1Од Елим се кренаа и целата заедница на синовите Израилеви дојде во пустињата Син, која се наоѓа меѓу Елим и Синај, во петнаесеттиот ден од вториот месец, откако излегоа од земјата Египетска.
2И почна да се буни целата заедница на синовите Израилеви против Мојсеја и против Арона.
3И им рекоа синовите Израилве: »О, да бевме умреле од раката Господова во земјата Египетска, кога седевме покрај котлите со месо и јадевме леб до насит! Нѐ изведовте овде во оваа пустиња, за да го умрете целово ова множество со глад.«
4А Господ му рече на Мојсеја: »Еве, ќе пуштам да паѓа леб од небото, и народот нека излегува секој ден и нека собира колку што е потребно за тој ден, за да го испитам ќе постапува ли според законот Мој или не;
5а во шестиот ден кога ќе го зготват она, што го собрале, и тоа ќе биде двојно од она, што го собираат секој ден.«
6Тогаш Мојсеј и Арон му рекоа на целиот збор на синовите Израилеви: »Вечерва ќе познааете дека Господ ве изведе од земјата Египетска,
7а утре ќе ја видите славата Господова; зашто Господ го чу негодувањето ваше против Бога. Што сме ние, та да се буните против нас?«
8Потоа рече Мојсеј: »Вечерва Господ ќе ве даде месо да јадете, а утре изутрина леб до наситка; оти го чу Господ повикот ваш, што го дигнавте против Него. Кои сме ние? Вашиот повик не е против нас, туку против Бога.«
9И му рече Мојсеј на Арона: »Кажи му на целото општество на синовите Израилеви – ,застанете пред Бога, зашто Он го чу повикот ваш.«
10И кога Арон му зборуваше на целото општество на синовите Израилеви, тие погледнаа кон пустињата, а тоа – славата Господова се појави во облак.
11И му рече Господ на Мојсеја, велејќи:
12»Го чув негодувањето на синовите Израилеви. Кажи им и речи: ‚Вечерва ќе јадете месо, а утре ќе се наситите со леб, и ќе познаете дека јас сум Господ, Бог ваш.‘«
13Вечерта долетаа потполошки и го прекрија таборот; а утрината беше паднала роса околу таборот.
14И, ете, кога се крена росата, а тоа – по пустињата лежи нешто ситно, како коријандер, зрнесто, бело како слана по земјата.
15И кога видоа синовите Израилеви, си велеа еден на друг: »Што е ова?« Оти не знаеја, што беше тоа. А Мојсеј им рече: »Тоа е лебот, што ви го даде Господ да го јадете.«
16Еве како заповеда Господ: »Собирајте од него, секој колку што му треба за јадење – по еден гомор на лице, според бројот на членовите ваши; секој од вас со домашните собирајте.«
17И направија така синовите Израилеви: собираа кај повеќе кој помалку.
18Па мереа со гомор; и кој беше собрал повеќе, излишок немаше, а оној помалку, – немаше недостиг; секој собра онолку, колку што му требаше,
19и им рече Мојсеј: »Никој да не остава од тоа за утре!«
20Но тие не го послушаа Мојсеја, туку некои оставија од тоа за утре, а тоа мувлоса и се смириса. И се налути Мојсеј на нив.
21И така тие го собираа секое утро рано, секој колку што имаше потреба; а кога сонцето ќе изгрееше, маната се топеше.
22А во шестиот ден собраа од тој леб двојно повеќе – по два гомора за секого. И дојдоа старешините народни, па му јавија на Мојсеја.
23А Мојсеј им рече: »Еве ја заповедта што ја кажа Господ – утре е саботен ден, свет одмор за Господа; што ќе печете – печете, и што треба да варите – варете денес; а што ќе преостане, соберете го и пазете го за утре!«
24И оставија од него за утре, оти како што заповеда Мојсеј, и тоа не се смириса, ниту имаше црвја во него.
25И рече Мојсеј: »Јадете го тоа денес, бидејќи е денес сабота посветена на Господа; денес нема да најдете мана во полето.
26Шест дена ќе собирате, а седмиот ден е сабота, тогаш ќе ја нема.«
27И на седмиот ден излегоа некои од народот да собираат, но не најдоа.
28А Господ му рече на Мојсеја: »До кога ќе се противите на заповедите Мои и на законот Мој?
29Ете, Господ ви дал денес сабота, затоа во шестиот ден и ви дава леб за два дена. Останете секој на своето место, и во седмиот ден никој да не го напушта местото свое.«
30И се одмараше народот седмиот ден.
31И синовите Израилеви тој леб го нарекоа мана. Тоа беше као семето коријандрово, бело, а по вкус како медено колаче.
32Тогаш им рече Мојсеј: »Еве што заповеда Господ: ‚Наполнете еден гомор мана, за да се запази во родовите ваши, за да го видат лебот што го јадевте и со кој ве хранев во пустињата, кога ве изведов од земјата Египетска.‘«
33И му рече Мојсеј на Арона: »Земи златен сад и стави во него еден гомор мана, и постави го пред Бога, за да се пази од колено до колено ваше.«
34И го постави Арон пред ковчегот на сведоштвото, за да се чува, како што му беше заповедал Господ на Мојсеја.
35А синовите Израилеви јадеа мана четириесет години, додека не дојдоа во населена земја; јадеа мана додека не стигнаа до границата на земјата Хананска.
36А гоморот е десетти дел од ефа.
Who We AreWhat We EelieveWhat We Do
2025 by iamachristian.org,Inc All rights reserved.