Јов 31 - Свето Писмо (Гаврилова) 1990(MK1990)

Крај на Јововиот говор: тврди дека не е виновен ни пред Бога ниту пред луѓето.

1»Завет направив со очите свои, за да не погледнам на девица.

2Но каков дел би имал од Бога одозгора? И какво наследство ми испратил Седржителот од небесата?

3Не ли е за нечесниот погибелта? Нели е за безбожникот пропаста?

4Не ги виде ли Он патиштата мои и не ги брои ли сите мои чекори?

5Ако одев во суета, и ако ногата моја брзаше кон лукавство, –

6нека ме измерат со мерката на правдата, и Бог ќе ја дознае мојата непорочност.

7Ако стапките мои се отстранувале од патот, ако срцето мое ги следело очите мои, и ако нешто нечисто се залепило за рацете мои,

8јас нека сејам, а друг да јаде, и потомците мои искоренети да бидат.

9Ако срцето мое се занесувало од жена и ако сум демнел крај вратата на ближниот свој,

10жената моја нека му меле на друг, и друг нека се подигрува со неа,

11зашто тоа е престап, тоа е беззаконие, кое подлежи на суд;

12тоа е оган, што гори до истребување, што би го уништил целиот мој имот.

13Ако не водев грижа за правата на слугата и на слугинката, кога имаа спор со мене,

14што ќе правев, ако се кренеше Бог? И ако ме испитуваше, што ќе можев да Му одговорам?

15Нели Он, Кој ме создал мене во утробата, го создал и него и еднакво нѐ обликувал во утробата?

16Сум ја откажал ли молбата на оној што имал потеба, и сум ги просолзувал ли очите на вдовица?

17Сам ли го јадев залакот свој, нели јадеше и сиракот од него?

18Зашто од детството растел тој со мене како со татко, и од утробата на мајката негова сум го раководел јас.

19Ако видев некој дека загинува без облека и сиромав без покрив, –

20бедрате негови нели ме благословуваа и тој не ли биваше стоплен со волната од овците мои?

21Ако сум кренал рака врз сирак, кога ќе видев, дека имам потпора пред портите,

22рамото мое нека се оддели од грбот и раката моја нека се откине од лактот,

23зашто казната од Бога е страшна за мене: пред Неговото величие јас не би можел да опстанам.

24Сум го земал ли златото за моја потпора и сум велел ли на ризницата: ‚ти си моја надеж‘?

25Сум се радувал ли дека богатството ми беше големо и дека раката моја спечалила многу?

26Гледајќи го сонцето, како свети, и месечината, како величествено оди,

27се занесував ли во длабочините на срцето свое и ја бакнував ли со уста раката своја?

28Тоа ќе беше исто така престап за суд, зашто тогаш би се откажал од Бога Севишниот.

29Се радував ли за неволјата на непријателот мој и се веселев ли кога го снаоѓаше зло?

30Не ѝ дозволував на устата моја да греши со проколнување на душата негова.

31Не велеа ли луѓето од мојот шатор: ‚О, кој не се наситувал од неговите месни гозби?‘

32Туѓинец не ноќеваше не улица; вратата своја ја отварав на патникот.

33Да ги криев грешките свои пред луѓето и ако ги таев во градите своите престапи,

34ќе се плашев од големото мноштво, и од најмалиот во домот мој ќе имав страв, па затоа молчев и не излегува надвор од вратата.

35О, да имаше кој да ме ислуша! Еве ја мојата желба: Вседржителот да ми одговори, а заштитникот мој да состави запис за тоа;

36ќе го носев на рамениците мои и ќе се украсував со него како со венец;

37ќе му го соопштев бројот на чекорите свои, ќе се приближев до него како кнез.

38Ако нивите мои викаа против мене, ако браздите нивни се поплакуваа од мене,

39ако сум им ги јадел плодовите нивни бесплатно и сум ја измачувал душата на земјоделците,

40тогаш место жито нека расте трње и место јачмен – какол.« Зборовите Јовови свршија.

Blog
About Us
Message
Site Map

Who We AreWhat We EelieveWhat We Do

Terms of UsePrivacy Notice

2025 by iamachristian.org,Inc All rights reserved.

Home
Gospel
Question
Blog
Help