Јудита 12 - Свето Писмо (Гаврилова) 1990(MK1990)

Јудита ја придобива Олоферновата доверба. Таа е и на неговата трпеза.

1Заповеда да ја одведат таму, каде што се пазеле сребрените садови, нареди да ѝ даваат од неговата храна и од неговото вино.

2Но Јудита рече: »Нема да јадам од оваа храна, за да не биде на соблазна; нека ми даваат од она што сум го донела со себеси.«

3Олоферн ѝ рече: »А кога ќе заврши она што е со тебе, од каде ќе земаме да ти даваме исто? Зашто, меѓу нас нема ниеден од твојот род.«

4Јудита му одговори: »Да ти е жива душата, господару мој, робинката твоја нема да го потроши ова што е со мене, пред Господ да го изврши преку мојата рака она што го определил.«

5Тогаш Олоферновите слуги ја одведоа во шаторот. Спиеше таа до полноќ. Се разбуди кон утринската стража,

6па прати да му кажат на Олоферна: »Господарот мој нека ѝ дозволи на својата робинка да излезе на молитва.«

7Олоферн им нареди на своите стражари да не ѝ пречат, Остана во логорот три дена, а ноќе излегуваше во Бетулијската рамнина и се измиваше на изворот покрај шаторот.

8Кога излегуваше, Јудита Му се молеше на својот Господ, Бог Израилев, да го управи нејзиниот пат кон спасение на синовите на својот народ.

9Таа се враќаше чиста во шаторот, а приквечер ѝ донесуваа храна.

10Четвртиот ден Олоферн приреди гозба само за своите слуги; не повика никого од оние што му служеа.

11Тој му рече на евнухот Вагој, кој беше управител на сите богатства: »Појди и наговори ја Еврејката што е кај тебе да дојде, да јаде и да пие со нас;

12срамота е да имаме таква жена со нас, а да не поразговараме со неа; ако не ја поканиме ќе се подбива со нас.«

13Откако излезе од кај Олоферн, Багој отиде кај неа и ѝ рече: »Млада убавице, не откажувај да дојдеш при мојот господар, за да добиеш чест пред неговото лице, да пиеш вино заедно со нас во веселба, денес да бидеш како една од асирските ќерки, кои живеат во палатата на Навуходоносор.«

14Јудита му одговори: »Која сум јас – да му се противам на мојот господар? Веднаш ќе направам сѐ што посакува мојот господар; тоа ќе ми биде и утеха и радост сѐ до мојата смрт.«

15Таа стана и се промени со сите женски накити. Слугинката нејзина отиде пред неа и ги посла ќилимите што ги беше добила од Багој – пред Олоферна. Тие ѝ служеа за секојдневна употреба; да јаде потпрена на нив.

16Потоа дојде Јудита и седна на трпезата. Срцето на Олоферна по неа му се разбранува: силно посака да биде со неа; бараше случај и прилика да ја заведе.

17Олоферн ѝ рече на Јудита: »Пиј и весели се со нас!«

18А таа му одговори: »Ќе пијам, господаре, зашто животот мој денес се издигна повеќе отколку кога и да е од моето раѓање досега.«

19Па јадеше и пиеше пред него она што ѝ го беше приготвила нејзината слугинка.

20А Олоферн ја гледаше со радост и пиеше извонредно многу, колку што не пиел никогаш во својот живот.

Blog
About Us
Message
Site Map

Who We AreWhat We EelieveWhat We Do

Terms of UsePrivacy Notice

2025 by iamachristian.org,Inc All rights reserved.

Home
Gospel
Question
Blog
Help