Мудрост Сирахова 18 - Свето Писмо (Гаврилова) 1990(MK1990)

Божјото величие.

1Сѐ создал Оној Кој живее вечно; само Господ е праведен.

2Никому не му дал делата Негови да ги објаснува.

3Кој може големите Негови дела да ги испитува?

4Кој може на величието Негово да ја измери силата? Кој може неговите милости да ги искаже?

5Не можно е да се намалат, ниту е можно да се зголемат; никој не може да ги испита чудесните дела Божји.

6Кога човекот помисли дека нешто завршил, тоа е само почеток, а штом престане – збунет е како и секогаш.

7Што е човекот и зошто е? Што е неговото добро, а што неговото зло?

8Деновите на човекот се многу ако се сто години, а според вечноста – тие се како капка вода или зрно песок во морето.

9Затоа спрема луѓето Господ е долготрпелив, ги опсипува со своите милости.

10Тој гледа и знае колку е беден нивниот крај.

11Затоа толку многу им простува.

12Милоста на човекот е само спрема неговиот ближен, а милоста божја – за сѐ што е живо.

13Господ прекорува и вразумува, поучува и обрнува, како пастирот стадото свое.

14Милостив е спрема оние што се вразумуваат и спрема оние кои ревносно се враќаат кон законот Негов.

15Синко, добрите дела твои не врши ги со прекор, и подароците твои не давај ги со навредливи зборови.

16Росата нели ја освежува жегата? Поскапоцен е зборот од самото дело.

17Не е ли зборот подобар од добриот дар? А добродетелниот човек го има и едното и другото.

18Глупавиот немилосрдно прекорува, а дарот од завидливиот очите ги суши.

19Помисли пред да проговориш, грижи се за себе пред да се разболиш.

20Сам испитувај се пред да ти судат; во часот на посетата Божја ќе бидеш помилуван.

21Смири се пред да се разболиш; а кога си згрешил – покај се.

22Ништо да не ти пречи заветот да го исполниш на време, не одлагај пред самата смрт да се оправдаш.

23Пред да почнеш да се молиш, приготви се; не биди како човек кој Господа Го искушува.

24Мисли на гневот во смртниот час и на часот на одмазда – кога Бог лицето Свое го свртува.

25Во време на изобилие помисли и на глад, а во времето кога си богат – на сиромаштијата и немаштија.

26Од утро до вечер времето се менува; пред Господа сѐ брзо одминува.

27Мудриот човек во сѐ претпазлив ќе биде; во деновите на гревови од безгрижност ќе се пази.

28Секој којшто е разумен мудроста ја препознава и ќе го почитува оној што ја придобил.

29Оние што ги сфаќаат мудрите зборови, и сами стануваат мудри; па и другите со мудроста ги опсипуваат.

30Не оди по твоите страсти, скратувај ги твоите грешни желби.

31Ако ги задоволуваш грешните желби на својата душа ќе те направи за подбив пред твоите непријатели.

32Во раскошен живот не барај радост; не приврзувај се за гозби срамни.

33Гледај да не осиромашиш, гостејќи се со позајмени пари – кога ништо немаш во твоето ќесе.

Blog
About Us
Message
Site Map

Who We AreWhat We EelieveWhat We Do

Terms of UsePrivacy Notice

2025 by iamachristian.org,Inc All rights reserved.

Home
Gospel
Question
Blog
Help