Броеви 22 - Свето Писмо (Гаврилова) 1990(MK1990)

Валаам треба да ги проколне синовите Израилеви. Неговата ослица зборува.

1Тогаш синовите Израилеви тргнаа и се задржаа на запад од Моав, кај Јордан спроти Јерихон.

2И Валак, синот Сепфоров, виде си што им беше направил Израилот на Аморејците.

3И Моавците многу се уплашија од тој народ, бидејќи беше многуброен; затоа тие многу се уплашија од синовите Израилеви.

4Тогаш Моавците им рекоа на Мадијамските старешини: »Овој народ сега истребува си околу нас, како што телињата ја изедуваат полската трева.« А Валак, синот Сепфоров, беше моавитски цар во тоа време.

5Тој испрати пратеници при Валаам, синот Веоров во Фадур, крај реката во земјата на синовите на неговиот народ, да го повикаат и да му кажат: »Ете, овие луѓе дојдоа од Египет и го покрија лицето земно, и сега се сместени во моето владение.

6Па дојди и проколни ми го тој народ, бидејќи се посилни од мене: тогаш можеби ќе бидам во состојба да ги поразам и да ги изгонам од земјата моја; бидејќи знам, дека кого ќе го благословиш ти, тој е благословен, и кого ќе го проколнеш, тој е проколнат.«

7И отидоа моавските старешини и старешините Мадијамски со подароци во рацете и дојдоа при Валаам и му ги соопштија Валаковите зборови.

8И тој им рече: »Преноќевајте ноќеска овде, и јас ќе ви одговорам што да правите, онака како што ќе ми рече Господ.« И моавските старешини останаа кај Валаама.

9И дојде Бог при Валаам и му рече: »Кои се оние луѓе кај тебе?«

10Валаам Му одговори на Бога: »Моавскиот цар Валак, синот Сепфоров ги испратил при мене да кажат:

11‚ете, луѓе дојдоа од Египет и го покрија земното лице, па се сместија на моето владение; дојди, па, проколни ги; тогаш можеби ќе можам да ги поразам и да ги изгонам од земјата.‘«

12И му рече Бог на Валаама: »Не оди со нив, не проколнувај ги тие луѓе; тие се благословени.«

13И утрината стана Валаам и им рече на кнезовите Валакови: »Вратете се при својот господар, зашто Бог не ми позволува да одам со вас.«

14Тогаш моавските кнезови станаа и се вратија при Валак, и му рекоа: »Валаам не сакаше да дојде со нас.«

15И Валак пак реши да испрати кнезови, повеќе и со поголема чест од првите.

16И тие дојдоа при Валаама и му рекоа: »Вака вели Валак, синот Сепфоров: те молам не задоцнувај да дојдеш при мене;

17ќе ти укажам големи почести и ќе направам за тебе си, што ќе ми кажеш; па дојди и проколни ги тие луѓе.«

18Валаам одговори и им кажа на кнезовите Валакови: »Да ми ја дадеше Валак и куќата своја, полна со злато и сребро, не можам да ја прекршам заповедта на Господа Бога, и да извршам нешто мало или големо по своја волја;

19но сепак, останете и вие тука, оваа ноќ и јас ќе разберам, што уште ќе ми каже Господ.«

20И дојде ноќта Бог при Валаама и му рече: »Ако овие луѓе дошле да те викаат, стани, оди со нив; но прави го само она, што ќе ти го речам Јас.«

21Утрината Валаам стана, ја оседла ослицата своја и тргна со моавските кнезови.

22И се разгневи јароста Божја, затоа што тргна тој, и застана Ангел Господов на патот, за да му попречи. Тој јаваше на ослицата своја, а со него и двајца слуги негови.

23И ослицата го виде Ангелот Господов, застанат на патот со извлечен меч во раката, па скршна од патот и тргна по полето, а Валаам почна да ја бие ослицата со својот жезал за да се врати на патот.

24И застана Ангелот Господов на еден тесен пат меѓу лозјата, оградени и од едната и од другата страна.

25Ослицата кога го виде Ангелот Господов, тргна кон оградата и ја притисна ногата на Валаама; и тој пак почна да ја бие.

26Но Ангелот Господов пак се тргна и застана на тесно место, каде што немаше каде да се скршне ни надесно, ниту налево.

27Ослицата, кога го виде Ангелот Господов, легна под Валаама. И се разгневи Валаам и пак почна да ја бие ослицата со жезалот.

28Тогаш ја одврза Бог устата на ослицата и тој му рече на Валаама: »Што ти направив, та ме биеш еве веќе третпат?«

29Валаам ѝ рече на ослицата: »Затоа што се подигра со мене; да имав во раката меч, сега ќе те прободев.«

30А ослицата му рече на Валаама: »Не ли сум јас твојата ослица, која ти ја јаваш од младоста твоја до денес? Сум ти правела ли вака досега?« Тој одговори: »Не«.

31И му ги отвори Господ очите на Валаама, и тој го виде Ангелот Господов, застанат на патот со извлечен меч во раката, се поклони и падна ничкум.

32И му рече Ангелот Господов: »Зошто ја биеш ослицата еве веќе трипати? Јас излегов да ти го попречам патот, зашто патот твој не Ми е по волја!

33и ослицата, кога ќе ме видеше, скршнуваше од мене еве веќе три пати; ако не скршнуваше од мене, ќе те убиев, а неа ќе ја оставев жива.«

34И му рече Валаам на Ангелот Господов: »Згрешив, бидејќи не знаев, дека Ти стоиш на патот пред мене; и сега, ако тоа Ти е неугодно, јас ќе се вратам.«

35И му рече Ангелот Божји на Валаама: »оди со овие луѓе; зборувај го само она што Јас ќе ти го кажувам.« И отиде Валаам со Валаковите кнезови.

36Валак, кога чу, дека доаѓа Валаам, излезе да го пречека во моавскиот град, кој е во Арнонските предели, при самиот крај.

37И му рече Валак на Валаама: »нели испратив јас при тебе да те викаат, зошто не дојде при мене? Или зар не можам да ти укажам почести?«

38И му рече Валаам на Валака: »ете, јас дојдов при тебе, но можам ли да кажам нешто од себеси? Она што Бог го вложува во устата моја тоа и ќе го кажам.«

39И тргна Валаам со Валака, и влегоа во градските куќи.

40И закла Валак телиња и овци и му испрати на Валаама и на кнезовите, кои беа со него.

41А утрината Валак го зеде Валаама и го качи на Вааловите ѕидини, за да види оттаму еден дел од народот.

Blog
About Us
Message
Site Map

Who We AreWhat We EelieveWhat We Do

Terms of UsePrivacy Notice

2025 by iamachristian.org,Inc All rights reserved.

Home
Gospel
Question
Blog
Help