1И оние што се наоѓаа во шаторите, кога чуја што се случило, се стаписаа.
2Ги опфати страв со трепет и ни еден со друг не се видоа, туку секој се даде во бегство по сите патишта во рамнината и кон планинските краишта.
3Во бегство се дадоа и оние што беа во логорот околу Ветилуја. Тогаш синовите Израилеви, секој од нив храбар маж, потрчаа по нив да ги гонат.
4Озија испрати гласници во Ветомастен, Вива, Хова и Хола и по сите израилски краишта, да ги известат за она што се случи, сите да потрчаат по непријателите и да ги уништат.
5Откако разбраа за сето тоа, сите израилски синови, заеднички ги нападнаа и ги гонеа сѐ до Хова; така постапија и оние што придојдоа од Ерусалим и од сите планински предели, откако беа известени за она што се случи со нивните непријатели од Галад до Галилеја и од сите страни жестоко ги напаѓаа сѐ додека не избегаа зад Дамаск и зад неговите предели.
6Жителите на Ветилуја го нападнаа асирскиот логор, го ограбија и многу се збогатија.
7А синовите Израилски, откако се вратија, загосподарија со сѐ; и села и селишта во планинските предели, а во рамнината зедоа голем плен, кој беше преизобилен.
8Првосвештеникот Јоаким, дојде да види какво добро му направил Господ на Израилот, да ја видат Јудита и да ја поздрават.
9И штом излегоа пред неа, сите еднодушно ја благословија и рекоа: »Ти си славата на Ерусалим, ти си најголемата израилска гордост, ти си голема радост на Израилот и најголема слава на нашиот род!
10Сето тоа го направи со своја рака; ти му направи добро на Израилот и на Бога Му омиле; нека те благослови Седржителот Господ во сите времиња!« И сиот народ извика »Амин.«
11Народот земаше плен од логорот триесет дена – на Јудита ѝ го дадоа шаторот на Олоферна, сите сребрени садови, чаши, постилки и сета покуќнина. Таа го зеде сето тоа, ја натовари својата маска, а потоа ги спреми своите коли и ги натовари до горе.
12Сите израилски жени трчаа да ја видат, ја величаа и танцуваа во нејзина чест; составија за неа хор, а таа зеде прачки обвиени со лисја од лоза и им ги даде на жените што беа околу неа.
13На главите си ставија венци од маслинови гранчиња, таа и оние што беа со неа. Таа одеше пред сиот народ и ги предводеше жените со песни и танци; по неа одеа сите вооружени израилски мажи, со венци овенчани и со песна на усните.
14Пред сиот израилски народ Јудита ја почна својата благодарствена песна, а сиот народ ја прифати нејзината песна.
Who We AreWhat We EelieveWhat We Do
2025 by iamachristian.org,Inc All rights reserved.
