1Амасија стана цар на дваесет и пет години и царуваше во Ерусалим дваесет и девет години; мајка му се викаше Јехоадан, од Ерусалим.
2Тој вршеше она што беше угодно пред очите на Господа, но не со полно срце.
3Кога се зацврсти на царството, тој ги уби слугите свои, што го беа убиле царот, таткото негов.
4Но децата нивни не ги погуби, бидејќи е напишано во законот, во книгата Мојсеева, каде што Господ заповедал, велејќи: да не биваат убивани татковците заради децата, и децата да не бидат убивани заради татковците, туку секој треба да умре заради својот престап.
5Амасија ги собра Јудејците, ги нареди според племињата нивни под власта на илјадници и стотници – сите Јудејци и Венијаминовци; ги преброи од дваесет години и нагоре, и ги најде триста илјади души одбрани, кои што одат во војна и држат копје и штит.
6Тој најми од Израилците уште сто илјади храбри војници за сто таланти сребро.
7Но дојде при него човек Божји и рече: »Царе, нека не оди со тебе израилска војска, зашто Господ не е со Израилците, не е со никого од Ефремовите синови,
8туку оди сам, врши работа, бори се храбро во војната. Инаку, ќе те фрли Бог пред непријателот, зашто во Бога има сила да поткрепи и собори.«
9Амасија му одговори на Божјиот човек: »А што да се прави со стоте таланти, што ѝ ги дадов на израилската војска?« Божјиот човек рече: »Господ може да ти даде повеќе од тоа.«
10Амасија ги оддели, – војската, која беше дошла при него од земјата Ефремова, – да си одат во своето место. И тие се разгневија силно против Јудеја и се вратија во своето место многу налутени.
11Амасија пак се осмели и го поведе народот свој, та отиде во Солената Долина и изби десет илјади синови Сеирови;
12и десет илјади заробија живи синовите Јудини и ги одведоа на врвот од карпата, и ги турнаа оттаму и тие сите сосема се разбија.
13А војската, што ја врати Амасија, за да не оди со него во војна, се растури по јудејските градови од Самарија до Ветерон, во кои уби три илјади души и собра многу плен.
14Кога си дојде Амасија по поразот на Идумејците, ги пренесе боговите на Сеировите синови, ги постави кај себеси за богови и пред нив се клањаше и им кадеше.
15Поради тоа се разгори гневот Господов против Амасија, и Он му испрати пророк, кој што му рече: »Зошто прибегнуваш кон боговите на тој народ, кои што не го избавија својот народ од раката твоја?«
16Додека тој говореше, царот одговори: »Зар те поставив за царски советник? Престани, за да не те убијат.« И пророкот престана, велејќи: »Знам, дека Господ решил да те погуби, бидејќи ти го направи тоа и не го слушаше мојот совет.«
17Се посоветува Амасија, царот јудејски, и испрати да му кажат на израилскиот цар Јоас, син на Јоахаза, Јуевов син: »Излези да се видиме лице во лице.«
18Тогаш израилскиот цар Јоас изпрати до јудејскиот цар Амасија да му кажат: »Трнот ливански испратил да му кажат на кедарот ливански: дај ја ќерката си на синот мој за жена. Но минале диви ѕверови ливански и го изгазиле тој трн.
19Ти велиш: ете, ги избив Идумејците, – и срцето твое се возгордеа до пустославие. Седи подобро во домот свој. Зошто да се зафаќаш со опасна работа? Ќе паднеш ти, и Јудеја со тебе.«
20Но Амасија не послуша, бидјеќи тоа беше од Бога, – за да ги предаде во раката на Јоаса, заради тоа што прибегна кон идумејските богови.
21Излезе Јоас, царот израилски, и се видоа лице со лице, тој и Амасија, цар јудејски, во Ветсамис Јудејски.
22И беа разбиени Јудејците од Израилците, и се разбегаа секој во шаторот свој.
23И го улови Јоас, цар израилски, Амасија, царот јудејски, син на Јоаса, го доведе во Ерусалим и го собори ерусалимскиот ѕид во должина од четиристотини лакти – од Ефремовите порти до аголните порти;
24го зеде сето злато и сребро и сите садови, што беа во домот Божји во Овед-Едом, и ризницата на царскиот дом, и заложниците, и се врати во Самарија.
25Амасија, син Јоасов, цар јудејски, живееше по смртта на израилскиот цар Јоас, Јоахавов син, петнаесет години.
26Другите Амасиеви дела, прво и последно, се опишани во книгата на царевите јудејски и израилски.
27Потоа, откако Амасија отстапи од Господа, направија заговор против него во Ерусалим, и тој избега во Лахис. Испратија по него во Лахис, и го убија таму.
28И го донесоа на коњи, та го погребаа кај татковците негови во Јудиниот град.
Who We AreWhat We EelieveWhat We Do
2025 by iamachristian.org,Inc All rights reserved.