1За синовите Амонови вака вели Господ – зар Израилот нема синови, зар нема наследник, зошто Малхом ја наследи земјата на Гад и зошто народот негов се насели во неговите градови?
2Затоа, еве идат дни, вели Господ, кога ќе се чуе боен повик во Рава од синовите Амонови, и таа ќе стане куп урнатини, и градовите нејзини изгорени и Израил ќе ги победи оние, кои го победија него, вели Господ.
3Плачи, Есевоне, зашто е опустошен Гад; викајте, ќерки на Рава; опашете околу себе кострет, плачете и трчајте околу плотовите; бидејќи Малхом ќе отиде во ропство, свештениците негови и кнезовите негови заедно.
4Зошто се фалиш со долините? Твојата долина пропадна, ќерко одметничка, која се надеваш на богатството свое, велејќи: »кој ќе излезе против мене?«
5Еве, Јас ќе испратам врз тебе ужас од сите страни твои наоколу, вели Господ, Бог Саваот; разбегајте се кој каде може и никој нема да ги собере разбеганите.
6Но потоа Јас ќе ги повратам заробените – синовите Амонови, вели Господ.
7За Едома, вака вели Господ Саваот: зар нема веќе мудрост во Теман, зар исчезна благоразумието кај разумните, зар ја снема нивната мудрост?
8Бегајте, свртете се со грбот, кријте се по пештерите, жители дедански, зашто Јас ќе ја испратам врз него погибелта Исавова, во време кога ќе го посетам.
9Ако би ти дошле берачите на лозјата при тебе, сигурно би оставиле некој пабирок. И крадци да дојдат во текот на ноќта, тие би украле, онолку колку што им е потребно.
10Јас, пак, Исава ќе го оголам, ќе ги откријам неговите скришни места и не ќе може да се сокрие. Ќе биде истребено племето негово, и браќата негови, и соседите негови; и ќе го снема.
11Остави ги сираците свои, Јас ќе го запазам животот нивни, и вдовиците твои нека се надеваат на Мене.
12Оти, така вели Господ: ете, и оние, на кои не им беше судено да ја пијат чашата, ќе ја пијат, па ти ли ќе останеш неказнет? Не, нема да останеш неказнет, туку ќе ја пиеш чашата.
13Зашто се колнам во името Свое, вели Господ, дека Восор ќе стане ужас, за потсмев, пустиња и проклетство, и сите негови градови ќе се претворат во вечна пустиња.
14Чув глас од Господа, и пратеник е испратен кај народите да им каже: соберете се и појдете против него, подигнете се на војна,
15бидејќи, еве, ќе те направам мал меѓу народите, презрен меѓу луѓето.
16Твојата страшна положба и гордоста на твоето срце те измамија, тебе, кој живееш во камени пештери и ги држиш врвовите на ритчињата. Но, макар и како орел да направиш гнездо високо, и оттаму ќе те сметнам, вели Господ.
17И ќе стане Едом пустош; секој, што ќе помине покрај него, ќе се зачуди и ќе потсвирне, гледајќи ги раните негови.
18Како што беа разорени Содом и Гомор и нивните соседни градови, вели Господ, така и таму нема да живее ниту еден човек, и син човечки нема да престојува во него.
19И, ете, како лав ќе излезе од висините Јордански кон утврдените живеалишта; но Јас ќе ги принудам брзо да излезат од Идумеја, и кој е избран, него ќе го поставам над неа. Зашто, кој е подобен на Мене и кој ќе побара одговор од Мене и кој пастир ќе ми се спротиви?
20Па така, чујте го решението на Господа, што го постави Он за Едома, и замислите Негови, што ги има за жителите темански: навистина, нив најмалите од стадото, ќе ги развлечат и ќе ги опустошат живеалиштата нивни.
21Од шумот на нивниот пад ќе се затресе земјата, и екот на нивното викање ќе се чуе дури до Црвеното Море.
22Ете, како орел ќе се крене тој, ќе полета и ќе ги рашири крилјата над Восор; и срцето на храбрите Идумејци во оној ден ќе биде како срце на жена, кога се породува.
23Што се однесува, пак, до Дамаск – Емат и Арпад се осрамотија, зашто, штом ја чуја жалната вест, опаднаа со духот; и, како разбрането море, тие не можат да се успокојат.
24Се уплаши Дамаск и се сврти да бега; страв го обзеде; болки и маки го опфатија како жена, која се породува.
25Како не се зачува градот на славата, градот на Мојата радост?
26И така, ќе паѓаат младите негови по улиците и сите војници ќе загинат во оној ден, вели Господ Саваот.
27Па ќе запалам оган по ѕидовите на Дамаск, и ќе ги уништам дворците на Венадад.
28За Кидар и за царствата асорски, што го победи Навуходоносор, царот вавилонски, вака вели Господ: станувајте, тргнете против Кидар и сосипете ги синовите на Исток!
29Шаторите нивни и овците нивни ќе ги земат за себеси, и покривките нивни и сета нивна покуќнина, и камилите нивни ќе ги земат и ќе им викаат страшно од сите страни.
30Бегајте, мавнете се што поскоро, сокријте се длабоко, жители асорски, вели Господ, оти Навуходоносор, царот вавилонски се реши против вас и смисли заговор против вас.
31Станувајте, тргнете против мирниот народ, кој безгрижно живее, вели Господ; кај него нема ни врати, ни резиња, живеат сами.
32Камилите нивни ќе станат плен и многуте стада нивни ќе бидат разграбени; и ќе ги растурам по сите ветрови, нив, кои си ги стрижат зулуфите, и од сите страни ќе испратам врз нив погибел, вели Господ.
33И ќе стане Асор живеалиште на шакали, пустиња вечна; човек нема да живее таму и син човечки нема да се задржува во него.
34Слово Господово, што беше кажано од пророкот Јеремија против Елама во почетокот од царувањето на Седекија, царот јудејски.
35Вака вели Господ Саваот: еве, ќе го скршам лакот на Елама, неговата главна сила;
36и ќе испратам против Елама четири ветра од четирите краишта на небото, и ќе ги растурам Еламците по сите тие ветрови, и не ќе има народ, при кого нема да појдат прогонетите Еламци;
37и ќе ги поразам Еламците со страв пред нивните непријатели и пред оние, што ја сакаат душата нивна; и ќе испратам врз нив беда, гневот Мој, вели Господ, и по нив ќе испратам меч, додека не ги истребам;
38и ќе го поставам престолот Свој во Елам, и ќе го истребам таму царот и кнезовите, вели Господ.
39Но во последните денови заробените Еламци ќе ги вратам, вели Господ.
Who We AreWhat We EelieveWhat We Do
2025 by iamachristian.org,Inc All rights reserved.