1Браќа, во името на милоста Божја, ве молам подајте ги телата ваши во жртва жива, света и благоугодна на Бога, и тоа ќе биде вашата духовна служба,
2и не управувајте се според овој век, туку преобразете се преку вашиот обновен ум, за да можете да познавате, која е добрата, угодна и совршена волја Божја.
3Зашто, преку благодатта, што ми е мене дадена, на секого од вас му кажувам да не мисли повеќе, отколку што треба да мисли; туку мислете скромно според делот на верата, што Бог на секого му го одмерил.
4Оти, како што во едно тело имаме многу органи, но сите членови не вршат една иста работа,
5па така и ние сме едно тело во Христа, а посебно еден на друг сме му органи.
6Според дадената благодат имаме разни дарови: ако е до пророштво, тогаш нека биде според верата;
7служба ли, нека служи; учител ли е – нека учи;
8наставник ли е – нека утешува; дарител ли, нека дарува; управител ли е, нека управува; кој што прави, нека го врши тоа со добра волја.
9Љубовта нека не биде лицемерна; отстранувајте се од злото, прилепувајте се кон доброто;
10еден спрема друг бидете љубезни со братска љубов: натпреварувајте се во почитувањето еден кон друг.
11Во усрдноста да не сте мрзливи; духот да ви биде пламенен; служете Му на Господа;
12бидете радосни во надежта; во маката бидете трпеливи, а во молитвата постојани;
13помагајте им на светиите во нивните нужди; трудете се да бидете гостопримливи;
14благословувајте ги оние што ве гонат; благословувајте ги, но не и да ги колнете.
15Радувајте се со радосните, и плачете со расплаканите!
16Бидете помеѓу себе едномислени; не мислете за високи работи, туку држете се смирено; не мислете дека сте мудри;
17и никому не враќајте зло за зло, а размислувајте за тоа што е добро пред сите луѓе.
18Ако е можно, доколку тоа зависи од вас, бидете во мир со сите луѓе.
19Не одмаздувајте се, возљубени, за себе, туку дајте му место на Божјиот гнев. Оти е напишано: »Одмаздата е Моја. Јас ќе отплатувам – вели Господ«.
20И така, ако непријателот твој е гладен, нахрани го; ако е жеден, напој го; оти, правејќи го тоа, ти ќе му натрупаш жар на главата негова.
21Не позволувај злото да те победи, туку победи го злото со добро.
Who We AreWhat We EelieveWhat We Do
2025 by iamachristian.org,Inc All rights reserved.
