Дела 9 - Свето Писмо (Гаврилова) 1990(MK1990)

Савловото обраќање и првите искуства во Дамаск и Ерусалим. Петар го исцелува Енеј и ја воскреснува Тавита.

1А Савле, дишејќи уште со застрашувања и убиства против учениците на Господа, дојде при првосвештеникот,

2и измоли од него писма за Дамаск до синагогите, така што, ако таму најде некои што го следат овој пат, мажи и жени, врзани да ги доведе во Ерусалим.

3Но, кога беше на пат и наближуваше до Дамаск, наеднаш го обзеде светлина од небото,

4и, откако падна на земја, чу глас што му зборуваше: »Савле, Савле, зошто Ме гониш?«

5А тој одговори: »Кој си Ти, Господине?« А Господ му рече: »Јас сум Исус, Кого Го гониш ти. Тешко е за тебе да се риташ против бодило.«

6Тресејќи се од страв и ужас, тој праша: »Господи, што сакаш да направам?« А Господ му рече: »Стани и влези во градот; и ќе ти се каже што треба да правиш!«

7А луѓето, што одеа со него, стоеја зачудени, оти слушаа глас, а никого не гледаа.

8Савле стана од земјата и, макар што му беа очите негови отворени, никого не гледаше: и водејќи го за рака, го одведоа во Дамаск.

9И беше три дена слеп, и не јаде, и не пи.

10Во Дамаск, пак, имаше еден ученик по име Ананиј, кому во видение Господ му рече: »Ананиј!« А тој одговори: »Еве ме Господи!«

11Тогаш Господ му рече: »Стани и оди во улицата, што се вика Права, и во домот Јудин побарај го човекот тарсанин, по име Савле; ете, тој се моли.«

12И во видение го виде човекот, по име Ананија, како влегол и положил раце над него, за да прогледа.

13А Ананиј одговори: »Господи, од мнозина сум слушал за тој човек колку зло им правел на светиите твои во Ерусалим;

14а тој и овде има власт од првосвештениците да ги врзува сите, што го призовуваат името Твое.«

15Но Господ му рече: »Оди, оти тој ми е избран сад, за да го изнесе името Мое пред народи и цареви и синовите Израилеви.

16И Јас ќе му покажам, колку треба тој да пострада заради името Мое.«

17И Ананиј отиде и влезе во куќата, и, откако ги положи рацете свои над него, рече: »Брате Савле, Господ Исус, Кој ти се јави по патот, по кој доаѓаше, ме прати, за да прогледаш и да се исполниш со Дух Свети.«

18И одеднаш како лушпи да паднаа од очите негови, и тој прогледа и, кога стана, се покрсти.

19А штом прими храна, Савле се поткрепи и неколку дена преседе со учениците што беа во Дамаск;

20и веднаш почна да проповеда во синагогите за Исуса, дека е Он Син Божји.

21И сите, што го слушаа, се чудеа и зборуваа: »Не е ли овој, кој во Ерусалим ги гонеше оние што го спомнуваа ова име, та затоа и овде дошол за да ги заведе врзани при првосвештениците?«

22А Савле се засилуваше сѐ повеќе и ги збунуваше Јудејците кои живееја во Дамаск, докажувајќи им дека Овој е Христос.

23А откако минаа многу дни, Јудејците се договорија да го убијат.

24Но Савле узна за тој заговор. Тие, пак, дење и ноќе го чекаа на портата, за да го убијат.

25Но учениците го зедоа ноќе и в кошница го спуштија по ѕид.

26А кога пристигнаа во Ерусалим, Савле се трудеше да се присоедини кон учениците; но сите се плашеа од него, бидејќи не веруваа оти е тој ученик.

27Варнава, пак, откако го зеде, го одведе при апостолите и им прикажа како тој патем Го видел Господа, а дека Господ му зборувал, како и тоа оти во Дамаск отворено проповедал во името на Исуса.

28И беше со нив, влегуваше и излегуваше во Ерусалим, и отворено проповедаше во името на Господа Исуса.

29А зборуваше и се препираше исто така и со Елините; а и тие се обидуваа да го убијат.

30Штом разбраа за тоа браќата, го одведоа во Ќесарија и го препратија во Тарс.

31А црквите во цела Јудеја, Галилеја и Самарија беа во мир, напредуваа и одеа во страв Господов; и со утеха на Светиот Дух се умножуваа.

32Посетувајќи ги сите, Петар слезе и при светиите што живееја во Лида.

33Таму, пак, најде еден човек по име Енеј, кој цели осум години лежел на постела, оти бил фатен.

34И Петар му рече: »Енеј, тебе те исцелува Исус Христос. Стани и собери си ја постелата своја!« И тој стана веднаш.

35И го видоа сите што живееја во Лида и во Сарон, и се обрнаа кон Господа.

36Во Јопија се наоѓаше една ученичка, по име Тавита, што значи срна; таа беше исполнета со милостина и добри дела, што ги правеше.

37И се случи во тие дни да се разболи и да умре; тогаш ја измија и ја положија во горната одаја.

38А бидејќи Лида беше близу до Јопија, учениците како чуја дека е Петар таму, испратија два човека при него, молејќи го да дојде до нив што побргу.

39Петар се крена и отиде при нив, и, кога пристигна, го одведоа во горната одаја, и дојдоа кај него сите вдовици, плачејќи и покажувајќи му ги ризите и облеките, што ги беше правела Срна, додека живееше со нив.

40Петар, откако ги истера сите надвор, падна на колена, се помоли, па се обрна кон телото и рече: »Тавита, стани!« И таа ги отвори очите свои, па, како го виде Петра, седна.

41А Петар тогаш ѝ подаде рака и ја подигна; и, штом ги повика светиите и вдовиците, им ја предаде жива.

42И ова се разгласи по цела Јудеја, и мнозина поверуваа во Господа.

43И реши тој да остане во Јопија многу денови при некој си Симон кожарот.

Blog
About Us
Message
Site Map

Who We AreWhat We EelieveWhat We Do

Terms of UsePrivacy Notice

2025 by iamachristian.org,Inc All rights reserved.

Home
Gospel
Question
Blog
Help