Исаија 58 - Свето Писмо (Гаврилова) 1990(MK1990)

Казна за лажна светост.

1Викај со сиот глас, не се воздржувај; крени го гласот како труба, укажи му на народот Мој на беззаконието негово, и на домот Јаковов – гревовите негови.

2Тие секој ден Ме бараат и сакаат да ги знаат Моите патишта, кои како народ, божем постапува праведно и не ги остава законите на својот Бог; сакаат од мене праведен суд, сакаат да се приближат до Бога:

3»Зашто ние постиме, велат, а Ти не гледаш; ги измачуваме душите свои, а Ти не сакаш да знаеш« – Ете, кога постите, вие ја исполнувате својата волја и од другите барате тешки трудови.

4Ете, вие постите за караници и расправии и за да ги биете со рака сиромасите; вие не постите во тоа време така, што гласот ваш да биде чуен во висините.

5Таков ли е постот, што Јас го определив: човек да ја изнемоштува душата своја во денот кога ја наведнува главата како трска и под себе постила вреќиште и пепел? Тоа ли ќе го наречеш пост и ден угоден на Господа?

6Ете го постот, што го избрав: раскини ги оковите на неправдата, одврзи ги врските на јаремот, и угнетените пушти ги на слобода и скрши го секој јарем;

7раздели го лебот свој со гладните, и скитниците сиромаси одведи ги во домот свој; ако видиш гол, – облечи го, и од еднокрвниот не се криј.

8Тогаш твојата светлина ќе се јави како зора, и твоето здравје наскоро ќе процути, твојата правда ќе тргне пред тебе и славата Господова ќе те придружува.

9Тогаш ти ќе повикаш – и Господ ќе те чуе, ќе извикаш – и Он ќе рече: »Еве Ме.« Кога ќе го отстраниш од себе јаремот, кога ќе престанеш да креваш прст и да говориш лошо,

10кога ќе му ја дадеш на гладниот душата своја и ќе ја нахраниш душата на страдалникот, – тогаш твојата светлина ќе изгрее во темнината, и мракот твој ќе биде како пладне;

11и Господ секогаш ќе ти биде водач, а и во време на суша ќе ја наситува душата твоја и ќе ги крепи коските твои; ти ќе бидеш како градина напоена со вода и како извор, чии води никогаш не пресушуваат.

12Тогаш твоите потомци ќе градат врз стари урнатини: ти ќе ги востановиш основите на многу поколенија, и ќе те викаат обновител на урнатини, градител на патишта за населби.

13Ако заради саботата ја воздржиш ногата своја да ги исполнува желбите на твоето срце во светиот Мој ден, и ако ја нарекуваш саботата радост, свет ден Господов, ако ја празнуваш и ако ја почитуваш со тоа да не се занимаваш со обичните работи, да им угодуваш на своите грешни желби и да празнословуваш, –

14тогаш ќе имаш радост во Господа, а Јас ќе те искачам на височини земни и ќе ти дадам да вкусиш од наследството на Јакова, твојот татко: устата на Господа го изрече тоа.

Blog
About Us
Message
Site Map

Who We AreWhat We EelieveWhat We Do

Terms of UsePrivacy Notice

2025 by iamachristian.org,Inc All rights reserved.

Home
Gospel
Question
Blog
Help