Михеј 4 - Свето Писмо (Гаврилова) 1990(MK1990)

За царството на Месија. Повраток и избавување на Израилот по големите страдања.

1И, ете, затоа во последните дни планината на Господовиот Дом, ќе биде поставена на чело над сите планини, и ќе се издигне над ридовите, и ќе поитаат кон неа народите.

2И ќе тргнат многу народи, и ќе речат: »Дојдете да се искачиме на гората Господова и да влеземе во домот на Јакова – и Он ќе нѐ научи на Своите свети патишта, и ќе одиме по патеките Негови; зашто од Сион ќе излезе Законот, и од Ерусалим – словото Господово.

3Он ќе им суди на многу народи и ќе изобличи многу племиња во далечни краишта; па ќе ги прековаат мечевите свои во плугови и копјата свои – во српови; и народ против народ нема да крене веќе меч, и нема веќе да се учат да војуваат;

4секој ќе седи под лозата своја и под смоквата своја, и никој нема да се плаши, зашто устата на Господа Саваот го изрекла тоа.

5Зашто сите народи одат, секој во името на својот бог, а ние ќе одиме во името на Господа, нашиот Бог, секогаш и довека.«

6Во оној ден, вели Господ, ќе соберам сѐ што е хромо, и ќе соединам што е разгонето, и оние, врз кои сум допуштил беда.

7И ќе направам од остатокот на хромите и прснатите по светот силен народ, и Господ ќе царува над нив на гората Сион од сега па довека.

8А ти, куло на стадото, риду на Сионовата ќерка, при тебе ќе дојде и ќе се врати поранешното владение, царството – при ќерките ерусалимски.

9А зошто ти сега така гласно плачеш? Зар немаш цар или ти недостига советник, па те обзеле маки како кај родилка?

10Страдај и мачи се од болки, ќерко Сионова, како родилка, зашто сега ќе излезеш од градот, ќе живееш во полето и ќе стигнеш во Вавилон. Таму ќе бидеш избавена, таму ќе те откупи Господ од рацете на непријателите твои.

11А сега се собрани многу народи против тебе и велат: »Нека биде осквернета и очите наши да се нагледаат на Сион!«

12Но тие не ги знаат замислите на Господа и не ги разбираат намерите Негови – дека Он ги собрал како снопје на гумно.

13Стани и удирај, ќерко Сионова, оти Јас ќе го направам рогот твој железен и копитата твои бакарни; ќе прегазиш многу народи, и нивните трудови и богатства ќе ги посветиш на Господа – Владетелот над целата земја.

Blog
About Us
Message
Site Map

Who We AreWhat We EelieveWhat We Do

Terms of UsePrivacy Notice

2025 by iamachristian.org,Inc All rights reserved.

Home
Gospel
Question
Blog
Help