Исаија 7 - Свето Писмо (Гаврилова) 1990(MK1990)

Ерусалим во неволја поради Сиријците и Израилците.

1Во дните на Ахаза – синот на Јоатама, син Озиев, цар јудејски, – Ресина, царот сириски, и Факеј, синот ремалиев, цар израилски, отидоа против Ерусалим да го завладеат, но не можеа да го преземат.

2Тогаш му беше соопштено на домот Давидов и речено: »Сиријци се сместија во земјата Ефремова. И му затрепери срцето на Ахаза и срцето на народот негов, како што од ветар се нишаат дрвјата.«

3И му рече Господ на Исаија: »Излези и ти и син ти Сеарјасув да го пречекаш Ахаза на крајот од горното езеро по патот кај нивата на валавичарот,

4и кажи му: внимавај и биди спокоен; не бој се, и да не се плаши срцето твое пред двата краја на тие гламји што чадат, од разгорениот гнев на Ресина, на Сиријците и на синот Ремалиев.«

5Сирија, Ефрем и синот Ремалив кројат против себеси зло, велејќи:

6»да одиме против Јудеја и да ја исплашиме, да ја завладееме и да го поставиме за цар Тавеиловиот син.«

7Но Господ Бог вели вака: »Тоа нема да стане и нема да се изврши,

8зашто главата на Сирија е Дамаск, а главата на Дамаск – Ресин; по шеесет и пет години Ефрем ќе престане да биде народ;

9глава на Ерфема е Самарија, а глава на Самарија – синот Ремалиев. Ако не верувате, нема да се додржите.«

10И продолжува Господ да му говори на Ахаза и му рече:

11»Барај за себе знак од Господа, твојот Бог: барај или во длабочините или во височините.«

12И рече Ахаз: »Нема да барам и нема да го искушувам Господа.«

13Тогаш Исаија рече: »Слушајте, пак, доме Давидов! Зар ви е малку тоа што им дотежнувате на луѓето, па сакате да Му дотежнувате и на мојот Бог?«

14Затоа Самиот Господ ќе ви даде доказ: ете, Девица ќе зачне и ќе роди Син, и ќе Му дадат името Емануел.

15Тој ќе се храни со млеко и мед, додека да се научи да го отфрла лошото и да го избира доброто.

16Зашто, пред доенчето да се научи да го отфрла лошото и да го избира доброто, оваа земја, од која ти се плашиш, ќе биде оставена од двајцата цареви.

17Но Господ ќе испрати врз тебе и врз народот твој и врз домот на татка ти, какви што не доаѓале, откако Ефрем се оддели од Јуда – ќе го испрати асирскиот цар.

18И ете, во тој ден Господ ќе свирне не мувите, кои се кај устието на египетската река, и на пчелата, која е во асирската земја, –

19и ќе долетаат и ќе заседнат сите тие по запустените долини и по камените пештери и по сите трништа и по сите дрвја.

20Во тој ден Господ ќе го избричи со брич земен од оваа страна на реката – преку асирскиот цар, главата и влакната на нозете, ќе ја симне дури и брадата.

21И во тој ден, кој храни крава и две овци,

22поради изобилството на млеко, што тие ќе го дадат, ќе јаде масло; со масло и мед ќе се хранат сите, што останале во таа земја.

23Во тој ден на секое место, каде што растеле илјада лози за илјада сребреници, ќе има глог и трниште.

24Таму ќе се оди со лакови и стрели, бидејќи целата земја ќе е во глогови и трњаци.

25И на ниедна од горите, што биле расчистувани со трнокоп, нема да одиш, поради страв од глог и од трња; таму ќе истеруваат говеда и ситен добиток ќе гази.

Blog
About Us
Message
Site Map

Who We AreWhat We EelieveWhat We Do

Terms of UsePrivacy Notice

2025 by iamachristian.org,Inc All rights reserved.

Home
Gospel
Question
Blog
Help