2 Летописи 12 - Свето Писмо (Гаврилова) 1990(MK1990)

Сусаким го победува Ровоама; смртта на Ровоам.

1Кога царството на Ровоам се зацврсти, и тој стана силен, го остави законот Господов, а заедно со него и сиот Израил.

2На петтата година од Ровоамовото царување Сусаким, египетскиот цар, се крена против Ерусалим, – зашто беа отстапиле од Господа, –

3со илјада и двесте коли и шеесет илјади коњаници; а дојдениот од Египет со него народ: Ливијци, Троглодити и Етиопјани, – број немаше;

4и ги презеде утврдените градови во Јудеја и стигна до Ерусалим.

5Тогаш пророкот Самеј дојде при Ровоама и при јудејските кнезови, што се беа собрале во Ерусалим, за да се спасат од Сусакима, и им рече: »Вака вели Господ: ‚Вие Ме оставивте, затоа и Јас ве оставам во рацете на Сусакима.‘«

6Кнезовите Израилеви и царот се смирија и рекоа: »Праведен е Господ!«

7Кога виде Господ, дека тие се смирија, дојде словото Господово до Самеја и беше речено: »Нема да ги погубам, а скоро ќе им дадам избавление; Мојот гнев нема да се излее врз Ерусалим преку раката Сусакимова;

8бидејќи тие ќе му станат слуги, за да знаат што е тоа да Ми служат Мене и да им служат на земните царства.«

9Египетскиот цар Сусаким дојде во Ерусалим и ги одзеде ризниците на домот Господов и ризниците на царскиот дом; одзеде сѐ, ги одзеде и златните штитови, што ги беше направил Соломон.

10Но царот Ровоам направи место нив бакарни штитови и ги предаде во рацете на старешините над чуварите, што го чуваа влезот во царскиот дом.

11Кога одеше царот во Господовиот дом, доаѓаа чуварите и ги носеа, а потоа пак ги враќаа во живеалиштето на чуварите.

12И кога тој се смири, гневот Господов се одврати од него и не го погуби до крај; па и во Јудеја имаше нешто добро.

13Се зацврсти царот Ровоам во Ерусалим и царуваше. Кога се зацари, тој беше на четириесет и една година, а царуваше седумнаесет години во Ерусалим, во градот, кого Господ го избра меѓу сите колена Израилеви, за да остане таму засекогаш името Негово. Мајка му се викаше Нама, Амонитка.

14И вршеше зло, зашто не го беше расположил срцето свое за да Го побара Господа.

15Делата на Ровоама, први и последни, се опишани во записите на пророкот Самеја и јасновидецот Ада во родословијата. Ровоам имаше војни со Јеровоама во сите денови.

16Ровоам почина при татковците свои и беше погребан во Давидовиот град. И место него стана цар синот негов Авија.

Blog
About Us
Message
Site Map

Who We AreWhat We EelieveWhat We Do

Terms of UsePrivacy Notice

2025 by iamachristian.org,Inc All rights reserved.

Home
Gospel
Question
Blog
Help