Броеви 32 - Свето Писмо (Гаврилова) 1990(MK1990)

Поделба на земјата источно од Јордан.

1Рувимовите синови и Гадовите синови имаа многу добиток; и тие видоа, дека земјата Јазир и земјата Галад се места за стада.

2И Гадовите синови и Рувимовите синови дојдоа и му кажаа на Мојсеја и на свештеникот Елеазар и на кнезовите народни, велејќи:

3»Атарот и Девон, Јазир и Намра, Есевон и Елеали, Севам, Невив и Веан, –

4земјата, која Господ им ја предаде на синовите Израилеви, е земја за одгледување стада, а твоите слуги имаат стада.

5– И рекоа – ако сме нашле благословение пред тебе, дај им ја таа земја на слугите твои во владение; не ни преведувај преку Јордан.«

6И им рече Мојсеј на Гадовите синови и на Рувимовите синови: »Браќата ваши ќе отидат во војна, а вие туке ли ќе останете?

7Зошто го одвраќате срцето на синовите Израилеви да одат во земјата што Господ им ја дава?

8Не направија ли така татковците ваши, кога ги испраќав од Кадис-Варни да ја видат земјата.

9Тие отидоа до долината на лозјата и ја видоа земјата, и го одвратија срцето на синовите Израилеви, за да не отидат во земјата, која Господ им ја дава;

10и во оној ден се разгори гневот на Господа и Он се заколна, велејќи:

11‚И тие луѓе, што излегоа од Египет, од дваесет години и нагоре, кои знаат што е добро и што е зло, нема да ја видат земјата, за која му се бев заколнал на Авраама, Исака и Јакова, зашто тие не Ме послушаа,‘

12освен Халев, синот на Јефонија, и Исус, синот Навинов, зашто тие Го послушаа Господа;

13и се разгори гневот на Господа против Израилот, и Он ги водеше по пустињата четириесет години; додека не се сотре целиот род, кој беше направил зло пред Господа.

14И ете, наместо татковците ваши, востанавте вие, изроди од грешници, за да ја зголемите уште повеќе јароста Господова против Израилот.

15Ако се одвратите од Него, Он пак ќе го остави Израилот во пустињата, и вие ќе го погубите сиот овој народ.«

16И тие се приближија до него и рекоа: »Ќе направиме тука кошари за стадата наши и градови за децата наши;

17а самите ние први ќе се вооружиме и ќе одиме пред синовите Изрилеви, додека не го одведеме до местата нивни; добитокот наш нека остане во утврдени градови, за да биде во безопасност од месните жители;

18нема да се вратиме во домовите наши си додека не стапат синовите Израилеви секој на својот дел;

19зашто нема да земеме заедно со нив дел од онаа страна на Јордан и понатаму, бидејќи со жреб ни се даде оваа страна на Јордан, кон исток.«

20Тогаш Мојсеј им рече: »Ако го направите тоа, ако отидете вооружени во војна пред Господа,

21и секој од вас вооружен го мине Јордан пред Господа, додека не ги истреби Он пред Себе Своите непријатели,

22и земјата ќе биде покорена пред Господа, тогаш потоа ќе се вратите и нема да бидете виновни пред Господа и пред Израилот, и ќе ја владеете оваа земја пред Господа.

23Но ако не постапите така, ќе згрешите пред Господа и за гревот свој ќе претрпите казна, што ќе ве стигне.

24Изградете градови на имотите ваши и огради за добиток ваш, и извршете го она, што го кажавте со устата своја!«

25Тогаш Гадовите синови и Рувимовите синови му рекоа на Мојсеја: »Слугите твои ќе направат така, како што заповедал Господ наш;

26децата, пак, наши, жените наши, и сиот наш добиток нека останат тука во градовите на Галад,

27а слугите твои, сите вооружени и подготвени како војници, пред Господа ќе појдат во војна, како што вели Господ.«

28И Мојсеј му заповеда на свештеникот Елеазар и на Иисуса, Навинов син, и на началниците над племињата на синовите Израилеви,

29и им рече: »Ако Гадовите синови и Рувимовите синови го преминат заедно со вас Јордан, сите вооружени и подготвени за војување пред Господа, и ја завладеат земјата пред вас, дајте им ја да ја владеат земјата Галад.

30Ако пак не тргнат заедно со вас вооружени и подготвени за војна пред Господа, тогаш испретете ги пред вас имотите нивни жените нивни и добитокот нивни во Хананската земја, и нека ја наследат заедно со вас земјата Хананска.«

31Тогаш Гадовите синови и Рувимовите синови одговорија и рекоа: »Како што ни заповеда Гопсод, на слугите негови, така и ќе направиме;

32ние ќе тргнеме вооружени пред Господа за Хананската земја, а дајте ни ја во владение наше оваа страна на Јордан.«

33И им го даде Мојсеј – на Гадовите синови и на Рувимовите синови и половината од племето Манасиево, и на синовите Јосифови – царството на Сион, аморејски цар, и царството на Ог, васански цар, земјата со градовите нејзини и околностите нивни, – градовите на земјата наоколу.

34И Гадовите синови го изградија Дивон, Атарот и Ароир,

35и Софан, и Јазир и ги утврдија;

36и Амрам и Вегран, градови утврдени, и огради за овци.

37А Рувимовите синови ги изградија Есевон, Елеали, Каријатаим,

38И Невон, и Веелиеон, чии имиња беа изменети, и Севма, и им дадоа имиња на градовите, што ги изградија.

39И отиде Ур, синот Махиров, Манасиев внук, во Галад, и го презедоа и ги порази Аморејците, што живееја таму.

40Јаир, пак, синот Манасиев, отиде и ги презеде селата нивни и ги нарече Јаирови села.

41И му го даде Мојсеј Галад на Манасиевиот син Махир, и тој се насели таму.

42А Навав отиде и го зазеде Кага и потчинетите му градови, и го нарече според името свое: Навав.

Blog
About Us
Message
Site Map

Who We AreWhat We EelieveWhat We Do

Terms of UsePrivacy Notice

2025 by iamachristian.org,Inc All rights reserved.

Home
Gospel
Question
Blog
Help