1 Царства 18 - Свето Писмо (Гаврилова) 1990(MK1990)

Давид се спријателува со Јонатана.

1Кога Давид го заврши разговорот со Саула, душата на Јонатан се приврза до душата негова, и Јонатан го засака како душата своја.

2И тој ден Саул го задржа и не му дозволи да се врати во татковиот си дом.

3А Јонатан склучи сојуз со Давида, бидејќи го засака како душата своја.

4Јонатан ја сметна горната облека своја, што беше на него, и му ја даде на Давида, исто така и другата облека своја, и мечот свој, и лакот свој, и појасот свој.

5А Давид постапуваше разумно насекаде, каде и да го испратеше Саул, и Саул го направи началник над воените луѓе; и тоа му се допадна на сиот народ и на слугите Саулови.

6Кога одеа, при враќањето на Давида од победата над Филистеецот, жените од сите израилски градови излегуваа да го пресретнат царот Саул со песни, игри и радосни извици, со тимпани и кимвали.

7И жените, што играа и пееја, говореа: »Саул победи илјади, а Давид – десетици илјади!«

8Тогаш Саул многу се огорчи, непријатни му беа тие зборови, па рече: »На Давида му дадоа десетици илјади, а мене – илјади; му недостига само царство.«

9И од тој ден Саул гледаше на Давида подозриво.

10И се случи на другиот ден, лошиот дух од Бога го нападна Саула, и тој беснееше во куќата своја, а Давид свиреше со раката по струните, како и во другите денови; Саул држеше во раката копје.

11И го фрли Саул копјето, помислувајќи си: ќе го приковам Давида за ѕидот; но Давид двапати се истргна од него.

12И Саул почна да се плаши од Давида, зашто Господ беше со него, а од Саула отстапи.

13И Саул го истави од себеси и го постави за свој илјаданачалник, и тој излегуваше и влегуваше пред народот.

14Во сите работи Давид постапуваше разумно и Господ беше со него.

15И Саул виде дека е тој многу разумен, и се плашеше од него.

16А целиот Израил и Јуда го сакаа Давида, зашто тој излегуваше и влегуваше пред нив.

17Саул му рече на Давида: »Ете, поголемата ми ќерка Мерова ќе ти ја дадам за жена, само биди ми јунак и води ги војните Господови.« Зашто Саул си мислеше: нека не биде мојата рака врз него, туку раката на Филистејците нека биде врз него.

18Но Давид му рече на Саула: »Кој сум јас, и каков е животот мој и родот на татко ми во Израилот, та да станам царски зет?«

19И кога дојде време Сауловата ќека Мерова да се омажи за Давида, му ја дадоа за жена на Адриел од Мехола.

20Но Давида го беше засакала другата Саулова ќерка, Мелхола, и кога му соопштија на Саула за тоа, му стана пријатно.

21Саул си мислеше: »Ќе ја омажам за него, и таа ќе му биде стапица, и раката на Филистејците ќе биде врз него.« И му рече Саул на Давида: »Денес ќе се сродиш со мене преку другата.«

22Тогаш Саул им заповеда на слугите свои, велејќи: »Кажете му тајно на Давида: – ете, царот е благонаклонет кон тебе, и сите слуги негови те сакаат; затоа стани му зет на царот.«

23И слугите Саулови ги предадоа во ушите на Давида сите тие зборови. А Давид рече: »Зар ви се чини дека е лесно да бидеш зет на царот? Јас сум човек беден и мал.«

24И му соопштија на Саула слугите негови и рекоа: »Еве, што рече Давид.«

25Тогаш Саул рече: »Вака кажете му на Давида: царот не сака мираз, туку само сто филистејски обрезоци за одмазда на царевите непријатели.« Зашто Саул беше на мисла да го погуби Давида со рацете на Филистејците.

26Слугите му ги соопштија на Давида тие зборови и на Давида му се свиде да му стане зет на царот.

27Уште не беа изминале определините денови, Давид стана, тргна тој и луѓето со него, и изби двесте души Филистејци; па ги донесе Давид нивните обрезоци, и му ги предаде на царот во полн број, за да стане зет царев. И Саул му ја даде за жена ќерка си Мелхола.

28Саул виде и дозна дека е Господ со Давида и дека сиот Израил го сака, а и дека Мелхола, Сауловата ќерка, го сака Давида.

29И Саул почна уште повеќе да се плаши од Давида и стана негов непријател во целиот живот.

30А кога филистејските војводи излегоа во војна, Давид уште од самото излегување нивно дејствуваше поразумно од сите Саулови слуги, и многу се прослави името негово.

Blog
About Us
Message
Site Map

Who We AreWhat We EelieveWhat We Do

Terms of UsePrivacy Notice

2025 by iamachristian.org,Inc All rights reserved.

Home
Gospel
Question
Blog
Help