1Подобро сиромав, кој оди во својата непорочност, отколку богат со лажлива уста, притоа и глупав.
2Не ѝ е добро на душата без знаење; а кој брза со нозете, се сопнува.
3Глупоста на човекот му го искривува патот негов, а срцето негово негодува против Господа.
4Богатството собира многу пријатели, а сиромавиот го напушта и пријателот негов.
5Лажниот сведок нема да остане неказнет, и кој говори лага, нема да се спаси.
6Мнозина им се умилкуваат на големците, и секој му е пријател на човекот, кој дава подароци.
7Сиромавиот го мразат сите негови браќа, а уште повеќе се оддалечуваат од него пријателите: трчка по нив, за да проговори – но нив ги нема.
8Кој се здобива со разум, ја сака душата своја; кој ја пази мудроста, наоѓа добро.
9Лажниот сведок нема да остане неказнет, а кој говори лага ќе загине.
10На безумниот не му прилега раскош, уште помалку на слуга – да господари над кнезови.
11Благоразумноста го прави човекот бавен на гнев, и за него е чест да биде снисходлив кон грешките.
12Гневот на царот е како лавовско рикање, а љубовта негова – како роса по трева.
13Безумен син е пропаст за татка си, и жена кавгаџика е како незапирлива капка од стреа.
14Куќата и имотот се наследуваат од родителите, а разумна жена е дар од Господа.
15Мрзливоста тоне во сон, е немарна душа трпи глад.
16Кој пази заповед, ја запазува душата своја, а кој не се грижи за своите патишта, ќе загине.
17Кој прави добро на сиромав, заем Му дава на Господа, и Он ќе му плати за неговата добрина.
18Казни го сина си, додека има надеж, и не се возбудувај од викањето негово.
19Гневниот нека трпи казна, зашто ако го пожалиш, ќе треба да го казниш уште повеќе.
20Слушај го, синко, советот на таткото твој, за да станеш потоа мудар.
21Во срцето на човекот има многу мисли, но се извршува само определената од Господа.
22Радост за човека е неговата милостиња; сиромавиот е подобар праведник од лажливиот богаташ.
23Стравот Господен води кон живот, и кој го има, секогаш ќе биде задоволен, и зло нема да го снајде.
24Мрзливиот ја крие раката во пазувата своја и не сака да ја подигне до устата своја.
25Ако го казниш оној што се потсмева, и простиот ќе стане разумен; и ако му укажеш на разумниот, тој ќе ја разбере поуката.
26Кој го упропастува татка си и ја набркува мајка си, син е бесрамен и нечесен.
27Немој, синко, да слушаш совети што те отстрануваат од зборовите на разумни.
28Лукавиот сведок се потсмева со судот, и устата на беззакониците голта неправда.
29Готови се судовите за невоздржливи, и ударите за телото на безумните.
Who We AreWhat We EelieveWhat We Do
2025 by iamachristian.org,Inc All rights reserved.
