1И му рече уште Господ на Мојсеја, на планината Синај, велејќи:
2»Јави им на синовите Израилеви и кажи им: кога ќе дојдете во земјата, што ви ја давам Јас, земјата што ви ја давам нека ја празнува саботата Господова;
3шест години засејувај ја нивата своја и шест години режи го лозјето свое и прибирај ги плодовите нивни,
4а во седмата година е сабота за земјата – нека има одмор земјата; тоа е сабота Господова: не ја сеј нивата своја и не го режи лозјето свое.
5Она што само ќе израсне на нивата твоја, не го жнеј, и грозјето од нережаните лози твои не собирај го: нека биде тоа година за починка на земјата.
6И за време починката на земјата тоа нека биде храна за сите вас – за тебе и за твојот роб, за робинката твоја, за наемникот твој и за придојдениот, населен кај тебе;
7а добитокот твој и за ѕверовите што се на земјата твоја, тие плодови нека им бидат храна.
8И изброј седум саботни години, седумпати по седум, за да ти излезат во седумте седмици четириесет и девет години;
9и објавете го со трубен глас по целата земја ваша седмиот месец, во десеттиот ден од месецот; во денот на очистувањето затрубете со труба по целата земја ваша;
10и осветете ја педесеттата година и објавете слобода по земјата за сите жители; тоа да ви биде година на проштавање; и секој да се врати во својот имот, и секој да се врати при родот свој.
11Педесеттата година да ви биде година на проштавање; во таа година не сејте и не жнејте го она што ќе израсне само од земјата, и да не го собирате она што Му е свето на Господа,
12зашто тоа е знак за опростување: свето да ви е тоа – од нивите јадете ги плодовите нивни.
13Во таа проштална година секој нека се врати на имотот свој.
14Ако си му продал нешто на ближниот свој, или ако си купил нешто од ближниот свој, не оскрбувај го ближниот свој;
15ти треба да купуваш од ближниот свој според бројот на годините по прошталната, и според, бројот на годините на приходот тој треба да ти продава;
16ако остануваат многу години, зголеми ја цената; ако оставаш за малку години, намали ја цената; според бројот на годините определи ја цената.
17Не оскрбувај го ближниот свој; бој се од твојот Господ Бог, зашто Јас сум Господ, вашиот Бог.
18Извршувајте ги заповедите Мои, пазете и исполнувајте ги законите Мои, и спокојно ќе живеете на земјата;
19и земјата ќе ги дава своите плодови, и ќе јадете до наситка и спокојно ќе живеете на неа.
20Ако кажете: што ќе јадеме во седмата година, кога не сме посеале ништо, не сме собрале производи наши,
21Јас ќе испратам благослов Мој во шестата година, и таа ќе даде плод за три години;
22а во осмата година ќе сеете, па ќе јадете од старите производи до деветтата година; и додека не узреат плодовите нејзини, ќе јадете од старото.
23Земјата не смее да се продава засекогаш, зашто земјата е Моја; вие сте при Мене придојдени и преселеници;
24по целата земја на вашите имоти дозволувајте земјата да се откупува.
25Ако брат ти, кој е кај тебе, осиромаши и го продаде својот имот, тогаш да дојде неговиот најблизок роднина и нека го откупи продаденото од братот негов.
26Но, ако нема свој, кој да го откупи, тој самиот ќе успее и ќе најде колку што треба за откуп;
27тогаш да ги пресмета годините од продажбата своја и да го врати другото на оној кому му го продал, и повторно да влезе во владението свое.
28Ако, пак, не најде колку што треба, за да врати, продаденото нека остане во рацете на купувачот си до шестата проштална година, а во светата година да стане слободно и повторно да влезе во имотот свој.
29Ако некој продаде куќа за живеење во град ограден, таа може да се откупи сѐ додека не измине годината на продажбата нејзина – во текот на годината таа може да се откупи.
30Ако, пак, не се откупи додека не измине годината од продажбата нејзина, куќата што е во градот, со тврда ограда, засекогаш ќе остане во рацете на купувачот и родот негов, и нема да му се врати во прошталната година.
31А куќите по селата, што не се оградени наоколу, треба да се сметаа за ниви; тие секогаш ќе можат да се откупуваат, но во прошталната година ќе се вратат.
32А што се однесува до градовите на левитите, куќите во градовите на владението нивно, секогаш можат да ги откупуваат левитите;
33ако некој од левитите нема средства да откупи, тогаш продадената куќа во градот на нивниот имот ќе биде вратена во времето на прошталната година, зашто куќите во градовите на левитите се нивно владение меѓу синовите Израилеви.
34А селата околу нивните градови не смеат да се продаваат, зашто тие се нивно вечно владение.
35Ако братот твој осиромаши и изнемогне при тебе, поткрепи го исто така како да е твој придојден или преселеник, та да живее кај тебе.
36Не земај му ни лихва ни печалба, и бој се од твојот Бог; Јас сум Господ; братот твој нека живее при тебе.
37Не давај му сребро свое со интерес, а и храната твоја не давај му ја со печалба.
38Јас сум Господ, Бог ваш, Кој ве изведе од Египетската земја за да ви ја дадам земјата Хананска и да бидам ваш Бог.
39Кога ќе осиромаши кај тебе братот твој, и ти се продаде, не товари го со ропска работа;
40тој треба да ти биде како наемник, како преселник, нека ти работи до прошталната година,
41а тогаш нека си отиде од кај тебе, тој самиот и децата негови со него во прошталната година, и нека се врати меѓу родот свој и пак да влезе во имотот на татковците свои,
42бидејќи тие се Мои слуги, кои Јас ги изведов од Египетската земја: тие не смеат да се продаваат како што се продаваат робовите.
43Не товарај го со многу работа и бој се од твојот Господ Бог.
44Ако сакаш да имаш свој роб и своја робинка, купувајте си роб и робинка од народите што се околу вас; од нив да си земате робови и робинки.
45Исто така и од децата на преселниците, населени меѓу вас, можете да купувате; и од нивните роднини во земјата ваша ако ги има, и тие да ви бидат сопственост.
46Можете да ги предавате во наследство и на синовите ваши по вас како вечен имот; а браќата ваши, синовите Израилеви, не обременувајте ги со многу работа.
47Ако твојот придојден или твојот преселник се збогати, а братот твој пред него осиромаши и му се продаде на придојдениот, населен при тебе, или на некој друг од родот на придојдените,
48тогаш по продажбата тој може да биде откупен; некој од браќата негови треба да го откупи,
49или братот на неговиот татко, или синот на стрикото негов треба да го откупи, или кој и да било од родот негов во племето, да го откупи, или самиот тој, ако се снајде да се откупи.
50И да се пресмета со купувачот свој, сметајќи од годините, кога се продал, па си до прошталната година, и да го врати среброто за кое се продал според бројот на годините, при што да се пресмета и тоа дека кај него бил и како наемник – според бројот на годините,
51и ако остануваат уште многу години, тогаш сразмерно на нив да го врати својот откуп во сребро, за кој бил купен;
52ако, пак, остануваат уште малку години до прошталната година, да пресмета и сразмерно на годините на служењето да плати за својот откуп.
53Во текот на сите години тој да биде кај него како наемник, но тој не треба да биде преоптоваруван со работа пред твоите очи.
54Ако, пак, не се откупи на тој начин, тогаш во прошталната година да излезе самиот тој и децата негови со него,
55затоа што синовите Израилеви се Мои слуги; тие се Мои деца, што ги изведов од Египетската земја. Јас сум Господ, вашиот Бог.«
Who We AreWhat We EelieveWhat We Do
2025 by iamachristian.org,Inc All rights reserved.