Дела 26 - Свето Писмо (Гаврилова) 1990(MK1990)

Павле се брани пред Феста и царот Агрипа. Обајцата увидуваат дека Павле во ништо не е виновен.

1Агрипа му рече на Павла: »Ти се позволува да зборуваш за себе.« Тогаш Павле ја пружи раката и почна да зборува во своја заштита:

2»Радосен сум, царе Агрипа, дека денес пред тебе ќе се заштитувам од сѐ, во што ме обвинуваат Јудејците,

3а најмногу, што ти ги познаваш јудејските обичаи и препирки; па затоа, те молам, да ме ислушаш милостиво.

4Мојот живот од младини, што го поминав најнапред меѓу својот народ во Ерусалим, познат им е на сите Јудејци;

5тие одамна ме знаат, – ако сакаат нека сведочат, – дека јас, како фарисеј, најстрого живеев по учењето на нашата вера;

6а сега стојам пред суд поради надежта во ветувањето дадено од Бога на татковците наши,

7кое нашите дванаесет колена се надеваат дека ќе го постигнат, служејќи му на Бога постојано дење и ноќе. За таа надеж, царе Агрипа, ме обвинуваат Јудејците.

8Што? Зарем вие мислите дека не може да се верува оти Бог воскреснува мртви?

9Навистина, така и јас мислев дека треба да извршам многу работи против името на Исуса Назареецот;

10така и направив во Ерусалим и, откако добив власт од првосвештениците, многу светии затворив, а кога ги убиваа, и јас одобрував,

11и често ги мачев по сите синагоги и ги принудував да хулат на Исуса и, разјарен, без мерка ги гонев нив дури и до туѓите градови.

12За таа цел одејќи во Дамаск, со власт и порака од првосвештениците,

13посред бел ден, царе, на патот видов светлина, посилна од сончевата светлина, која ме огреа од небото мене и оние, што одеа со мене.

14Сите паднавме на земја, и јас чув глас, што ми зборуваше на еврејски јазик: ‚Савле, Савле, зошто Ме гониш? Тешко е за тебе да се риташ против бодило.‘

15А јас реков: ‚Кој си Ти, Господи?‘ Он одговори: ‚Јас сум Исус, Кого Го гониш ти.

16Но стани и исправи се на нозете свои; затоа и ти се јавив, да те направам служител и сведок на ова што го виде и што ќе ти откријам,

17издвојувајќи те од овој народ и од незнабошците, при кои ќе те испратам сега,

18за да им ги отвориш очите нивни, та да се обрнат од темнината во светлина и од власта на сатаната кон Бога, па преку верата во Мене да примат опростување на гревовите и наследство меѓу осветените.‘

19Затоа, царе Агрипа, јас не се воспротивив на небесното видение,

20но најнапред на жителите во Дамаск и Ерусалим, а потоа по целата Јудејска земја и на незнабошците им проповедав да се покајат и да се обрнат кон Бога, вршејќи дела достојни за покајание.

21Затоа ме фатија Јудејците во храмот и се обидоа да ме убијат.

22Но, откако добив помош од Бога, стојам до ден денес и им сведочам на мали и на големи, зборувајќи само за она, што беа го зборувале Пророците и Мојсеј, дека ќе стане:

23дека Христос ќе пострада и, откако прв ќе воскресне од мртвите, на народот и на незнабошците ќе им проповеда светлина.«

24А кога го зборуваше ова во одбрана, Фест извика со висок глас: »Си полудел ли, Павле! Многубројните книги те довеле до лудило.«

25А тој одговори: »Не сум луд, уважени Фесте, туку кажувам зборови на вистината и со здрав разум.

26Тоа го знае и царот, пред кого и слободно зборувам; јас не верувам дека од сето ова нешто да му е непознато, зашто тоа не е вршено во некој агол.«

27Веруваш ли, царе Агрипа, во Пророците? Знам дека веруваш.

28Агрипа му одговори на Павла: »Уште малку, па ќе ме убедиш да станам христијанин.«

29А Павле рече: »Би Му се молел на Бога и за малку и за многу не само ти, да станете такви, каков што сум и јас – но без овие окови.«

30Кога го кажа тоа, царот и намесникот Верникиј и оние, што седеа со нив, станаа

31и, откако се повлекоа на страна, зборуваа помеѓу себе и велеа дека тој човек не прави ништо што заслужува смрт или окови.

32И Агрипа му рече на Фест: »Овој човек можеше да биде ослободен, ако не беше посакал суд пред ќесарот.« Затоа намесникот реши да го испрати пред ќесарот.

Blog
About Us
Message
Site Map

Who We AreWhat We EelieveWhat We Do

Terms of UsePrivacy Notice

2025 by iamachristian.org,Inc All rights reserved.

Home
Gospel
Question
Blog
Help