1Синко, пази ги зборовите мои, и сокриј ги во тебе заповедите мои. Синко, почитувај Го Господа, – и ќе се зацврстиш и, освен од Него, не се плаши од никого.
2Пази ги заповедите мои, и ќе живееш; пази го и учењето мое, како зеницата на очите свои.
3Врзи ги на прстите свои, напиши ги на плочите од срцето свое.
4Кажи ѝ на мудроста: »Ти си ми сестра!« – и наречи го разумот твој роднина,
5за да те пазат од жената на друг, од туѓа, која ги засладува зборовите свои.
6Ете, еднаш гледав од прозорецот на куќата моја, низ мојата решетка,
7и видов меѓу неискусните, забележав меѓу младите едно неразумно момче,
8кое минуваше преку плоштадот близу до нејзиниот агол и кое одеше по патот кон нејзината куќа,
9квечерина кога се стемнуваше, во ноќната темнина и во мракот.
10И ете, во пресрет му доаѓа жена, наконтена како блудница, со подмолно срце,
11зборлива и нескротлива, нозете нејзини не се запираат в куќи:
12де на улицата, де по плоштадите и на секој агол поставува стапици.
13Таа го зграпчи, го бакна и со бесрамно лице му зборуваше:
14»Мирна жртва имам денес: денес го исполнив планот свој;
15затоа и излегов да те пресретнам, за да те побарам, и те најдов;
16со килими го украсив леглото свое, со разнобојни покривки египетски;
17леглото свое го попрскав со смирна, алој и дарчин;
18дојди, ќе се насладуваме со љубовта дури до зори, дојди да се радуваме во милување,
19зашто маж ми не е дома: тој замина на долг пат;
20една кеса сребро зеде со себеси; ќе си дојде дома кон полната месечина.«
21Со многу ласкави зборови таа го привлече, со меката уста своја го овладеа.
22Тој веднаш тргна по неа, како што вол оди на колење и како куче – на верига, како елен – на истрел,
23додека стрела не му го пробие црниот дроб, како птичка што се фрла во стапица, а не знае дека е таа за нејзина погибел.
24И затоа, синко, послушај ме и внимавај на зборовите од устата моја.
25Да не скршнува срцето твое по нејзиниот пат, да не талка по патеките нејзини,
26зашто таа многумина смртно ранила, и многумина јунаци таа убила.
27Нејзиниот дом е пат кон пеколот, кој води во внатрешните живеалишта на смртта.
Who We AreWhat We EelieveWhat We Do
2025 by iamachristian.org,Inc All rights reserved.
