Мудрост Соломонова 8 - Свето Писмо (Гаврилова) 1990(MK1990)

Сите добрини се во мудроста.

1Таа брзо се пренесува од едниот крај на светот до другиот, сѐ уредува за полза.

2Ја засакав и од младоста ја побарав, посакав да ми биде невеста, се вљубив во убавината нејзина.

3Благородството свое го издигнува со тоа што живее заедно со Бога; неа ја засакал Владетелот на сите;

4посветена е во тајните на Божјиот ум, ги избира Божјите дела.

5Ако богатството е многу сакана придобивка во овој живот, тогаш што е побогато од мудроста, која соѕдава сѐ?

6Ако благоразумноста прави многу, тогаш кој е подобар уметник од неа?

7Ако некој сака праведност, добродетелите се нејзини плодови; таа поучува на умереност и разумност, на справедливост и храброст, од кои за луѓето нема ништо покорисно во животот.

8Ако некој копнее по голема опитност мудроста одамна го знае минатото и ја предвидува иднината, ја знае длабоката смисла на зборовите и значењето на гатанките, однапред ги знае знаците и чудата и последиците од годините и времињата.

9Затоа одлучив да си ја земам за другарка во животот, знаејќи дека ќе ми биде советница за добро и утешителка во грижите и жалостите.

10Преку неа ќе имам слава во народот и чест пред старците, иако сум млад.

11На судот остроумен ќе се покажам, ќе се вчудовидуваат големците – кога ќе застанам пред нив.

12Кога молчам – ќе чекаат, кога ќе почнам да говорам – ќе внимаваат, а кога ќе продолжам – раката на устата своја ќе ја стават.

13Со неа бесмртност ќе придобијам, вечен спомен ќе оставам за оние што ќе дојдат по мене.

14Ќе владеам со народи, племиња ќе се покоруваат.

15Ако се уплашат од мене тирани страшни кога ќе чујат за мене; со народот мој добар ќе бидам и храбар во војна.

16Кога дома ќе се вратам, спокој покрај неа ќе најдам, во другарувањето со неа нема грубости и нема болка во животот со неа, а само радост и веселба.

17И, откако така за сѐ во себеси размислив и во срцето свое обмислив, дека бесмртноста е во роднинство со мудроста,

18а во дружба со неа – вистинска наслада, во трудовите на нејзините раце – нејзино неисцрпно богатство; во разговорот со неа – разум, а прифаќајќи ги зборовите нејзини – слава; тогаш појдов и барав како да ја придобијам.

19Бев даровит младич и бев се здобил со добра душа.

20па, бидејќи добар влегов во чисто тело.

21И откако сфатив, дека мудроста не можам да ја придобијам, ако Бог не ми ја подари и дека разумноста требаше да знае чиј е тој дар, – јас пристапив кон Господа и Му се помолив и од сѐ срце Му реков;

Blog
About Us
Message
Site Map

Who We AreWhat We EelieveWhat We Do

Terms of UsePrivacy Notice

2025 by iamachristian.org,Inc All rights reserved.

Home
Gospel
Question
Blog
Help