1»Тогаш Господ му рече: ‚Исечи си две камени плочи, слични на првите, и дојди при Мене на планината, и направи си дрвен ковчег.
2А Јас ќе ги напишам на плочите оние зборови што беа на поранешните плочи напишани, а кои ти ги скрши, и положи ги во ковчегот.‘
3И направив ковчег од дрво што не гние, па исеков две камени плочи, како поранешните, и отидов на планината со двете плочи во рацете.
4И ги напиша Он на плочите, како што беше напишано порано, оние десет заповеди, што ви ги кажа Господ на планината среде огнот во денот на собранието, и ми ги предаде Господ.
5Јас се свртив и слегов од планината и ги положив плочите во ковчегот, што го бев направил, за да бидат тие таму, како што ми заповеда Господ.«
6Потоа се кренаа синовите Израилеви од Вирот на синовите Јакимови во Мисадај; и умре Арон и таму беше погребан, а место него свештеник стана синот негов Елеазар.
7Оттаму отидоа во Гадад, а од Гадад во Етавата, во земјата со водни потоци.
8Тогаш Господ го оддели Левиевото племе, за да го носи ковчегот на заветот Господов, за да стои пред Госдпода и да Му служи, и да се моли и да благословува во името Негово, како што е тоа и до ден денес;
9поради тоа левитите немаат дел и наследство со браќата свои: Самиот Господ е нивни дел, како што им беше говорел Господ, твојот Бог.
10»И престојував на планината, како и порано, четириесет дена и четириесет ноќи; Господ ме послуша и овој пат, и не посака Господ да ве погуби;
11и Господ ми рече: ‚Стани, тргни на пат пред својот народ; нека отидат и нека ја населат земјата, за која им се заколнав на татковците нивни дека ќе им ја дадам.‘
12И сега, Израиле, што бара од тебе Господ, твојот Бог? Само да се боиш од Господа, твојот Бог, да одиш по сите Негови патишта, да Го сакаш, и да Му служиш на Господа, твојот Бог, од сѐ срце и со сета душа;
13да ги пазиш заповедите на Господа, твојот Бог, и наредбите Негови, кои денеска ти ги заповедам за да ти биде добро.
14Ете, небото и небото на небесата, земјата и сѐ што е на неа, е на Господа, твојот Бог;
15но само татковците ваши ги прими Господ и ги засака, и ве избра вас, нивното семе по нив, од сите народи, како што гледаш денес.
16И така, обрежете ја вашата жестокосрдечност и не ожесточувајте никого;
17зашто Господ, вашиот Бог, е Бог на боговите и Господар на господарите, Бог голем, силен и страшен, Кој не гледа на лице и не зема дарови,
18Кој право суди на придојден, на сирак и на вдовица, го сака придојдениот и му дава леб и облека.
19Сакајте го и вие придојдениот, бидејќи и вие самите бевте придојдени во Египетската земја.
20Бој се од Господа, твојот Бог, и само Нему служи Му, кон Него приврзи се и во Негово име колни се;
21Он е твојата пофалба, Он е твој Бог, Кој поради тебе ги направи оние големи и славни дела, што ги видоа очите твои;
22твоите татковци дојдоа во Египет седумдесет и пет души, а сега Господ, твојот Бог, те направи многуброен како ѕвездите небески.«
Who We AreWhat We EelieveWhat We Do
2025 by iamachristian.org,Inc All rights reserved.