2 Летописи 23 - Свето Писмо (Гаврилова) 1990(MK1990)

Свештениците против Готолија.

1Но во седмата година Јодај се охрабри и ги зеде во сојуз со себеси стоначалниците, синот Јероамов, Исмаила, синот Јоанов, Азарија, синот Овидов, Масеја, синот Адаиев, и Елисафата, син Захариев.

2Тие ја обиколија земјата Јудина, ги собраа левитите од сите страни на Јудеја и Израилевите старешини на татковските домови и дојдоа во Ерусалим.

3И целото собрание склучи сојуз со царот во домот Божји. И Јодај им рече: »Еве, царскиот син треба да биде цар, како што рече Господ за синовите Давидови.

4Еве, што ќе направите: едната третина од вас, свештениците и левитите, што доаѓаа во сабота, нека бидат вратари при праговите,

5втората третина – при царскиот дом, третата третина – при портите на Јесод, а сиот народ нека биде во тремовите на домот Господов.

6И никој да не влегува до домот Господов, освен свештениците и оние од левитите, што служат. Тие можат да влезат, зашто се осветени; а сиот народ нека стои на стража Господова.

7И левитите нека го опколат царот од сите страни, и кој ќе влезе во домот Господов, да биде убиен. И бидете при царот, кога влегува и кога излегува.«

8Левитите и сите Јудејци направија така како што заповеда свештеникот Јодај; и секој си ги зеде своите луѓе, што доаѓаа во сабота, заедно со оние, што си заминуваа во сабота, зашто свештеникот Јодај не ги распушти смените.

9Свештеникот Јодај им ги раздаде на стотниците копјата и малите и големите цар Давидови штитови, што беа во Божјиот дом;

10и го постави сиот народ, секој со оружје свое во рацете, од десната страна на храмот до левата страна на храмот кај жртвеникот и при домот околу царот.

11Тогаш го изведоа царскиот син, му ставија венец и го прогласија за цар; го помаза Јодај и синовите негови и извика: »Да живее царот!«

12Кога го чу Готолија гласот на раздвижениот народ, кој го фалеше царот, излезе кај народот во домот Господен

13и виде: ете царот стои на своето возвишено место при влезот, а кај царот – кнезови и труби, и сиот народ на таа земја се весели, трубат со трубите и со свирки пеачи, вешти во славословието. Тогаш Готолија ја раскина својата облека и почна да вика: »Заговор! заговор!«

14Тогаш свештеникот Јодај ги повика стоначалниците кои началствуваа над војската, и им рече: »Изведете ја надвор од храмот, и кој ќе тргне по неа да биде убиен со меч. Зашто свештеникот рече: не ја убивајте во домот Господов.«

15И ѝ направија пат; а кога таа дојде при влезот на коњската врата на царскиот дом, ја убија таму.

16Јодај склучи завет со целиот народ и со царот, за да бидат народ Господов.

17И целиот народ отиде во Вааловото капиште та го разруши, и жртвениците негови и идолите негови ги разрушија, а Матана, Вааловиот свештеник, го убија пред жртвениците.

18И им ги довери Јодај делата на Господовиот дом на свештениците и левитите и ги обнови дневните свештенички и левитски смени, како што ги беше распоредил Давид до домот Господов, да Му вознесуваат сепаленица на Господа, како што е напишано во законот Мојсеев, со радост и пеење, по Давидовата наредба.

19И постави вратари при вратата на домот Господов, за да не влегува никој нечист од што и да било.

20И ги зеде стоначалниците и велможите, началниците народни и целиот народ на земјата и сите го придружуваа царот од домот Господов; тие минаа низ горната врата во царскиот дом и го ставија царот да седне на царскиот престол.

21И се веселеше целиот народ на таа земја и градот се смири. А Готолија ја убија со меч.

Blog
About Us
Message
Site Map

Who We AreWhat We EelieveWhat We Do

Terms of UsePrivacy Notice

2025 by iamachristian.org,Inc All rights reserved.

Home
Gospel
Question
Blog
Help