: ќе те презре, ќе ти се потсмее девицата, ќерката Сионова, ќе ја заниша главата по тебе ќерката ерусалимска.

23Кога ти прекоруваше и навредуваше? Против кого го подигна гласот и ги крена толку високо очите свои? Против Светецот Израилев.

24Преку слугите свои ти го прекоруваше Господа, велејќи: ‚Со множеството мои коли се искачив на врвот од планините, врз ребрата на Ливан, ги исеков високите негови кедри, убавите негови кипариси, и стигнав до самиот врв негов, и до горичката негова;

25и ископав и пиев вода; и со стапките на нозете свои ќе ги исушам сите реки египетски.‘

26Зар не си чул, дека Јас одамна го направив тоа, во стари дни го преднацртав, а сега го исполнив со тоа, дека ти го опустошуваш силните градови, претворајќи ги во купишта урнатини?

27Жителите нивни изнемоштеа; треперат и остануваат во срам; станале како трева по полето и нежно тревно растение, како тревки по покривите и препламнато жито пред да биде искласано.

28Ќе седнеш ли, ќе излезеш ли, или ќе влезеш – Јас знам сѐ, ја знам и дрскоста твоја против Мене.

29За твојата дрскост против Мене и за тоа, дека твојата надуеност дојде до ушите Мои, ќе ја ставам алката Своја во ноздрите твои и уздата Своја – во устата твоја; ќе те вратам назад по истиот пат, по кој си дошол.

30И, ете, ти, Езекија, доказ: јадете го оваа година израснатото од паднатото зрно, а во другата година – самоизраснатото; на третата, пак, година сејте и жнејте, садете лозја и јадете ги плодовите нивни.

31Зашто преживеаните во домот Јудин, тие што ќе останат, пак ќе пуштат корен долу и ќе дадат плод горе,

32оти од Ерусалим ќе произлезе остатокот, и од градот Сион – спасението. Тоа ќе го изврши ревноста на Господа Саваот.«

33Поради тоа вака вели Господ за асирскиот цар: »нема да влезе тој во овој град, ниту ќе фрли таму стрела, и нема да се доближи до него со штит, ниту ќе ископа опкоп околу него;

34по кој пат дошол, по истиот и ќе се врати, но во тој град нема да влезе, вели Господ.

35Јас ќе го бранам овој град, за да го спасам поради Себе и заради Мојот слуга Давида.«

36Тогаш излезе ангел Господов и погуби во асирскиот логор сто и осумдесет и пет илјади души. Утредента станаа, и, ете, насекаде имаше само мртви тела.

37И отстапи Сенахирим, царот асирски, та си отиде, се врати и живееше во Ниневија.

38И кога се клањаше во домот на својот бог Нимрох, синовите негови Адрамелех и Сарасар го убија со меч, а самите избегаа во Араратската земја. И место него стана цар синот негов Асардан.

Blog
About Us
Message
Site Map

Who We AreWhat We EelieveWhat We Do

Terms of UsePrivacy Notice

2025 by iamachristian.org,Inc All rights reserved.

Home
Gospel
Question
Blog
Help