1»Во седмата година проштавај!
2И ова е заповед за простувањето: секој кој што дал на заем на ближниот свој, нека му го прости; целиот долг да не го бара од ближниот свој, или од братот свој, бидејќи тоа е простување заради Господа, твојот Бог;
3од туѓинецот барај го она што го имаш кај него; а на братот твој прости му го долгот,
4за да нема кај тебе сиромав; зашто Господ ќе те благослови во онаа земја, која Господ, твојот Бог, ти ја дава како дел, за да ја добиеш во наследство.
5Доволно е само да го слушаш гласот на Господа, твојот Бог, и да ги пазиш и да ги исполнуваш сите овие заповеди, кои денес ти ги заповедам;
6зашто Господ, твојот Бог, ќе те благослови, како што ти говорел, и ти ќе даваш заем на многу народи, а самиот нема да земаш заем; и ќе владееш со многу народи, а над тебе нама да владеат.
7Ако, пак, имаш некој брат сиромав во еден од градовите твои, во земјата твоја, што Господ, твојот Бог, ти ја дава, не го одвраќај срцето свое и не ја стискај раката своја пред твојот брат што има потреба,
8туку отвори му ја раката своја и дај му заем, колку што му треба и колку што му недостасува;
9пази сѐ, да не влезе во срцето твое лукава мисла: па да речеш ‚наближува седмата година, година на простувањето‘ и да не стане окото твое злобно спрема твојот сиромав брат, што има потреба и да му откажеш; зашто тој ќе повика против тебе пред Господа, и на тебе голем грев ќе падне;
10подај му драговолно заем, колку што сака и колку што му треба, а кога му даваш, да не ти се нажали срцето твое, бидејќи Господ, твојот Бог, ќе те благослови за тоа во сите твои работи и во сѐ, што го вршат рацете твои;
11зашто сиромаси ќе има секогаш во земјата твоја; затоа и ти заповедам, велејќи ти: отворај ја вратата твоја за твојот брат, за твојот беден и за оној што моли во земјата твоја;
12ако ти се продаде твојот брат, Евреин, или Еврејка, тој треба шест години да ти работи, а седмата година пушти го на слобода;
13кога, пак, го пушташ на слобода, не отпуштај го со празни раце,
14туку дарувај го со нешто од овците твои, од пченицата твоја и од виното твое: дај му од она, со кое те благословил Господ, твојот Бог;
15помни, дека и ти беше роб во Египетската земја, и Господ, твојот Бог, те ослободи; ете затоа и ти го заповедам денес ова.
16Ако, пак, ти каже: ‚не сакам да си одам од кај тебе, зашто те засакав тебе и домот твој‘, бидејќи ми е добро кај тебе,
17земи шило и продупчи му го увото на степеникот пред вратата; и тој ќе ти биде роб засекогаш. Така направи и со робинката твоја.
18За да не ти биде тешко, поради тоа што си должен да го пушташ на слобода, бидејќи тој ти изработил во текот на шесте години двојно повеќе – отколку платен наемник, затоа Господ, твојот Бог, ќе те благослови во сѐ, што и да правиш.
19Секое машко првородено, што ќе се роди од говедата твои и од овците твои, посветувај го на Господа, твојот Бог: не работи со провородениот вол свој и не стрижи го првороденото од овците твои;
20тоа јади го ти и челадта твоја пред Господа, твојот Бог, секоја година, на местото, што ќе го одбере Господ, твојот Бог;
21ако, пак, тоа биде со недостаток, – хромо, или слепо, или со некој друг недостаток, не принесувај го како жртва на Господа, твојот Бог,
22но во градовите твои нека се јаде; нечист и чист може да јаде како што се јаде срна и елен;
23само крвта не јади му ја: истурај ја на земја како вода.«
Who We AreWhat We EelieveWhat We Do
2025 by iamachristian.org,Inc All rights reserved.