Исус Навин 11 - Свето Писмо (Гаврилова) 1990(MK1990)

Истребувањето на многу ханански племиња.

1Кога го чу тоа асорскиот цар Јавин, прати луѓе кај мадонскиот цар Јовав и кај семерскиот цар, и кај ахавскиот цар,

2и кај царевите, што живееја на планината, и во Арав спрема Хенерет, и во рамнината и во Нафадор

3и кај приморските Хананејци, што живееја на исток, и кај приморските Аморејци, и кај Хетејците, и кај Ферезејците и Јевусејците, кои живееја во планината, и кај Евејците, што се под Аермон, во земјата Масиф.

4И излегоа сите тие цареви, а со нив и многу луѓе, толку многу колку песокта во приморјето, со коњи и многу коли.

5И слегоа сите тие цареви, па се соединија и се сместија кај водата Марон, за да војуваа против Израилот.

6но Господ му рече на Исуса: »Не се плаши од нив, зашто утре, во ова време, ќе им ги предадам нив сите на синовите Изралеви, за да ги убијат; а на коњите да им ги пресечат жилите и колите со оган да ги изгорат.«

7Исус и со него сите способни за војна излегоа ненадејно против нив кај Меронската вода и ги нападнаа во планините.

8И Господ ги предаде во рацете Израилеви, и тие ги разбија и ги гонеа дури до големиот Сидон и до Масерфот – Маим и до полињата Масифски на исток, и ги убиваа сѐ додека од нив не остана никој жив, или да избега.

9И постапи Исус со нив така, како што му рече Господ: на коњите им ги пресече жилите, а колите им ги изгоре со оган.

10Во исто време Исус, откако се врати, го презеде Асор и царот негов го уби со меч. Асор, пак, порано владееше над сите тие царства;

11и погуби со меч сѐ живо, што беше во него, и не остави во него ниедна жива душа. А Асор, тој го изгоре со оган.

12И сите градови на тие цареви ги зазеде Исус, и царевите со меч ги уби, како што беше заповедал Мојсеј, слугата Господов.

13Но, сите тие утврдени градови, Израилот не ги изгоре, освен само Асор, кој го запали Исус.

14А сето богатство од тие градови и сиот добиток го запленија синовите Израилеви; сите луѓе, пак, ги убија со меч, така што сите беа истребени; не оставија од нив ниту една жива душа.

15Како што му беше заповедал Гопод на својот слуга Мојсеј, така Мојсеј му заповеда на Исуса, а Исус така и направи: не отстапи ниту од еден збор во сѐ што му беше заповедал Господ на Мојсеја.

16Така ја презеде Исус целата онаа планинска земја, и целата земја Нагев и целата земја Госом, како и рамнината на запад, и планината Израилева, и полињата покрај планината,

17од планината Хелх, која се протега кон Сеир, и дури до Валгад, и полето Ливан, под планината Аермон, и сите цареви нивни ги фати и ги уби.

18Долго време Исус војуваше со тие цареви.

19И немаше ниеден град, кој Господ не му го предаде на Израилот, освен Гаваон во кој жевееја Евејците; сите тие со борба ги зазедоа;

20зашто од Господа беше тоа, тие да го ожесточат срцето свое и да започнат борба против Израилот – за да бидат истребени и за нив да нема милост, туку да бидат погубени така, како што му беше заповедал Господ на Мојсеја.

21Во тоа време пристигна Исус и ги порази сите Енакијци на планината, во Хеврон, во Давир, во Анов, по целата планина Израилева, и по целата планина Јудина со градовите нивни и ги истреби Исус.

22Од Енакијците на остана ниеден во земјата на синовите Израилеви; останаа само во Газа, во Гет и во Асидот.

23Така ја презеде Исус целата земја, како што му беше заповедал Господ на Мојсеја, и му ја предаде Исус во наследство на Израилот, откако ја раздели на племињата нивни. И земјата престана да војува.

Blog
About Us
Message
Site Map

Who We AreWhat We EelieveWhat We Do

Terms of UsePrivacy Notice

2025 by iamachristian.org,Inc All rights reserved.

Home
Gospel
Question
Blog
Help