1Зашто секој првосвештеник, кој од луѓе се избира, за луѓето се поставува на служба Божја, да принесува дарови и жртви за гревовите,
2и да може да ги разбира оние, што се неумешни и заблудени, бидејќи и сам е со слабости;
3и затоа е должен како за народот, така исто и за своите гревови да принесува жртви.
4И никој сам не се здобива со таква чест, освен оној, кој е повикан од Бога, како и Арон.
5Така и Христос не се прослави Сам Себеси, за да биде првосвештеник, туку Го прослави Оној, Кој Му рече: »Ти си Син Мој, Јас Те родив денес«;
6како што е на друго место речено: »Ти си вечен свештеник по чинот Мелхиседеков.«
7Во деновите на Својот земен живот, Он со силен вик и солзи упати молби и молитви кон Оној, Кој можеше да Го спаси од смртта, и, поради Својата побожност беше чуен,
8макар и Син, Он се научи на послушност преку она, што пострада,
9а, откако се усоврши, стана причина за вечно спасение на сите оние, кои Му се послушни,
10и од Бога беше наречен Првосвештеник по чинот Мелхиседеков.
11За ова би имале многу да ви зборуваме, што е и тешко да се толкува, бидејќи станавте немоќни за слушање.
12Зашто, иако според годините вие требаше веќе да бидете учители, вие сѐ уште имате потреба да ве учат – кои се првите начела на словото Божјо, и дојдовте до таква состојба, што имате потреба од млеко, а не од тврда храна.
13Секој, што се храни со млеко, не е опитен во словото на правдата, бидејќи е младенец;
14а тврдата храна е за совршените, кои благодарејќи на навиката, имаат чувства и се научени да разликуваат добро и зло.
Who We AreWhat We EelieveWhat We Do
2025 by iamachristian.org,Inc All rights reserved.
