1И му рече Господ на Мојсеја, велејќи:
2»Кажи му на целото општество на Израилевите синови и речи им: бидете свети, затоа што сум свет, Јас Господ, вашиот Бог.
3Секој да се плаши од таткото свој и од мајката своја и да ги запазува Моите саботи. Јас сум Господ вашиот Бог.
4Не одете по идоли, и излеани богови не правете си. Јас сум Господ, вашиот Бог.
5Кога Му принесувате на Господа жртва за спасение, принесувајте ја за да биде примена.
6Таа треба да се јаде во денот, кога ја принесувате, и вториот ден, а она што ќе остане во третиот ден, да се изгори на оган.
7Ако некој ја јаде во третиот ден, тоа не е жртва и нема да се прими.
8Оној што ќе ја јаде, ќе навлече врз себе грев, бидејќи го осквернил она што Му е свето на Господа, и душите на тие што јаделе, ќе им бидат истребени од народот Негов.
9Кога ја собирате жетвата од земјата своја, не ја жнеј нивата своја до крај, и паднатите класја од жетвата своја не собирај ги.
10а и лозјето свое не собирај го до зрно, и паднатите зрна од брањето не собирај ги; остави го тоа за сиромавиот и придојдениот. Јас сум Господ, вашиот Бог.
11Не крадете, не лажете и не клеветете го ближниот свој.
12Не колнете се лажно во Моето име, на осквернувајте го светото име на вашиот Бог; Јас сум Господ, вашиот Бог.
13Не навредувај го ближниот свој. Наградата на наемникот твој не смее да остане кај тебе до утредента.
14Не навредувај глув човек и пред слеп не ставај ништо, од кое може да се сопне; бој се од Господа, твојот Бог. Јас сум Господ, Бог ваш.
15Не прави неправда, а кога си во судот: не биди пристрасен спрема сиромавиот и не угодувај му на големецот; суди му на ближниот свој по правда.
16Не шири лага меѓу народот свој и не посегнувај врз животот на ближниот свој. Јас сум Господ, вашиот Бог.
17Во мислите свои не завидувај му на братот твој; изобличи го ближниот свој и нема да ти се прими за грев поради тоа.
18Да не се одмаздува раката твоја и не биди им непријател на синовите од народот твој, туку сакај го ближниот свој како самиот себе. Јас сум Господ, вашиот Бог.
19Запазувај го законот Мој, не мешај го добитокот свој со добиток од друг род; во лозјето свое не сади различни лози; облека ткаена од две преѓи не облекувај.
20Ако некој преспие со жена, а таа е робинка, свршена за маж, но уште неоткупена, или уште не и е дадена слобода, да се казнат и обајцата, но не со смрт, зашто таа не е слободна;
21тој нека донесе пред Господа при влезот од скинијата на сведоштвото жртва за принос: еден овен,
22и да се помоли свештеникот пред Господа, преку овенот за престап, за гревот што го направил, и извршениот грев ќе му биде простен.
23Кога ќе влезе во земјата, која Господ, вашиот Бог, ви ја дава, и ќе посадите секакво плодно дрво, очистете ја нечистотијата негова, три години неговиот плод треба да е за вас нечист и да не се јаде;
24а во четвртата година секој негов плод е свет, посветен на Господа за благодарност.
25Во петтата, пак, година, можете да ги јадете плодовите негови и да го собирате целиот негов род. Јас сум Господ, вашиот Бог.
26Не јадете ништо со крв и не гатајте според летот на птиците.
27Не стрижете ја главата своја наоколу и не расипувајте го изгледот на брадата своја.
28Заради умрен не правете рецки по снагата своја и не цртајте букви по телото свое. Јас сум Господ, вашиот Бог.
29Не осквернувај ја ќерката своја, со тоа што ќе и дозволиш да врши блудство и да се исполни земјата со беззаконија.
30Саботите Мои пазете ги и бојте се од она што Ми е свето. Јас сум Господ.
31Не одете по оние што повикуваат духови на мртви, и до маѓесници не доближувајте се, и не дозволувајте да ве осквернат. Јас сум Господ, Бог ваш.
32Пред седо лице станувај, почитувај го лицето на старец и бој се од Господа, твојот Бог. Јас сум Господ, Бог ваш.
33Кога придојден ќе се насели во земјата ваша, не жалостете го;
34придојдениот меѓу вас нека ви биде исто како тукашен; сакајте го како себеси, затоа што и вие бевте придојдени во Египетската земја. Јас сум Господ, Бог ваш.
35Не правете неправда кога судите, кога мерите со терезија и кога измерувате;
36мерките ваши да ви бидат точни, теговите точни, ефата верна. Јас сум Гопод, Бог ваш, што ве изведов од Египетската земја.
37Пазете го целиот Мој закон и сите Мои повелби, и извршувајте ги. Јас сум Господ, Бог ваш.«
Who We AreWhat We EelieveWhat We Do
2025 by iamachristian.org,Inc All rights reserved.