1Кога Елијуј престана да говори, Господ му одговори на Јова од бурата и рече:
2»Кој е тој, што замрачува Провидението со зборови без смисла?
3Препаши ја сега половината своја како маж: Јас ќе те прашувам, а ти објаснувај Ми:
4каде беше ти кога ги поставував основите на земјата? – кажи, ако знаеш.
5Кој ѝ ги определи мерките? Знаеш ли: кој го оптегнува јажето околу неа?
6Врз што се зацврстени основите нејзини? Кој ѝ го положи аголниот камен,
7кога ликуваа утринските ѕвезди, и кога сите Божји синови извикуваа од радост?
8Кој го затвори морето со врата, кога тоа се истргна, та излезе како од утроба;
9кога облаците ги направив негова облека и маглата – негова повивка;
10кога му ја дадов мојата наредба и му наместив клучалки и врата;
11кога му реков: ‚до тука ќе дојдеш и нема да преминуваш, и тука е границата на твоите горди бранови?‘
12Си му давал ли ти некогаш во животот свој заповед на утрото и си го посочувал ли на зората местото нејзино,
13за да ги опфати краиштата на земјата и да ги истресе од неа безбожниците,
14за да се измени земјата како глина под преса и да стане како разнобојна облека,
15да се одземе од беззакониците светлината нивна и да се скрши издигнатата рака нивна?
16Си слегувал ли во длабочината морска и си влегувал ли да ја испитуваш бездната?
17Се отворале ли пред тебе вратите на смртта; си ја видел ли ти вратата на смртната сенка?
18Си ја разгледал ли ширината на земјата? Кажи го, ако го знаеш сето тоа.
19Каде е патот кон живеалиштето на светлината и каде е местото на темнината,
20за да стигнеш до границите нејзини и да ги знаеш патеките до домот нејзин?
21Ти го знаеш тоа, зошто тогаш беше веќе роден; но бројот на дните твои е мошен голем.
22Си влегувал ли ти во местата на снегот и си ги видел ли сокровиштата на градот,
23што Јас ги чувам за смутно време, за денот на битка и војна?
24По кој пат се разлева светлината и се разнесува источниот ветар по земјата?
25Кој ги отвора потоците за изливање на водата и патот за грмоносните светкавици,
26за да паѓа дожд врз земјата без луѓе, врз пустињата, каде што нема човек;
27за да ја заситува пустињата и степата и да ги разбудува зелените «ркулци да никнуваат?
28Дождот има ли татко? Или кој ги раѓа капките на росата?
29Од чија утроба излегува мразот; и кој ја раѓа небеската слана?
30Водите како камен да си зацврстуваат, и површината на бездната да замрзнува.
31Можеш ли да го врзеш јазелот на Плејадата и да ги разврзеш врските на Орион?
32Можеш ли да го изведуваш Соѕвездието во времето негово и да ја водиш Вечерната ѕвезда?
33Ги знаеш ли законите на небото, можеш ли да уредиш тоа да владее над земјата?
34Можеш ли да го кренеш гласот свој до облаците, за да те покрие обилно водата?
35Можеш ли да испраќаш молњи, и да тргнат и да ти речат: ‚еве не?‘
36Кој вложи мудрост во срцето на човекот, и кој му даде смисла на разумот?
37Кој може да ги преброи обалците со својата мудрост и да ги задржи садовите од небото,
38кога правот се претвора во кал и грутките се слепуваат?
39Ти ли ловиш плен за лавицата и ги наситуваш лавчињата,
40кога тие лежат во леглата или почиваат под сенка во заседа?
41Кој ѝ ја приготвува храната на враната кога пиленцата нејзини, скитајќи без храна, викаат кон Бога?
Who We AreWhat We EelieveWhat We Do
2025 by iamachristian.org,Inc All rights reserved.