3. Ездра 1 - Свето Писмо (Гаврилова) 1990(MK1990)

Родословот на пророкот Ездра.

1Втора книга на пророкот Ездра, синот на Сераја, син на Азарија, син на Хилкија, син на Шалум, син на Садока, син на Ахитуб,

2син на Ахија, син на Финеас, син Елиев, син на Амарија, син на Азарија, син на Мераимот, син на Арна, син на Узи, син на Борит, син на Абишуа, син на Финеас, син на Елеазар,

3син Аронов од Левиевото племе, кој беше во Мидијската земја во време царувањето на персискиот цар Артаксерксес.

4Словото Господово дојде до мене:

5»Оди и кажи му ги на Мојот народ неговите лоши дела и на нивните синови беззаконијата, што ги направија против Мене, за да ги известат синовите од своите синови,

6зашто гревовите на нивните родители се намножија во нив: откако ме заборавија, тие почнаа да им принесуваат жртви на туѓи богови.

7Зар Јас не ги изведов од Египетската земја, од домот на ропството? А тие Ме разгневија и советите Мои ги презреа.

8Острижи ја косата на твојата глава и фрли го сето зло врз нив, зашто тие, тој непокорен народ, законот Мој не го слушаа.

9До кога ќе ги поднесувам тие, на кои сум им направи толку многу добрини?

10Заради нив многу цареви соборив; го погубив Фараонот со луѓето негови и со сета негова војска;

11пред нивното лице ги истребив сите незнабошци, на исток ги расеав народите од областите на Тир и Сидон и сите нивни непријатели ги уништив.«

12А ти речи им, вака вели Господ:

13»Јас сум Оној Кој ве преведов преку морето и по неговото дно ви направив ограден пат, Мојсеја ви го дадов за водач и Арона – за свештеник,

14ви дадов светлина во огнен столб и многу чуда направив меѓу вас, а вие ме заборавивте, вели Господ.

15Така вели Господ Седржителот: потполошките ви беа знак. Ви дадов борци за заштита, но вие и таму негодувавте;

16не се радувавте што заради Моето име загинаа вашите непријатели, туку дури и сега уште негодувате.

17Каде се оние добрини шти ви ги направив? Зар во пустињата, кога огладневте, не викавте кон Мене,

18велејќи: ‚Зошто нѐ доведе во оваа пустина? Зошто нѐ изведе за да нѐ погубиш? Подобро ќе беше да им слугуваме на Египќаните, отколку да изумреме во пустинава.‘

19Јас се смилував на вашите офкања, и ви дадов мана; и вие јадевте леб ангелски.

20Кога бевте жедни, нели го расеков каменот и не потекоа ли води во изобилие? Од жегата ве покривав со лисја од дрвјата.

21Ви разделив плодна земја; пред вас ги прогонив Канаанците, Перисејците и Филистејците. Уште што да направам за вас?«

22Така вели Господ Седржителот: »Кога бевте во пустината, кај реката Аморејска, ожеднети го хулевте Моето име.

23Јас не испратив оган врз вас поради вашето богохулство, но ставив дрво во водата и ја направив реката слатка.

24Што да ти направам Јаков? Јудо, ти не сакаше да се покоруваш. Во други народи ќе се населам, ќе им го дадам Моето име, за да ги пазат Моите закони.

25Бидејќи вие Ме оставивте, и Јас ќе ве оставам; нема да ги помилувам оние што бараат милост од Мене.

26Кога Ме викате, нема да ве слушам, зашто со крв ги осквернивте вашите раце, а нозете ваши брзаат да извршуваат чувекоубиство.

27Вие како да не Ме оставивте Мене, туку се оставивте себеси«, вели Господ.

28Така вели Господ Седржителот: »Нели ве молев, како таткото што ги моли своите синови и мајката своите ќерки и доилката – своите доенчиња,

29да бидете Мој народ, а Јас да ви бидам Татко?

30Ве собрав, како кокошката што ги собира своите пилиња под своите крилја. Што да ви направам сега? Ќе ве отфрлам од Моето лице.

31Кога ќе ми принесете принос, ќе го свртам Моето лице од вас, зашто ги отфрлив вашите празнични дни, новомесечијата и обрезанијата.

32Јас ви ги испратив Моите слуги – пророците; вие ги фативте, ги убивте и нивните тела ги раскинавте. Нивната крв од вас ќе ја барам,« вели Господ.

33Вака вели Господ Седржителот: »Домот ваш е пуст, ќе ве развејам како ветар што ја вее плевата,

34а синовите ваши нема да имаат потомство, затоа што ја презреа Мојата заповед; го правеа она што е зло пред Мене.

35Домовитге ваши ќе им ги предадам на идните луѓе, кои, иако не Ме чуле, ќе поверуваат и, макар што не сум им покажувал знаци, ќе го извршуваат она што сум го заповедал,

36и кои, иако не ги виделе пророците, ќе си спомнат за своите беззаконија.

37Мојата благодат ви ја заветувам вам, на идните луѓе чии деца не Ме виделе со своите телесни очи, но со духот свој верувајќи во она што сум рекол, ќе празнуваат со веселба.

38И така, гледај, брате, каква слава! Погледни ги луѓето што доаѓаат од исток;

39ним ќе им ги дадам за водачи Авраам, Исак и Јаков, Осија и Амос, Михеј и Јоил, Авдиј и Јона,

40Наум и Авакум, Софонија и Агеј, Захарија и Малахија, наречен уште и ангел Господов.«

Blog
About Us
Message
Site Map

Who We AreWhat We EelieveWhat We Do

Terms of UsePrivacy Notice

2025 by iamachristian.org,Inc All rights reserved.

Home
Gospel
Question
Blog
Help