Галатјаните 4 - Свето Писмо (Гаврилова) 1990(MK1990)

Со доаѓањето на Христа примаме посинување и се откупуваме од Законот. Сара и Агара слики на старозаветната и новозаветната црква.

1Но ви велам: наследникот, додека е млад, со ништо не се разликува од робот, макар што е господар над сѐ;

2туку е под настојници и чувари до определениот рок од татка си.

3Па така и ние, додека бевме малолетни, бевме поробени од стихиите на светот;

4но, кога се исполни времето, Бог Го испрати Својот Син, Кој се роди од жена и се потчини на Законот,

5за да ги откупи оние, што се под Закон, та да примиме посиновение.

6А бидејќи вие сте синови, Бог Го испрати Духот на Својот Син во срцата ваши, Кој вика: Ава, Оче!

7Затоа не си веќе роб, туку син; ако си, пак, син, тогаш си и наследник Божји преку Исуса Христа.

8Но тогаш, бидејќи Бога не Го познававте, им служевте на богови, кои по својата природа не се богови;

9а сега, откако Го познавте Бога, или, подобро, откако Бог ве позна, како тоа пак да се враќате кон слабите и лоши стихии, на кои пак сакате одново да им служите?

10Гледате на деновите, месеците, времињата и годините.

11Се плашам за вас, да не би случајно залудо да сум се трудел меѓу вас.

12Ве молам, браќа, бидете како што сум јас, затоа што и јас бев како вие. Вие со ништо не сте ме навредиле:

13знаете дека, кога ви проповедав, за првпат бев телесно немоќен,

14и при сето тоа, вие не го презревте искушението на моето тело, ниту се погнусивте од него, туку ме примивте како ангел Божји, како Исуса Христа.

15Каде ви е сега блаженството ваше? Сведочам за вас, дека кога би било можно, и очите свои би ги извадиле и би ми ги дале.

16И така, непријател ли ваш ви станав, кажувајќи ви ја вистината?

17Тие не ревнуваат за вас добро, туку сакаат да ве одвојат од мене, та вие за нив да ревнувате.

18Добро е секогаш да ревнувате во доброто, а не само кога сум меѓу вас.

19Чеда мои, кои пак со мака ве раѓам, додека не се изобрази во вас Исус Христос,

20сега би сакал да бидам помеѓу вас и да го изменам гласот свој, бидејќи сум во недоумение за вас.

21Кажете ми, вие, што сакате да бидете под Законот: не го слушате ли Законот?

22Зашто е напишано дека Авраам имаше двајца синови, еден од слугинката, а друг од слободната.

23Но оној што беше од слугинката, се роди по плот; а оној што беше од слободната – по ветување.

24А ова е речено сликовито и ги претставува двата завета: едниот од Синајската планина, која раѓа за ропство; а тој е Агара,

25бидејќи Агара ја означува планината Синај во Арабија, а одговара на сегашниот Ерусалим и робува со децата свои;

26а горниот Ерусалим е слободен: тој е мајка на сите нас.

27Оти е напишано: »Развесели се неплодна, ти што не раѓаш; воскликни и извикај ти, што не си искусила породилни маки; бидејќи напуштената има многу повеќе деца од онаа, која има маж!«

28Ние, пак, браќа, сме како Исак, чеда на ветувањето.

29Но, како тогаш, оној што се роди по плот, го гонеше родениот по дух, така е и сега.

30А што зборува Писмото? »Истерај ја робинката и синот нејзин, зашто синот на робинката нема да биде наследник заедно со синот на слободната!«

31И така, браќа, ние не сме деца на робинката, туку на слободната.

Blog
About Us
Message
Site Map

Who We AreWhat We EelieveWhat We Do

Terms of UsePrivacy Notice

2025 by iamachristian.org,Inc All rights reserved.

Home
Gospel
Question
Blog
Help