Судии 20 - Свето Писмо (Гаврилова) 1990(MK1990)

Израилевите синови војуваат против племето на Венијамина.

1Тогаш излегоа сите синови Израилеви, и се собраа целото општество како еден човек од Дан до Вирсавија и Галадската земја пред Господа во Масифа.

2Се собраа пред Господа старешините на сиот народ, сите племиња Израилеви, во собранието на народот Божји, – четиристотини илјади пешаци мечоносци.

3А Венијаминовите синови слушнаа дека синовите Израилеви дошле во Масифа. И Израилевите синови запрашаа: »Кажете, како станало тоа зло?«

4Левитот, мажот на убавата жена, одговори и рече: »Дојдов со наложницата своја да ноќевам во Гаваон Венијаминов;

5и се кренаа против мене жителите на Гаваон и преку ноќта ја опколија заради мене куќата; мене сакаа да ме убијат, а наложницата моја ја измачија, откако ја познаа, така што таа умре;

6јас ја зедов наложницата своја, на парчиња ја исеков и ја испратив по сите области на владеењето Израилево, бидејќи тие извршија назаконито и срамно дело во Израилот;

7ете, сите вие, синови Израилеви, разгледајте го тоа дело и решете тука.«

8И се крена сиот народ како еден човек и рече: »Никој нема да отиде во шаторот свој и никој нема да се врати во домот свој.

9А еве што ќе направиме сега со Гаваон: да фрлиме жреб за него!

10Ќе земеме по десет души на сто од сите Израилеви племиња, по сто на илјада и по илјада на десет илјади, за да донесат храна за народот, кој што ќе тргне против Гаваон Венијаминов, за да го казни за срамот, што го беше извршил против Израилот.«

11И сите Израилци се собраа против градот еднодушно, како еден човек.

12И Израилиевите племиња испратија луѓе да му кажат по целото Венијаминово племе: »Каква гнасотија е извршена кај вас!

13А сега, предајте ги тие развратници, што се во Гаваон; ние ќе ги убиеме и ќе го искорениме злото од Израилот.« Но синовите Венијаминови не сакаа да го послушаат гласот на браќата свои, синовите Израилеви.

14И синовите Венијаминови од градовите се собраа во Гаваон, за да тргнат во војна против синовите Израилеви.

15А во оној ден Венијаминовите синови, што се беа собрале од градовите свои, се изброија дваесет и шест илјади души мечоносци; освен тоа од жителите на Гаваон имаше одбрани на број седумстотини.

16Во сиот тој народ имаше седумстотини души одбрани, кои беа леваци, и сите тие фрлаа камења со праќки, без да погрешат.

17А Израилците, без Венијаминовите синови, броеја четиристотини илјади души мечоносци; сите тие беа способни за војна.

18Тогаш Израилевите синови станаа и отидоа во Божјиот дом и го запрашаа Бога: »Кој од нас прв ќе тргне во бој против синовите Венијаминови?« И Господ одговори: »Јуда прв нека оди.«

19Утрината станаа синовите Израилеви и се распоредија на табори пред Гава;

20и излегоа Израилците за борба против Венијамина и се наредија синовите Израилеви во бојни редови близу до Гава.

21Тогаш излегоа од Гава и синовите Венијаминови и во тој ден убија дваесет и две илјади Израилци.

22Но, народот израилски се совзеде и пак се нареди за борба на истото место, каде што беше претходниот ден.

23И отидоа синовите израилеви пред Господа и плачеа до вечерта, па Го прашаа Господ: »Да влеземе ли пак во борба со синовите на нашиот брат Венијамин?« Господ им рече: »Одете против него!«

24И вториот ден Израилевите синови пак настапија против синовите на Венијамина.

25Во тој ден излезе и Венијамин од Гава и беа убиени од синовите Израилеви уште осумнаесет илјади души мечоносци.

26Тогаш сите Израилеви синови и сиот народ тргнаа и дојдоа во Божјиот дом, па седеа таму и плачеа пред Господа, постеа целот ден до вечерта и Му принесоа на Бога сепалиници и мирни жртви.

27И Го прашаа синовите Израилеви Господа (во тоа време Ковчегот на зеветот беше таму

28и Финес, синот Елеазаров, син Аронов, стоеше пред него): »Дали да излеземе пак против нашиот брат Венијамин или не?« Господ им рече: »Одете! Утре ќе го предадам во вашите раце.«

29Тогаш Израил постави заседа околу Гава.

30На третиот ден излегоа синовите Израилеви против синовите на Венијамина, па, како и порано, се наредија за борба против Гава.

31Венијаминовите синови излегоа против народот и се оддалечија од градот, и почнаа, како порано, да убиваа од народот по патиштата, од кои еден води за Ветил, а друг во Гаваон, преку полето, и убија до триесет души Израилци.

32И Венијаминовите синови си рекоа: »Тие паѓаат пред нас како порано.« А Израилевите синови си рекоа: »Да бегаме од нив и да ги одвлечеме од градот на патот.«

33Тогаш сите Израилци станаа од местото свое и се наредија во Ваал-Тамара. А Израилевата заседа се спушти од местото свое од западната страна на Гаваон.

34И се собраа против Гаваон десет илјади души одбрани од сиот Израил, и почна жестока борба. Но Венијаминовите синови не знаеја дека ќе ги снајде зло,

35и Господ го разби Венијамина пред Израилот, и Израилците кутнаа во тој ден од синовите Венијаминови дваесет и пет илјади и сто души вооружени со мечеви.

36Кога Венијаминовите синови помислија, дека ги поразиле Израилците, кои им направија место, бидејќи Израилецот се надеваше на заседата, што ја беа поставле близу до Гаваон,

37заседата побрза и се спушти кон Гаваон, – влезе и го порази со меч целиот град.

38Израилците си беа договориле знак со заседата, да нападнат, кога ќе се крене дим од градот.

39И така, кога Израилците отстапија од местото на борбата, и Венијамин почна да поразува и кутна до триесет души Израилци, велејќи: »пак паѓаат пред нас, како и во поранешните судири«,

40тогаш почна да се издига од градот дим како столб. Венијамин погледна назад, и ете, од целиот град излгува дим кон небото.

41И Израилците се вратија, а Венијамин се уплаши, бидејќи виде дека го снашло зло.

42И избегаа синовите Венијаминови од Израилците по патот кон пустињата, но беа следени со колеж, и оние, што излегуваа од градовите, таму ги убиваа;

43го опколија Венијамина и го гонеа без почивка од Нуа и го поразуваа до самата источна страна на Гаваон.

44И од синовите Венијаминови паднаа осумнаесет илјади души, силни мажи.

45А од другите што се свртија и се спуштија спрема пустињата, кон карпата Римон, насобраа пет илјади и ги гонеа дури до Гадам, и од нив убија две илјади души.

46Сите, пак, Венијаминови синови, паднати тој ден, беа дваесет и пет илјади души, вооружени со мечеви, сите беа силни мажи.

47Другите се свртија и избегаа во камената пустиња, при Римон, четиристотини души и таму останаа четири месеци.

48А Израилците се вратија кај синовите Венијаминови и ги поразија со меч – и луѓето од градот, и добитокот, и сѐ, што се среќаваше во сите градови, и со оган ги изгореа сите градови што се наоѓаа по патот.

Blog
About Us
Message
Site Map

Who We AreWhat We EelieveWhat We Do

Terms of UsePrivacy Notice

2025 by iamachristian.org,Inc All rights reserved.

Home
Gospel
Question
Blog
Help