1Утешувајте го, утешувајте го Мојот народ, вели вашиот Бог;
2говорете му на Ерусалим, што му е по срце, и известувајте го, дека времето на неговата борба се исполни, дека за неправдата му е дадено задоволување, зашто од раката Господова доби двојно за сите свои гревови.
3Гласот на оној што вика во пустињата говори: »Пригответе Му пат на Господа, прави направете ги во пустињата патеките за нашиот Бог;
4секој дол да се исполни, секоја планина и рид да се снизат; кривините да се исправат, и нерамните патишта да бидат израмнети;
5и ќе се јави славата Господова, и секоја плот ќе го види спасението од Бога; зашто устата Господова го изрече тоа.«
6Гласот говореше: »Разгласувај!« и рече: »Што да разгласувам?« – »Секоја плот е трева, сета убавина нејзина е како полско цвеќе.
7Тревата се исушува, цвеќето овенува, штом ќе дувне врз него здивот на Господа: така е и народот како трева.
8Тревата се суши, цвеќето свенува, а словото на нашиот Бог останува вечно.«
9Искачи се на високата гора Сион, ти кој јавуваш добри вести за Сион, извиши го силно гласот свој, благоизвестителе Ерусалиме, подигни го, не плаши се. Кажи им на градовите Јудини: еве Го вашиот Бог!
10Ете, Господ Бог иде со сила и мишката Негова е со власт. Ете, наградата Му е со Него, а отплатата Му е пред лицето Негово.
11Како пастир ќе го пасе Он стадото Свое: јагнињата ќе ги земе Он во рацете и ќе ги носи на градите Свои, и грижливо ќе ги води дојдените.
12Кој ги исцрпел водите со раката своја и со педа го измерил небото, и со мерка го измерил правот земен, кој ги измерил на терезија планините и ридовите?
13Кој го разбрал Духот на Господа, и Му бил Нему советник и Го учел?
14Со кого се советувал Он, и кој Го вразумувал и Го поучувал во патот на правдата, и Го учел на знаење и Му го покажувал патот на мудроста?
15Ете, народите се како капка од ведро, и се сметаат како прашинка на терезија. Ете, островите Он ги подигна како прашинки.
16Ни Ливан не стигнува за жртвен оган, ни животните по него – за сепаленица.
17Сите народи пред Него се како ништо, – за Него се помалку од ништо, и помалку се од суетата.
18И така, со кого ќе Го споредите Бога, и каква подобност ќе Му најдете?
19Уметникот го излева идолот, а златарот го покрива со злато и му додава сребрени веришки.
20А кој е сиромав и нема што да му принесе, тој избира дрво, кое не гние, па бара искусен уметник за да направи идол, што ќе стои цврсто.
21Зар не знаете? Зар не сте слушале? Зар не ви е зборувано во почетокот? Зар не сте го разбрале тоа по основите на земјата?
22Он е Оној, Кој седи над кругот на земјата, а оние, што живеат на неа, се како скакулци пред Него; Он ги распослал небесата како танко платно и ги распнал како шатор за живеење.
23Он ги претвора кнезовите во ништо, судиите земни ги прави да бидат ништожни.
24Одвај посадени, одвај посеани, одвај се закоренил во земјата стракот нивни, штом Он ќе дувне врз нив, тие се исушуваат; виорот ги однесува како плева.
25»Со кого ќе Ме изедначите и со кого ќе Ме споредите?« – вели Светецот.
26Кренете ги очите свои кон висините небесни и погледнете, кој ги создал? Кој го пресметал бројот на војската нивна? Он сите нив ги нарекува по име: поради големата моќ и големата сила во Него ништо не недостига.
27А како говориш ти, Јакове, и велиш, Израиле: »Патот ми е сокриен од Господа, делото мое е заборавено пред мојот Бог?«
28Зар не знаеш? Зар не си слушал дека вечниот Господ Бог, Кој ги создал краиштата на земјата, не се изморува и не изнемоштува; Неговиот разум е неиспитлив.
29Он му дава сила на уморениот и му дарува јачина на изнемоштениот.
30Се уморуваат и момчињата и ослабуваат, и млади луѓе паѓаат,
31а оние кои се надеваат на Господа, ќе ја обноват силата своја: ќе кренат крилја како орли, ќе трчаат и нема да им биде тешко, ќе одат и нема да се уморат.
Who We AreWhat We EelieveWhat We Do
2025 by iamachristian.org,Inc All rights reserved.