1Исполнет со Дух Свети, Исус се врати од Јордан, и беше одведен од Духот во пустина.
2Четириесет дена Го искушуваше ѓаволот, и ништо не јаде во тие дни; а кога изминаа тие, најпосле огладне.
3И Му рече ѓаволот: »Ако си Син Божји, кажи му на овој камен да стане леб.«
4А Исус му одговори и рече: »Напишано е дека не само со леб ќе живее човекот, туку и со секој збор Божји.«
5И кога Го одведе на една висока планина, ѓаволот Му ги покажа наеднаш сите царства во светот.
6И Му рече ѓаволот: »Тебе ќе Ти ја дадам сета оваа власт, и нивната слава, зашто мене ми е предадена, и ја давам кому што сакам.
7Ако ми се поклониш, сето тоа ќе биде Твое.«
8Но Исус му одговори и рече: »Бегај од Мене, сатано, оти е напишано: ‚На Господа, Твојот Бог, клањај Му се и само Нему служи Му!‘«
9И Го одведе во Ерусалим, и Го постави на храмовиот покрив, па Му рече: »Ако си Син Божји, фрли се одовде долу!
10Зашто е напишано: ‚На ангелите Свои ќе им заповеда за Тебе, да Те запазат;
11и на раце ќе Те земат, да не би некако да ја сопнеш ногата Своја на камен‘.«
12И Исус му одговори и рече: »Кажано е: ‚Не искушувај Го Господа, својот Бог!‘«
13Па како заврши ѓаволот со сите искушенија, отиде од Него за некое време.
14И се врати Исус во Галилеја во силата на Духот; и се разнесе глас за Него по целиот тој крај.
15А Он поучуваше по синагогите нивни, прославуван од сите.
16И дојде во Назарет, каде што беше одраснал, и по обичајот Свој влезе еден саботен ден во синагогата, па застана да чита.
17Му ја подадоа книгата на пророкот Исаија; и Он, штом ја отвори, го најде местото каде што беше напишано:
18Духот Господов е врз Мене; затоа Ме помаза да им соопштам радосна вест на бедните. Ме прати да ги исцелам сокрушените по срце, да им проповедам на заробените ослободување и на слепите прогледување, да ги пуштам на слобода напатените;
19да ја проповедам благопријатната година Господова!
20И кога ја затвори книгата и му ја даде на слугата, седна; а очите на сите во синагогата беа вперени во Него.
21И почна да им говори: »Денес се исполни ова Писмо, што го чувте.«
22И сите Му посведочија, и се восхитуваа на Неговите благодатни зборови, што излегуваа од устата Негова, и велеа: »Не е ли Овој синот на Јосифа?«
23А Он им рече: »Секој од вас сигурно ќе Ми приговори: ‚Лекаре, излекувај се Сам! Направи го и овде, во Твојот роден крај, она, што чувме дека се случило во Капернаум.‘«
24Па им рече: »Вистина ви велам: ниеден пророк не е мил во земјата своја.
25Навистина ви кажувам: имаше многу вдовици во Израилот, во деновите на Илија, кога се затвори небото три години и шест месеци и настана голем глад по целата земја;
26и при ниедна од нив не беше пратен Илија, но само кај вдовицата во Сарепта Сидонска;
27и мнозина беа лепрозни во Израилот, при пророкот Елисеј, и ниеден од нив не се очисти, освен Сириецот Нееман.«
28А кога го чуја тоа, сите во синагогата се исполнија со гнев;
29па како станаа, Го истераа надвор од градот и Го одведоа на врвот од еден рид, каде што беше соѕидан нивниот град, за да Го турнат одозгора.
30Но Он си помина меѓу нив и си отиде.
31И слезе во Капернаум, во градот Галилејски, и ги поучуваше во саботните денови.
32И се чудеа на Неговата наука, зашто словото Му беше со власт.
33Во синагогата се наоѓаше еден човек, во кого имаше нечист бесовски дух, и тој извика гласно:
34О, што имаш со нас, Ти, Исусе Назарејче? Си дошол ли да нѐ погубиш? Те знам кој си, Ти си Светец Божји.
35А Исус му забрани, говорејќи: »Молкни и излези од него!« Па откако го кутна насреде, бесот излезе од него и ништо лошо не му направи.
36И сите се уплашија, и расудуваа, говорејќи меѓу себе: »Какви се овие зборови, со власт и сила им заповеда на нечистите духови и тие излегуваат?«
37Па се разнесе глас за Него по сите околни места.
38Штом излезе од синагогата, влезе во куќата Симонова; а бабата на Симона имаше силна треска, и Го помолија за неа.
39И како застана над неа, Он ја отстрани треската, и таа ја остави; и жената веднаш стана и им служеше.
40И на зајдисонце, сите, што имаа болни од разни болести, ги доведуваа при Него; а Он, возлагајќи раце над секого од нив, ги исцелуваше.
41Од мнозина излегуваа бесови со викање, и велеа: »Ти си Христос, Син Божји!« А Он забрануваше и не им позволуваше да кажуваат, оти знаат дека е Он Христос.
42Кога се раздени, Он излезе и отиде на осамено место, а луѓето Го бараа па, кога дојдоа при Него, Го задржуваа да не си оди од нив.
43А Он им рече: »И на другите градови треба да им соопштам радосна вест за царството Божјо, оти за тоа сум пратен.«
44И проповедаше по синагогите галилејски.
Who We AreWhat We EelieveWhat We Do
2025 by iamachristian.org,Inc All rights reserved.