Мудри Соломонови Изреки 3 - Свето Писмо (Гаврилова) 1990(MK1990)

Патот до мудроста; мудроста е поскапецена од богатството.

1Синко, не ја заборавај поуката Моја и срцето твое да ги чува заповедите Мои;

2зашто тие ќе ти придадат долги дни, години на живот и мир.

3Милостињата и верата да не бидат скудни во тебе: обеси ги на вратот свој, напиши ги на плочите на срцето свое, –

4па ќе најдеш милост и благоволение пред очите на Бога и на луѓето.

5Надевај се на Господа од сѐ срце и не се потпирај врз твојот разум.

6По сите свои патишта размислувај за Него, и Он ќе ти ги покаже твоите патеки.

7Не се сметај за мудрец; бој се од Господа и бегај од злото:

8тоа ќе биде здравје за твоето тело и лек за твоите коски.

9Давај му принос на Господа од имотот твој и од привините на плодовите од твоите придобивки,

10та твоите житници да се исполнат до врвот, твоите бочви да се прелеваат од вино.

11Не занемарувај ја, синко, казната од Господа, и да не ти е тешко од Неговото изобличување;

12зашто кого Господ го сака, него и го кара, како и таткото синот свој што го љуби.

13Блажен е човекот, кој се здобил со мудрост, и човек, што спечалил разум;

14подобро е да ја добиеме неа, отколку ризници со сребро и злато;

15таа е поскапа и од скапоцени камења; ни едно зло не може да ѝ се спротивстави; таа им е добро позната на сите, што се приближуваат кон неа, ништо, па и сѐ што ти е мило, не може да се спореди со неа.

16Во десницата нејзина е долгоденствието, а во левицата ѝ е – богатството и честа; од устата ѝ излегува правда; закон и милост носи на јазикот свој;

17патиштата нејзини се пријатни патишта, и сите патеки нејзини се – спокојни.

18таа е дрво на животот за оние, што ја придобиваат, и блажени се, кои ја запазуваат.

19Господ со премудроста ја основа земјата, со разум ги утврди небесата;

20преку Неговата премудрост се отворија бездните, и облаците оросија со роса.

21Синко, не ги испуштај од предвид овие, работи; запази ја мудроста и разумот;

22тие ќе бидат живот за душата твоја и украс на вратот твој; ќе бидат изцеление за твоето тело и лек за твоите коски.

23Тогаш ќе одиш без опасност по патот свој, и ногата твоја нема да се сопне.

24Коге ќе легнеш да спиеш, нема да се плашиш, и кога ќе заспиеш, сонот ќе ти биде пријатен.

25Нема да се исплашиш од ненадеен страв, ниту од напад, кој доаѓа од безбожниците,

26бидејќи Господ ќе биде на сите твои патишта и ќе ја запази ногата твоја од препнување.

27Не откажувај да му направиш добро на оној, кој има потреба, кога раката твоја има сила да му помогне.

28Не му вели на пријателот свој: »Оди си и дојди пак; утре ќе ти дадам« кога си во состојба да му помогнеш, зашто не знаеш што ќе роди утрешниот ден.

29Не крои зло против ближниот свој, кој е придојден и кој со доверба живее при тебе.

30Не се карај со човек без причина, кога не ти направил никакво зло.

31не завидувај му на човек што постапува насилно, и не избирај ни – еден од патиштата негови,

32зашто на Господа му е одвратен безбожникот, а близок е со праведникот.

33Проклетството Господово е врз домот на нечесниот, а живеалиштето на праведникот Бог го благословува.

34Над оние што се подигруваат, Он се потсмева, а на смирените им дава благодат.

35Мудрите ќе наследат слава, а безумните – срам.

Blog
About Us
Message
Site Map

Who We AreWhat We EelieveWhat We Do

Terms of UsePrivacy Notice

2025 by iamachristian.org,Inc All rights reserved.

Home
Gospel
Question
Blog
Help