1И голем знак се покажа на небото: жена, облечена во сонце; под нозете нејзини беше месечината, а на главата нејзина – венец од дванаесет ѕвезди.
2Таа беше тешка и викаше од породилни болки, и се мачеше да роди.
3Потоа се јави друг знак на небото. Ете, голем црвен змев со седум глави и десет рогови, а на главите негови седум круни;
4опашката негова повлече една третина од небеските ѕвезди и ги фрли на земјата. Змевот застана пред жената, која сакаше да роди, та, кога ќе роди, да го изеде детето нејзино.
5И таа роди машко дете, кое ќе ги пасе сите народи со железен жезал; и детето нејзино беше грабнато и однесено при Бога и Неговиот престол.
6А жената побегна во пустина, каде што имаше приготвено место од Бога за да ја хранат таму илјада двесте и шеесет дена.
7И настана војна на небото; Михаил и неговите ангели војуваа против змевот, а змевот и неговите ангели војуваа против нив;
8но не устојаа, и за нив веќе не се најде место на небото.
9И беше исфрлен големиот змев – старата змија, наречена ѓавол и сатана, која ја мами целата вселена, беше соборен на земјата, и заедно со него и ангелите негови беа исфрлени.
10И чув висок глас на небото да зборува: »Сега настана спасението и силата и царството на нашиот Бог и власта на Неговиот Христос, бидејќи е симнат клеветникот на браќата наши, кој ги клеветеше пред нашиот Бог дење и ноќе.
11Тие го победија со крвта на Агнецот и со словото на своето сведоштво и не се грижеа за животот свој дури до самата смрт.
12Затоа веселете се, небеса, и вие, кои живеете на нив! Тешко вам, кои живеете на земјата и морето, зашто ѓаволот слегнал при вас со голем гнев, оти знае дека му останува малку време!«
13А кога виде змевот дека е фрлен на земјата, почна да ја гони жената што го беше родила машкото дете.
14И ѝ се дадоа на жената две крилја како на голем орел, за да одлета во пустината на своето место, каде што ќе се храни време, две времиња и половина време, далеку од лицето на змијата.
15И змијата испушти од устата своја вода како река по жената, за да ја одвлече со реката.
16Но земјата ѝ помогна на жената: и ја отвори земјата устата своја и ја проголта реката, што ја беше испуштил змевот од устата своја.
17И се разлути змевот на жената и отиде да војува со другите од семето нејзино, што ги пазат Божјите заповеди и го имаат сведоштвото на Исуса Христа.
Who We AreWhat We EelieveWhat We Do
2025 by iamachristian.org,Inc All rights reserved.
