Левит 4 - Свето Писмо (Гаврилова) 1990(MK1990)

Закон на жртвите за грев.

1И уште му рече Господ на Мојсеја, велејќи:

2»Кажи им на синовите Израилеви: ако некој згреши пред Господа не сакајќи, против која и да било заповед Господова изврши нешто, што не треба да прави, –

3ако помазаниот првосвештеник згрешил и го обвинил народот, тоа за гревот свој, што го направил, нека Му принесе на Господа за гревот, дар од Говедата свои теле без недостаток,

4па откако ќе го доведе телето пред влезот од скинијата на сведоштвото пред Господа, нека ја положи раката своја врз главата на телето и да го заколе телето пред Господа.

5А совршено помазаниот свештеник нека ја собере крвта од телето со рацете, и нека ја внесе во скинијата на сведоштовото.

6И свештеникот нека го накваси прстот свој во крвта, и со крвта седумпати нека попрска пред Господа спрема завесата на светилиштето.

7А потоа свештеникот со таа крв нека ги помаже роговите на жртвеникот, на кој се кади со благопријатен мирис пред Господа, Кој е во скинијата на сведоштвото, а остатокот од крвта на телето нека го излие во подножјето на жртвеникот за жртви сепаленици, кој е при влезот во скинијата на сведоштвото.

8И нека го извади сиот лој од телето за грев, лојот што ја покрива утробата и сиот лој што е на утробата;

9и обата бубрега, и лојот што е на нив и на слабините, и кошулката на слезината со бубрезите нека ги извади.

10онака како што се вади тоа од теле на жртва за спасение; и нека ги изгори свештеникот на жртвеникот за приноси.

11А кожата од телето со сето месо со главата и со крајниците и утробата и нечистотијата,

12односно целото теле нека го изнесат надвор од логорот на чисто место, каде што се истура пепелта, и нека го изгорат со оган на дрва; на местото, каде што се истура пепелта, нека се изгори.

13А ако целиот собир на синовите Израилеви згреши, на сакајќи, а тоа се сокрие од собирот, па направат нешто што Господ забранил да се прави, ќе згрешат;

14кога ќе се узнае гревот нивни, во што згрешиле, тогаш собирот нека принесе здраво теле како жртва за гревот, и нека го доведе пред скинијата на сведоштвото.

15А старешините на собирот нека положат раце врз главата на телето пред Господа, и да го заколат телето пред Господа.

16А помазаниот свештеник нека внесе крв од телето во скинијата на сведоштвото.

17Потоа нека го натопи свештеникот прстот свој во крвта, и седумпати нека попрска пред светилиштето на Господа,

18а од таа крв нека стави и на роговите од жртвеникот за кадење што е пред Господа во скинијата на сведоштвото, додека сета друга крв нека ја излие во подножјето на жртвеникот за приноси, кој е при влазот од скинијата на сведоштвото.

19Сиот, пак, лој, откако ќе го извади од него, нека го изгори на жртвеникот.

20И со тоа теле да направи онака како што прави со телето за грев – така нека направи со него; и потоа нека се помоли свештеникот за нив, и гревот ќе им се прости.

21А телето цело нека го изнесат од таборот, и нека го изгорат како и првото теле; тоа е жртва за гревот на целиот собир.

22Ако згреши началникот и направи, не сакајќи нешто што неговиот Господ Бог забранил да се прави, грешен е оти направил престап.

23Кога ќе узнае во себеси за гревот свој што го направил, тогаш нека принесе дар свој заради гревот козел, од машки род, без недостаток.

24И нека ја стави раката своја врз главата на козелот и нека го заколе на она место, каде што се колат жртвите сепаленици пред Господа; тоа е жртва за грев.

25И нека земе свештеникот крв од жртвата за грев и со прстот свој нека ги намачка роговите на жртвеникот за сепаленици; а сета друга крв негова нека ја излие во подножјето на жртвеникот за сепаленици.

26А сиот лој нека го изгори на жртвеникот како лој од жртвата за сепаленици; и да се помоли свештеникот за гревот негов, и ќе му се прости.

27И ако некој од народот згреши, на сакајќи направи нешто што Господ забранил да се прави, виновен е.

28Кога ќе узнае, пак, за гревот свој што го направил, тогаш нека принесе дар свој – коза од козите свои, без недостаток, поради гревот што го направил;

29и нека ја стави раката своја врз главата од жртвата за грев, и нека се заколе козата поради гревот на местото, каде што се колат жртвите сепаленици.

30Потоа нека земе свештеникот крв од неа на прстот свој и нека ги помаже роговите на жртвеникот за сепаленици: а сета друга крв нека ја излие во подножјето на жртвеникот.

31И сиот лој од неа нека го извади како што се вади лојот од жрвата за спасение, и нека го изгори свештеникот на жртвеникот за пријатен мирис пред Господа; и да се помоли свештеникот за него, па ќе му биде простено.

32Ако принесува дар овца поради гревот, нека донесе здрава и без недостаток.

33И нека ја стави раката своја врз главата од жртвата за грев, па нека се заколе поради гревот на она место, каде што се колат жртвите сепаленици.

34И свештеникот нека земе крв од жртвата за грев и со прстот свој со неа нека ги намачка роговите на жртвеникот, на кој се гори жртвата; а сета друга крв нека ја излие во подножјето на жртвеникот за сепаленици.

35И сиот лој нека го извади, како што се вади лојот од овца на жртва за спасение; и нека го изгори свештеникот врз жртвеникот како жртва сепаленица Господова; па нека се помоли свештеникот за гревот негов, што го направил, и ќе му се прости.«

Blog
About Us
Message
Site Map

Who We AreWhat We EelieveWhat We Do

Terms of UsePrivacy Notice

2025 by iamachristian.org,Inc All rights reserved.

Home
Gospel
Question
Blog
Help